1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најопасните исламистички терористички групи во Африка и Блискиот Исток

Свен Пеле / Жана Ацеска6 јули 2014

Војна во Ирак, киднапирања во Нигерија, напади во Сомалија - радикално исламистичките терористички групи како ИДИЛ, Боко Харам и Ал-Шабаб не ги оставаат на мир Африка и арапскиот свет. Кои се најопасните?

https://p.dw.com/p/1CRIi
Фотографија: picture-alliance/abaca

ИДИЛ: Сунитската терористичка организација ИДИЛ во релативно кратко време ја прошири својата база на власт и под своја контрола стави цели региони. Своите идеолошки определби ИДИЛ ги „цементираше“ во своето име: „Исламска држава во Ирак и Левант“. Целта е голема исламска верска држава, која би ги обединувала Сирија, делови од Ирак, Либан и големи делови на Палестина и Јордан. Терористичката група се смета за порадикална отколку Ал Каеда. ИДИЛ главно се финансира преку приватни донации од заливските држави Катар и Саудиска Арабија. Други извори на пари за ИДИЛ се нафтените наоѓалишта во северна Сирија, како и систематските уцени. Експертите проценуваат дека терористичката група во своите редови има околу 10.000 борци. Посебен прилив на ИДИЛ и‘ овозможува конфликтот меѓу сунитското малцинство и шиитското мнозинство во Ирак. Кон ова доаѓа и голем број меѓународни религиозни исламски борци и конвертити.

Боко Харам: Името на исламистичката терористичка организација Боко Харам значи во превод отприлика: „западното образование е грев“. Таа се бори во мнозински муслиманскиот северен дел од Нигерија и се залага за воведување на шеријатското право во целата земја. Терористичката група во последно време предизвика големо внимание преку киднапирањата. Големата сиромаштија и безработицата во северна Нигерија на водачите на Боко Харам им олеснуваат да регрутираат нови борци. Нигериската војска не им е дорасната на добро вооружените терористи. Од 2003 година во нападите врз војската, службите, црквите и училиштата беа убиени илјадници луѓе. Во 2014 година во напади од Боко Харам имаше околу 2 илјади загинати само во 4 месеци.

Somalia Terror Shabaab Kämpfer tranieren bei Mogadishu
Ал-Шабаб милициите во СомалијаФотографија: picture-alliance/AP

Ал-Шабаб: исламистичката Ал-Шабаб милиција е формирана меѓу 2004 и 2006 во Сомалија. Земјата во тоа време веќе 15 години се наоѓаше во граѓанска војна. Името Ал-Шабаб значи „Младина“. Групата се бори за создавање верска држава на Рогот на Африка. Нејзинината радикално-исламистичка идеологија не познава никакви државни граници. Во меѓувреме таа врши напади низ цела источна Африка, како и во главниот град Најроби, каде во септември 2013 година во нападот врз трговски центар беа убиени над 60 луѓе. Ал-Шабаб контролира големи делови од централна и јужна Сомалија. Водечки личности истакнуваат дека соработуваат со Ал Каеда во обучувањето на борци. Групата одржува врски исто така и со Боко Харам.

Internetvideo Al-Kaida Ayman al-Zawahiri 2013 ARCHIVBILD
Аиман ал-ЗавахириФотографија: picture-alliance/dpa

Ал Каеда: Ал Каеда се смета за матична организација на глобалниот џихад. Нејзиното име значи „база“, односно „фундамент“. Таа беше организатор на терористичките напади од 11 септември 2001 година. Нејзината цел е создавање верска исламска држава која би ги опфаќала сите исламски држави и региони. По смртта на Осама бин Ладен, организацијата ја води Египќанецот Аим ал Завахири. Денес Ал Каеда е лабав сојуз на доста автономни одделни келии во различни земји, меѓу кои Ал Каеда на исламски Магреб, која е активна првенствено во Алжир, но и во северно Мали, како и Ал Каеда во Јемен, упориште на џихадистите. Во Ирак организацијата ИДИЛ се отцепи од Ал Каеда.

Syrien Bürgerkrieg Kämpfer von Al Nusra Front
Борци на Ал-Нусра-ФронтотФотографија: picture-alliance/AP

Ал-Нусра-Фронт: Фронтот Ал-Нусра важи официјално за крило на Ал Каеда. Името значи „фронт за поддршка на сирискиот народ“ . Таа е една од најважните бунтовнички групи во Сирија. Во нејзините прокламирани цели спаѓа создавање исламистичка држава во Сирија и крајно во целиот Левант, значи во земјите на источниот средоземноморски простор. Според проценките, Ал-Нусра Фронтот брои меѓу 5.000 и 7.000 членови, а претежно е присутна во северна Сирија.

Ансар-ал-Шарија: „Приврзаници на исламското право“, се нарекуваат организаците во Либија и Тунис. Помали групи на Ансар ал-Шарија има и во цела редица држави на Блискиот Исток и северна Африка. Нивна цел е воведување на исламското право. Упориште на либиската Ансар-ал-Шарија е пристаништето Бенгази. Организацијата е одговорна за нападот врз американскиот конзулат во Бенгази на 11 септември 2012 година. Тогаш загинаа четири лица, меѓу кои и американскиот амбасадор. За Ансар-ал-Шарија се вели дека има врски со Ал-Каеда, но организацијата тоа го негира.

Hisbollah Parade in Libanon Archivbild 28.11.2012
Парада на Хезболах во ЛибанФотографија: Mahmoud Zayyat/AFP/Getty Images

Хезболах: Либанскиот Хезболах е основан во 1982 година. Шиитската организација поддршка добива од Иран и од Сирија.Нејзиното воено крило, на пример, во САД или ЕУ се смета за терористичка организација. Единици на Хезболах во Сирија се борат на страната на војската од Башар ал-Асад.

Хамас: „Исламистичкото движење на отпорот“ Хамас е формирано во 1987 година. Организацијата е огранок на Муслиманското братство. Покрај Фатах на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас, Хамас е втор најважен претставник на Палестинците. Спротивно на Фатах, Хамас не го признава Израел. Целта на Хамас е уништување на израелската држава, за што користи терористички средства. Во 1990 година Израел изврши серија самоубиствени напади во Израел. Од 2007 година Хамас владее со Појасот Газа, додека Фатах е на власт во Западниот Брег. Неодамна Фатах и Хамас се согласија на заедничка влада на единство. По киднапирањето на тројца израелски ученици во Западниот Брег, Израел спроведува бран апсења на членови на Хамас.