Најголемата битка не е за дијаспората, туку за парите! | Северна Македонија | DW | 13.10.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Најголемата битка не е за дијаспората, туку за парите!

ВМРО-ДПМНЕ, наводно, најмногу реагирала на решенијата за тоа колку пари ќе може да се потрошат за изборите, а кои предвидувале драматично намалување на сумите дозволени досега

Од 14 часот продолжија разговорите во Работната група, со цел да се постигне договор за измените на изборниот законик, кои треба да обезбедат фер изборен процес, со сите клучни принципи кои го гарантираат тоа: прочистен избирачки список, одвојување на партијата од државата, еднаквост на партиите во пристапот на кампањата, зајакнување на мандатот на ДИК и други, не помалку важни прашања.

Пошироки консултации“

Ноќешната рунда разговори завршила без успех, поради слични причини како и во претходните денови, велат од Работната група. Некои од партиите манифестирале изненаденост за дел од решенијата понудени во предлогот подготвен од меѓународните олеснувачи и посредници, со образложение дека „не биле очекувани“, иако на хартија биле ставени исклучиво предлози кои и досега биле третирани во разговорите. Барање за пауза, најавата за потреба и од „пошироки консултации“ без прецизирање што подразбира тоа, тактизирањето, одбивањето на одредени решенија и новите обиди за купување време, резултирале со прекин на разговорите во 2 часот по полноќ.

Според извори од Работната група, владејачката ВМРО-ДПМНЕ била подготвена да прифати какво било решение за гласањето на дијаспората, само да не се смени сегашниот изборен модел. Сепак, оваа партија, наводно, најмногу реагирала на решенијата што се однесуваат на тоа колку пари ќе може да се потрошат за изборите, според кои, било предвидено драматично намалување на сумите дозволени досега, односно нивно преполовување. Постоела интенција и за нивно уште подрастично кратење, со цел да се испочитува принциот на еднаквост на партиските субјекти во пристапот во кампањата. Притоа, статистиката ставена на маса покажала дека ВМРО-ДПМНЕ на последните избори потрошила 48,7 денари по гласач, ДУИ 20,3, СДСМ 6, 75, а ДПА 0,0003 денари.

Од ВМРО-ДПМНЕ демантираат дека имало каква било расправа за трошоците во кампањата. „За тоа прашање уште пред една недела имаше согласност од сите партии. Договорено е, наместо досегашната сума од 180 денари, секоја партија да може да потроши 110 денари по гласач“, изјави Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и член на Работната група.

Од друга страна, од СДСМ велат дека вчера стигнал предлог и таа сума да биде намалена. „Од меѓународната заедница беше предложено таа сума да изнесува 25 денари по гласач, на што претставниците на ВМРО-ДПМНЕ бурно изреагираа“, вели Дамјан Манчевски потпретседател на СДСМ и член на Работната група.

Ништо спорно во ДИК

Mazedonien Skopje Peter van Houte

Питер Ванхауте

Во однос на гласањето во ДИК, извори од Работната група велат дека не постои никаков проблем, ниту договорено гласање со Бадентерово мнозинство.

„Се предлагаат само одредени заштитни механизми, кои овозможуваат одредено барање да се разгледа повторно, но гласањето е со апсолутно мнозинство“, велат од Работната група.

Според дипломатски извори, она што ги кочи овие разговори, е тоа што некои претходно веќе затворени и договорени прашања, непотребно повторно се отвораат и проблематизираат.

„Се наметнува впечаток дека сите учесници не се еднакво насочени кон барање решенија, туку кон барање алиби за пролонгирање на реформите. Тоа не е добар пристап, кога треба да се имаат предвид и краткорочните и долгорочните приоритети на земјата, а особено итноста што е неопходна за решавање на некои од нив“, велат тие.

Според нив, една од причините што некои процеси одат бавно е и тоа што некои од учесниците немале мандат да дадат виза за одредено решение. Неофицијално, претставниците на три од партиите имале одврзани раце да „пресечат“ кога станува збор за договарање решенија, освен од една, кои за се морале да бараат и да чекаат согласност од лидерот.

Истите извори, кои досега беа умерени оптимисти дека ќе биде постигнат договор, не сакаат да го прогнозираат исходот на денешната рунда.

Реклама