1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најдолгиот пат до Брисел

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
19 јули 2022

Дали ќе стасаме до Дијарбекир, осудени на 101 година, или до Брисел, зависи од скретничарите во Скопје и во Софија и од маневрите на локомотивите. Пишува Ерол Ризаов

https://www.dw.com/mk/%D0%BD%D0%B0%D1%98%D0%B4%D0%BE%D0%BB%D0%B3%D0%B8%D0%BE%D1%82-%D0%BF%D0%B0%D1%82-%D0%B4%D0%BE-%D0%B1%D1%80%D0%B8%D1%81%D0%B5%D0%BB/a-62517955
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Половина македонска влада и една голема група од над 50 новинари и фоторепортери летнаа со грчки авион за Брисел. За кого како, но за мене во тоа има некоја симболика. Сабајлево истурив една кофа вода според добрите обичаи да им оди работата со лесно.

Денес се одржува првата меѓувладина конференција со ЕУ што ја чекавме 17 години и која треба да го означи почетокот на претпристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ. Велат, ако нешто не почне, не може ни да заврши. До престолнината на Европа тие патуваа два часа. Ние, преостанатите, помалку од два милиона, ќе патуваме со Ориент експрес преку Софија. За оптимистите патешествието ќе трае десетина години, а според песимистите ќе останеме заглавени на првата станица, некаде кај „Рајко Жинзифов“, додека не се изгради пругата за Бугарија.

Во секој случај, тоа ќе биде најдолгиот пат на Македонија до иднината. Дали ќе стасаме до Дијарбекир, осудени на 101 година, или до Брисел, зависи од скретничарите во Скопје и во Софија и од маневрите на локомотивите. Ќе гледаме римејк на филмот на Бранко Гапо, или на Агата Кристи и инспекторот Херкул Поаро, кој секогаш го открива злосторникот и го разрешува замрсениот мистичен случај. Како ќе биде разрешувањето на злосторството врз Македонија ќе зависи од многу предвидени и уште повеќе непредвидени рампи и околности. 

Лангзам, лангзам, абер зихер

Засега можеме само да кажеме: добро е што тргна возот, кој, иако се вика експрес, ја има и додавката ориент, која повеќе означува бавно, отколку брзо патување. Турците велат „јаваш јаваш, ендек вар“ - „полека, полека, има ендек“. Или, можеби подобра е германската варијанта со исто значење „лангзам, лангзам, абер зихер“- „полека, полека, ама сигурно“.

Не можам да ја прескокнам лошата асоцијација од пред 18 години кога нашето патување кон Европа започна со голема трагедија. Тоа зимско утро на 26 февруари 2004 година мала група новинари во една студена сала во Даблин нестрпливо чекавме премиерот Бранко Црвенковски да ја предаде на ирскиот премиер нашата кандидатура за членство во ЕУ. Трагичната вест за падот на авионот кај Мостар, во кој загина претседателот Борис Трајковски и неговите  соработници кои беа тргнати на мировна мисија, ја одложи кандидатурата за една година. Се вративме во Скопје тажни и разочарани со незавршена работа. Оттогаш лошо ни тргнаа работите со нашето членство во ЕУ. Во таа одложена година се случија многу работи, и на домашната и на светската политичка сцена, кои не ни одеа во прилог.

Македонија во сите преломни историски моменти доцни, или е попречувана да ги оствари своите вековни стремежи, но секогаш, макар и меѓу последните, стасувала на целта. Историските закономерности навестуваат дека и овојпат ќе биде така. Со големо задоцнување, онеправдана и попречувана, Македонија ќе го оствари својот снеубавен сон, бидејќи е стратегиски интерес од најголемо значење да стане членка на европското семејство и да ги примени западноевропските вредности.

Може патувањето да потрае и десет, или повеќе години за редовно членство во ЕУ, а европеизацијата да трае и многу подолго, бидејќи тоа се два различни процеса кога се европеизираат балканските народи и држави, без оглед дали се членки, или не. Тука е една од големите причини за нашето доцнење. 

Нови патокази од Брисел, Софија и Скопје

Од каде овие надежи, кога нѐ очекуваат уставни промени за кои постои голема неизвесност дека ќе се случат, а кои се предуслов за премавнување на точката од која нема враќање назад?Тоа не е само почетокот на преговорите во Брисел, туку и неколку патокази кои стасаа и од Софија и од Скопје и од  Брисел и Вашингтон - дека добрососедските односи мора да попримат еден сосема друг тек и јазик на меѓусебно разбирање и почитување без понижувања и сеење омраза, почнувајќи од сопствениот двор. Само така може да се воспостави доверба меѓу двата народа.

Најилустративни и најпоучни, иако прилично осамени, се изјавите на неколку  јавни личности од Бугарија кои деновиве попримија широк публицитет во Македонија и во Бугарија. Универзитетскиот професор Ивајло Дичев ќе напише: „Време е да започнат актите на почитување. Секое обновување на односите меѓу нашите блиски народи мора да започне со акти на почит. Со 'европскиот предлог' ги притиснавме: сега на ред се победниците да направат гест на благородништво и да отстапат нешто. Можеме, на пример, да се откажеме од нашата апсурдна тврдоглавост за јазикот...

Во меѓународните односи нема авторски права врз националните јазици, а уште помалку една земја може да определи како соседот да го нарекува својот јазик. Самата Урсула фон дер Лајен тоа го кажа пред македонскиот парламент: 'Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик'. Ниту една од нашите фусноти нема да има во Европската унија, и според мене, сега е време да се откажеме од оваа тема - свечено, благородно.“

Историчарот Стефан Дечев, пак, остро ја осудува навредливата изјава на минстерката во оставка Генчовска по потпишувањето на „озогласениот“ невидлив протокол. Дечев вели: „Генчовска воопшто не сфаќа колку е арогантно и навредливо за говорителите на овој јазик кого тие го нарекуваат 'македонски', зашто како поинаку да го нарекуваат? И тоа остава исклучително лош впечаток во странство и создава погрешна претстава дека и Бугарија нема никакво право (да преговара) за историските прашања. 

Не може поради одлуката на еден дел во БАН, или едно семејство лингвисти цела Бугарија да се срами. Во Брисел, во Париз, во Берлин, во Амстердам, во Копенхаген, во Токио, во Вашингтон, во Москва, во Киев, во министерства за надворешни работи, на универзитети, катедри, јазикот е 'македонски', но Генчовска сакала да направи изјава! Ако комшијата јазикот ти го нарекува 'македонски', тогаш само поради доброто воспитување, а не од филололошко знаење, треба да го нарекуваш 'македонски'“, вели познатиот бугарски историчар, кој уште поодамна беше кажал и со Тито и без Тито Македонија ќе беше независна држава.

Одговорот не е кај нотарот

И конечно, кога невидливиот протокол стана видлив и достапен до целата македонска и бугарска јавност, се виде колку сложена и сериозна работа е завршена ако се земат бројните обврски кои ги преземале двете страни во сите области и кои не се спорни. Се работи за стотина договори и проекти кои се од извонредно економско, образовно и културно значење. Ако сите овие обврски се завршат во догледно време со поддршка на ЕУ, тогаш неминовно е воспоставувањето на меѓусебна доверба која води до полесно решение на спорните историски прашања со компромиси кои нема да ги засегаат македонските идентитетски посебности.

- повеќе од авторот: Францускиот предлог и македонското чистилиште на идентитетот

Се разбира, политиката и нејзините внатрешни потреби во битките за власт и во двете земји можат да предизвикаат нови блокади и застои во меѓусебните односи. Сѐ уште се тешки последиците од долгогодишните политики кои оставиле пустош во главите на многу луѓе низ целата историја на меѓусебните односи на Бугарите и Македонците. Голем број луѓе и на двете страни здушно работат на тоа да не се остварат добрите односи меѓу двата соседа. Некои од тоа добро живеат и остваруваат привилегии.

- повеќе од авторот: Гори фитилот на бурето барут

И во Македонија и во Бугарија, за жал, стана храброст и мерка за патриотизам да се спречат добрите односи и меѓусебното почитување. Бугарија, како членка на ЕУ и како наш сојузник во НАТО, но и како обврска од Договорот за добрососедство и по сопствено јавно признание, повеќепати повторува дека е целосно посветена Македонија да стане членка на ЕУ. Таа треба да го направи првиот чекор кој ќе ги обесхрабри противниците на добрососедство. Доволно е да се почне од двете научно докажани неспорни вистини - и за македонскиот јазик и за окупацијата на територијата на денешна Македонија во Втората светска војна.

На домашната политичка сцена, пак, во ВМРО ДПМНЕ ќе треба конечно да откријат кому пак помагаат нивните домашни блокади. Ја испуштија шансата да дадат свој придонес со Преспанскиот договор и со членството во НАТО. Дали истото ќе им се случи и со почетокот на преговорите и со членството во ЕУ? Наместо кај нотар, одговорот на ова прашање е на друго место.    

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Ковачевски македонското Собрание

Огнени кочии

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница