На две столчиња, додека се може | Свет | DW | 19.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На две столчиња, додека се може

Српската политика на балансирање меѓу Русија и Западот продолжи со непроменето темпо дури и по предупредувањето од Запад дека тоа така не оди. Меѓународни експерти со кои разговараше ДВ не очекуваат брзи промени.

Најавата за состанокот меѓу претседателите на Русија и на Србија, Владимир Путин и Александар Вучиќ не беше премногу одредена: ќе се зборува за „развојот на руско-српското партнерство“. Вучиќ рече дека очекува добри вести, но и оти никој не би сакал да се „најде во неговата кожа“. Српските медиуми се фокусираа на бизнисот и набавката на оружје.

Но посетата покажува и дека Србија одбива да одбере страна во време кога тензиите меѓу Москва и Запад не стивнуваат, напротив. За време на посетата на Белград во октомври американскиот дипломат Брајан Хојт Ји ја предупреди Србија оти е тешко да се седи на две раздалечени столчиња.

Приказната за „двете столчиња“ беше „политика практично на секоја влада во Србија“, вели Димитар Бечев, соработник во Атлантскиот совет и автор на книгата „Ривалска моќ: Русија во Југоисточна Европа“.

Повеќе на темата:

-Селфи со Путин за пазарење со ЕУ

-Србија: ЕУ или Евроазија?

-Самопослугата на Вучиќ: Од ЛГБТ-премиерка до руски Мигови

На крајот, влогот за Србија не е само традиционално добриот однос со православната мајка. ЕУ, додуша, е далеку најголем трговски партнер и во Србија вложи 7 пати повеќе од Русија од 2010 година наваму. Но, во време додека се прекршува трасата на идниот гасовод Турски тек, Србија, која е целосно зависна од руски енергенси, тешко може да си дозволи избор на само едно столче.

Чуствителното прашање за НАТО

Иако во последно време, по набавката на половни авиони од типот Миг од Русија, се зборува и за купување на руски противвоздушни системи и воени хеликоптери, Србија и на воен план досега успеваше да игра на две страни. Така годинава одржа две воени вежби со Русија, но дури 13 со НАТО или со членките на Алијансата, а 7 со американските трупи.

Балансирањето на жица меѓу Запад и Исток е особено важно на овој план. Димитар Бечев во разговорот за ДВ потсетува дека Србите не го заборавија бомбардирањето на СР Југославија. „Многу Срби нагласуваат дека се чувствуваат како жртви поради случувањата во 90-тите години, а Русија се гледа како сила која може да ги исправи тие неправди“, вели тој. Сепак, Бечев нагласува оти „српското општество е многу повеќе позападно ориентирано. Руската мека моќ не е толку присутна како во деловите од поранешниот Советски Сојуз.“

Јелена Гускова од Институтот за балкански студии при московската Академија на науки оди и чекор натаму. Таа тврди дека соработката со руската војска е „гаранција за сигурност“ за многу Срби кои се „вџашени“ поради соработката на нивната власт со НАТО. „Ги бомбардираа не така одамна, а сега нудат соработка“, вели Гускова за ДВ.

Кој ја притиска Србија?

Нашите соговорници како потенцијална нагазна мина во српската политика на две столчиња го истакнуваат руско-српскиот Хуманитарен центар во Ниш. На Запад и самата позиција на овој центар буди сомнеж- релативно близу е Косово каде е американската воена база Бондстил и границите со Бугарија која е членка на НАТО. Во последнава година забележлив е пораст на притисокот од Москва персоналот во Хуманитарниот центар да добие дипломатски статус.

Бечев вели дека ова прашање може да биде повод Русија да ја „замати водата“. За такво нешто, смета овој политиколог, Русија во Србија има потенцијал. „А тогаш би можело да стане многу тешко за Србија да го одржи традиционалното балансирање меѓу Исток и Запад“, додава Бечев.

Од друга страна, доколку Москва продолжи да му остава простор на Вучиќ за маневри, стратегијата на две столчиња би можела да продолжи во наредните години. „Ако е одржлива сега кога односите се многу поларизирани, тогаш веројатно ќе може да се одржи и во времиња кога ќе се подобрат односите меѓу Запад и Русија“, додава Бечев.

Гускова пак смета дека единствено Запад, а не Русија, ја притиска Србија дефинитивно да одбере страна. „Годинава веќе слушнавме јасни сигнали од западните политичари дека Србија мора да се одлучи“, потсетува таа.

Димитар Бечев смета оти позицијата среде геополитичко влечење на конците ѝ одговара на власта на Вучиќ: „Сѐ додека Србија е ринг меѓу НАТО- или Запад- и Русија, западните влади ќе бидат попустливи кон Вучиќ. Нема да поставуваат непријатни прашања.“ Затоа, смета тој, Србија ќе го одложува изборот на столчето колку може повеќе и завршува со англиска фраза која најдобро може да се преведе на следниов начин: Белград ги сака и волкот сит и овците на број.

DW.COM

Реклама