Најголемиот непријател на Ево Моралес | Свет | DW | 11.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Најголемиот непријател на Ево Моралес

По повеќенеделните протести во земјата, претседателот на Боливија распиша нови избори. Премногу задоцнет потег, Ево Моралес не ги препозна знаците навреме, оценува Јохан Рамирез.

Претседателот Ево Моралес не ја сфати политичката криза во која се наоѓа Боливија. Тоа изненадува ако се земе предвид дека е на власт од 2006. Не само што не сфати дека неговиот сјај избледе во речиси 14 години владеење, туку не ја препозна ни промената што се случи во неговата земја. Во политиката тоа е грешка која не се простува. Моралес го игнорираше исходот од референдумот од 21 февруари 2016, кога мнозинството Боливијци го отфрли неговото барање за четврт мандат. Тоа беше првата порака која претседателот не ја разбра. Повеќе од половина од земјата сакаше транзиција и тоа е одлука која во демократијата е неоспорна. Тој не разбра дека е време да дојде до промена во раководството на земјата. Наместо да поддржи кандидат од редовите на својата партија МАС и на тој начин да ја обезбеди власта во владината палата „Паласио Кумадо“, тој бараше правни дупки за сепак да може самиот да се кандидира.

Кршење на довербата

Демонстрациите против Моралес не сопреа до денот на изборите. Моралес, пак, не само што беше решен да победи, туку тоа сакаше да го постигне уште во првиот круг од изборите.

DW Quadriga - Johan Ramírez (DW)

Јохан Рамирез, автор на коментарот

Прелиминарниот извештај на Организацијата на американски држави открива серија тешки нерегуларности и манипулации на изборниот процес кои ја ставаат под прашање довербата во официјалниот изборен резултат. Во една длабоко конзервативна земја дури ни сопствената база, во која има многу домородци, не може да му го прости тоа на Моралес. Откако кратко по изборите тој беше прогласен за победник, опозицијата излезе на улиците и бараше пребројување на гласовите. Претседателот не сакаше да ја чуе ниту оваа порака од народот. Неколку дена подоцна ситуацијата ескалираше и опозицијата бараше анулирање на првиот изборен круг и нови избори. Но, Моралес не сакаше да ја чуе ниту таа порака, па барањата за негово повлекување стануваа сѐ погласни.

Фатално обраќање

Во саботата Моралес испрати порака до нацијата која на застрашувачки начин докажа дека претседателот сѐ уште ништо не разбрал: обвини за државен удар, ги повика своите приврзаници да ја поддржат владата, зборуваше за расизам, ја премолчи поддршката на дел од полициските сили за протестите и побара дијалог кој не ги вклучува граѓанските комитети кои актуелно ја предводат опозицијата.

Таквите комитети ја мобилизираат масата, уживаат голема поддршка меѓу населението и се развиваат во социјално движење. Противењето овие комитети да се признаат како легитимни партнери за дијалог би можело да биде последната политичка грешка на Моралес. Неговото обраќање до нацијата и оцената на Организацијата на американски држави ги разгореа протестите.

Предоцна!

Ево Моралес ја изненади земјата со веста дека сепак се согласува со тоа да има нови избори. Господине Претседателе, простете, но Вашата најава доцни барем 10 дена! Демонстрантите сега не бараат само повторување на изборите, туку и Ваше заминување од власта. Кризата дојде до точка од која веќе нема враќање назад. Полицијата во градовите веќе не е во состојба да ги држи протестите под контрола, а војската тешко дека ќе излезе од своите бараки за да го потисне сопствениот народ. Боливија сега доживува историски момент: истече времето на Ево Моралес. Времето е фундаментално важен елемент во политиката. Ево Моралес тоа не го разбра.

DW.COM

Реклама