На вага: Воена реакција на САД во Ирак? | Свет | DW | 13.06.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

На вага: Воена реакција на САД во Ирак?

Џихадистите го продолжуваат освојувачкиот поход кон Багдад. Исламистичката опасност во Ирак ги стави САД и Иран на иста страна. Вашингтон одмерува евентуална воена интервенција. Ирак се мобилизира против исламистите.

Највисокиот шиитски верски лидер во Ирак, ајатолах Али ал Систини повика денеска на вооружена борба на шиитите против сунитските исламисти од милитантната група Исламска држава во Ирак и Левантот. Припадниците на оваа група, која покрај во Ирак дејствува и во Сирија, каде војува не само против силите на претседателот Башар Асад, туку и против другите сириски бунтовнички групи, за само четири дена освоија неколку ирачки градови, меѓу кои и Мосул и зазедоа голема територија во централниот и источниот дел од државата.

Ајатолахот Ал Систини за време на денешната молитва им порача на шиитите „да се фатат за оружје“ за да се одбранат и за да ја запрат офанзивата на милитантните сунитски исламисти. Повикот за „војна за спас на земјата“ доаѓа откако исламистите лесно и брзо ги освоија градовите северно од Багдад, заканувајќи му се сега и на главниот ирачки град, како и на неколку места на југот на земјата, каде доминира шиитското население.

Шиитите се мнозинство во Ирак, а во време на Садам Хусеин тие беа потиснати од политиката и од општествениот живот и имаа статус на „граѓани од втор ред“.

Сунитите, кои се незадоволни затоа што го загубија некогашниот повластен статус од времето на Хусеин, го обвинуваат премиерот шиит Нури ал Малики дека ги маргинализира, што и‘ оди на рака на групата Исламска држаава во Ирак и Левантот и нејзината намера да создаде сунитски исламистички држави на Блискиот Исток.

Irak Ajatollah Ali al-Sistani

Aјатолахoт Али ал Систини

ОН денеска предупредија на насилството што се случува на територијата што ја освојуваат ислмистите, кои брутално се пресметуваат со цивилното население, спроведувјќи егзекуции и обезглавување на противниците и неистомислениците.

САД и Иран на иста страна

САД највија дека подготвуваат мерки за помош на владата во Багдад, а западните медиуми пишуваат дека Вашингтон ќе испрати беспилотни летала за пресметка со исламистите. Американскиот претседател Барак Обама ја увери ирачката влада во својата поддршка. Белата куќа соопшти дека тој ги одмерува сите опции во врска со Ирак. Опасноста од ирачките џихадисти ги обедини инаку заколнатите непријатели, САД и Иран.

Шиитски Иран е толку загрижен од напредокот на сунитските бунтовници во Ирак, што, се чини, е подготвен да соработува и со САД само за да им помогне на властите во Багдад да го одбијат џихадистичкиот напад, соопшти висок ирански претставник. Идејата се разгледува меѓу раководството на Исламската република, изјави претставникот, кој посака анонимност. Тој, меѓутоа, не објасни дали прашањето било покренато пред некоја трета земја.

Иран сака на соседите да им испрати советници и оружје, но веројатно не и војници, за да му помогне на својот сојузник, премиерот Нури ал Малики, да ја надмине сериозната закана за регионалната стабилност. Техеран е отворен за можноста да работи заедно со САД во давањето поддршка на Багдад, рече виоскиот ирански претставник, додавајќи дека „Иран има силно влијание во Ирак, Сирија и многу други земји“.

Иранскиот претседател Хасан Рохани вчера остро ги осуди „насилните активности на бунтовничките групи на Блискиот Исток“, и додаде дека „Иран нема да толерира терор и насилство“.

Ирански генерал изјави дека неговата земја „е подготвена на Ирак да му достави воена опрема или консултации“. Според него, испраќањето иранска војска не било неопходно. Претходно, ИТАР-ТАСС јави дека три батаљона на иранските елитни специјални сили што се дел од Корпусот на гардата на Исламската револуција, се префрлени во Ирак за да се борат против сунитската група Исламска држава во Ирак и Левантот (ИДИЛ).

Штајнмаер: ИДИЛ покажа дека станала моќна сила

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер изјави денеска дека брзото напредување на сунитските екстремисти во Ирак покажува дека тие стануваат моќна сила, која ќе ги отежне напорите да се спречи поделбата на земјата.

Irak Unruhen ISIL Kämpfer in Mosul 11. Juni 2014

Борците на ИДИЛ напредуваат во правец на Багдад

Според него, масовната офанзива на припадниците на Исламската држава во Ирак и Левантот изминатите денови покажала дека таа група достигнала потенцијал, кој го надминува нивото на терористички напади.

„Исламската држава во Ирак и Левантот сега е моќен фактор со кој во иднина ќе мораме да се позанимаваме не само во Ирак, туку и во целиот регион“, додаде Штајнмаер.

Германија претходно ги повика своие граѓани да го напуштат Ирак.

Припадници на Исламската држава во Ирак и Левантот ги зазедоа изминатите денови градовите Мосул и Тикрит, при што повеќе од половина милион лица беа принудени да побегнат од своите куќи. Групата се закани дека следни градови кон кои ќе се упати ќе бидат Багдад, Карбала и Наџаф.

Реклама