Најлошо сценарио во пандемијата: Што ако се зарази цела влада? | Информации и анализи за Германија | DW | 27.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Најлошо сценарио во пандемијата: Што ако се зарази цела влада?

Пандемијата на коронавирусот директно влијае врз германската влада. По министерот за здравство Јенс Шпан, други членови на владата би можеле да бидат заразени. Што ќе се случи тогаш? Дали постои план за итни случаи?

„Со оглед на ситуацијата, засега сум добро. За среќа, симптомите на настинка не се влошија “, рече Јенс Шпан (40), министер за здравство, во видео порака објавена на Фејсбук во неделата (25 октомври).

Тој беше на владина седница минатата недела (21 октомври). Сите забележаа дека му е рапав гласот, но ништо повеќе од тоа. Кога се појави болка во грлото, тој веднаш направи ПЦР-тест на коронавирус, кој беше позитивен. Потоа Шпан веднаш се повлече во карантин.

Повеќе:

-Германскиот министер за здравство позитивен на Ковид-19

На прашањето на ДВ колку ќе трае карантинот, портпаролот на Министерството за здравство одговори дека министерот ќе ги почитува правилата на неговите здравствени власти. Значи, веројатно 14 дена. Меѓу другото, како пример за другите.

Соработници од блискиот круг на министерот сè уште не се заразени. Сепак, потврдено е дека сопругот на Јенс Шпан има Ковид-19, како и државниот секретар од германското министерство за економска соработка, кој ручал со министерот два дена пред последната владина седница.

Откако тоа стана познато, владее напрегнатост во министерскиот круг.  Прашањето е колку учесници на седницата се заразиле  од министерот и што ќе се случи ако уште повеќе членови на владиниот кабинет отсуствуваат поради коронавирусот?

Владата како жариште на зараза?

Секоја среда министрите на германската Сојузна влада се среќаваат во конференциска сала на канцеларскиот кабинет во Берлин и разговараат за актуелни прашања и за законите кои се во подготовка. Јенс Шпан е првиот министер кој е позитивен на Ковид-19. Некои министри во последно време не присуствуваа на седниците, но поради претпазливост, а не затоа што се заразени.

Така, на пример, министерот за надворешни работи Хајко Мас беше во карантин бидејќи еден од неговите телохранители беше позитивен на коронавирусот. Во случајот на министерот за земјоделство, Петер Алтмајер, позитивен тест имаше еден вработен во неговото министерство, кој бил присутен со него на состанокот на министрите за трговија во ЕУ во Берлин. Алтмајер за секој случај доброволно се изолираше. А, сојузниот министер за труд Хубертус Хајл се повлече во својата канцеларија, бидејќи добил предупредување од апликацијата за коронавирусот.

Владата продолжува со седниците

Дали заразата на Јенс Шпан ќе значи дека владата во иднина ќе одржува само видео конференции за да се намали ризикот од зараза? Портпаролот тоа јасно го демантираше. „Состаноците на кабинетот и натаму ќе се одржуваат, со почитување на строгите хигиенски прописи за зараза“, одговори тој на прашањето на ДВ.

Повеќе:

-Нов апел на Меркел до Германците за само една недела: „Редуцирајте ги контактите“

-Коронавирус: Вакцинирање во Германија уште пред крајот на 2020?

-Пандемијата ја укинува парламентарната демократија?

Тоа значи дека меѓу двајца министри ќе остануваат две празни столчиња. Тука се и заштитните прегради од плексиглас, како и особено чувствителните микрофони, за никој да не мора да зборува гласно и со тоа забрзано да се шират аеросоли во просторијата. 

Сојузната влада не се распушта

Од друга страна, владата трезвено соопштува: „Сојузниот кабинет се среќава во согласност со хигиенските правила, чија цел е да се обезбеди дури и во случај некој подоцна има позитивен тест на коронавирусот, другите министри да не мораат да одат во карантин“. Се нагласува дека салата за конференции ја проверила берлинската здравствена канцеларија, така што „тестирање на целата Влада поради заразата на министерот Шпан апсолутно не е потребно“.

Карл Лаутербах, пратеник на СПД и стручњак за здравство, исто така смета дека на Владата не ѝ е потребен карантин. „Сите членови на владата се релевантни за системот. Поради тоа министрите едноставно мораат да продолжат со работа, со маска.“

Меѓутоа, постојат извештаи на очевидци кои велат дека членовите на Владата ги извадиле маските на претходниот состанок откако се поздравиле.

План за вонредни ситуации

Што ќе се случи во случај да се разболи канцеларката? Тоа е регулирано со членот 69. од Уставот. Таа може да именува заменик кој ќе треба да ги извршува нејзините задачи. Но, што ако се разболи и заменикот? Тогаш важи она што важи за сите министри во владата: постои редослед на заменици.

Прво на ред доаѓаат државните секретари во министерствата. Додека се изредат сите, може да потрае - само Министерството за економија има пет државни секретари. По нив на ред се шефовите на одделни одделенија, прво оние со најдолг работен стаж или со најмногу години. За вонредни ситуации е предвидена и процедура за усвојување закони.

Тогаш би се оформил „Парламент за итни случаи“, кој би имал 48 пратеници, пропорционално со актуелниот однос на сили. Бундестагот во моментов има 709 пратеници. Значи, Германија и натаму би ги имала неопходните демократски институции.

Реклама