На Балканот ситење поради брегзит и пароли да се опстои | Свет | DW | 29.06.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

На Балканот ситење поради брегзит и пароли да се опстои

Официјално и по брегзит се нагласува перспективата за пристап на балканските земји кон ЕУ, но привлечната сила на Унијата сепак во регионот претрпе штета.

Некои Хрвати на гласањето за брегзит реагираа со црн хумор: Кога Хрватска ќе пристапи, секоја заедница од држави порано или подоцна се распаѓа – се вели во форумите на интернет, алудирајќи на некогашна Југославија и Австроунгарија. Во официјалните реакции, напротив, преовладува дозиран оптимизам. Хрватскиот министер за надворешни работи Миро Ковач решението на Британците го нарече жесток удар за единството на ЕУ, но истовремено се заложи за отворена дебата за иднината на Унијата потресена од криза.

Bosnien und Herzegowina Christian Schwarz-Schilling

Кристијан Шварц-Шилинг

Во Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово реакциите одат од ситење и цинизам, преку демонстративна непоколебливост, па се` до несигурност и беспомошност, оти и уште пред референдумот во ЕУ речиси и не постоеше вистинска готовност за проширување. Сега на сите кои во главните градови на Балканот се пријателски настроени кон ЕУ им е јасно дека приемот на нови членови би можел да падне уште поназад на бриселската листа на приоритети.

„Балканизација на Европа“

Кристијан Шварц-Шилинг, поранешен висок претставник на меѓународната заедница во БиХ, смета дека со британското излегување од ЕУ е загрозена перспективата за пристап на земјите од Балканот. Тој очекува дека сега антиевропските политички сили и во медиумите ќе го преземат приматот и брегзитот ќе го искористат за нивната пропаганда. „Поради тоа мораме многу појасно да ја преземеме нашата одговорност. Гледаме дека во БиХ и Косово, значи во земји во кои силно интервениравме, настануваат хаотични односи, оти во Брисел се смета дека е доволно таму да се биде присутен неколку години и потоа се` ќе биде в ред. Тоа беше погрешно”, вели Шварц-Шилинг. Тој ја критикува политиката на ЕУ во изминатите години оти „балканизацијата на Европа почесто стоеше на дневен ред отколку неопходната европеизација на Балканот“.

Надеж за германска подршка

Serbien Premierminister Aleksandar Vucic

Српскиот премиер Александар Вучиќ

Опасноста од иструментализација на гласањето за брегзит од страна на националистички и антиевропски сили ја согледаа и политичарите од власта во Србија, земја-кандидат за членство во ЕУ. Премиерот Александар Вучиќ побрза да нагласи дека неговата земја ќе остане на европскиот курс. Тој категорично го отфрли барањето на српските евроскептици за референдум за приближувањето кон ЕУ укажувајќи дека на парламентарните избори во април големо мнозинство ја потврди неговата проевропска политика. Освен тоа, Вучиќ нагласи: „За стабилноста на Србија е многу важно малиот српски брод да остане со јаже врзан за големиот германски брод”.

Првите негативни последици од брегзитот Белград ги почувствува веќе во понеделникот: отворањето на Главата 23 од преговорите за пристап кон ЕУ е одложено на неодредено време.

Умерен оптимизам

Слични тврдења за останување на европскиот курс и покрај брегзитот дојдоа од владите на сите балкански држави. Претседателот на косовскиот парламент Кадри Весели нагласи: „За Косово се недопирливи како добрата соработка со Велика Британија, така и продолжувањето на приближувањето кон ЕУ“. И Зоран Заев, шеф на опозицијата во Македонија, смета дека нема алтернатива за членството на неговата земја во ЕУ. Тој, како и големото мнозинство на граѓаните, бил цврсто убеден во тоа, дека европските вредности и ЕУ-интеграцијата се решавачки за подобра и посигурна иднина на Македонија.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement

Зоран Заев

Но, привлечната сила на ЕУ во регионот ослабе уште пред британскиот референдум. Националистичките политичари веќе со години тврдат дека ЕУ ќе се распадне уште пред во неа да пристапат државите од Западен Балкан. Партиите кои се на власт во БиХ и во Македонија сега имаат уште подобар изговор за одложување на неопходните политички и економски реформи.Со оглед на компликуваната геополитичка ситуација и на турските и руските интереси на Балканот, никој не се осмелува на сериозна проценка за директните надворешно-политички влијанија на британскиот референдум врз регионот. Само на најголемите противници на ЕУ им се чини дека знаат како ќе одат работите понатаму. Српскиот ултра-националист Воислав Шешељ го славеше резултатот од референдумот како смртен истрел за омразената ЕУ и зборуваше за прекрасна вест, која ги израдува сите Срби. Преку твитер тој објави: „Британците му забија колец директно в срце на трупот ЕУ”.

Поврзана содржина

Реклама