Нацистички геноцид врз Синтите и Ромите – „Цркнете!“ | Информации и анализи за Германија | DW | 02.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Нацистички геноцид врз Синтите и Ромите – „Цркнете!“

Европски ден на сеќавањата на холокаустот врз Синтите и Ромите: на 2 август 1944 година во една ноќ во Аушвиц се убиени 4300 луѓе. Ужасот на прогонот пренесен преку гласовите на жртвите. 

„Драга Банетла, морам да ти кажам дека двете мои најмали деца починаа“ ѝ пишува Маргарет Бамберг на нејзината сестра во Берлин. Нејзиното писмо било прошверцувано во 1943 година од таканаречениот „цигански камп“ во Аушвиц-Биркенау. Маргарет Бамберг била таму со сопругот Вили и нејзините деца. Таа и сопругот преживуваат, но не и нивните деца. Истата година мајката од роднините бара да ѝ испратат капсули од рибино масло, сируп против кашлица, витамин Ц, прашок за перење и средство против шуга. „Без разлика и да е малку, сепак тоа овде многу ќе ни помогне.“ Во кодираниот поздрав на ромски всушност ја опишува ужасната ситуација во која се наоѓаат - „Дополнителен поздрав и од Наслепин, Елента и Марепин“ – синоним за големи болести, беда и убиства.

Писмото може да се прочита во оригинал и да се слушне превод на германски, англиски и ромски јазик – тоа е едно од 60-те писма сведоштва на порталот „Гласовите на жртвите“. Европски научници под координација на историчарката Карола Фингс собираа писма и сведоштва на протераните мали народи од повеќе од 20 земји, меѓу кои и од Босна и Херцеговина, Германија, Франција, Италија, Хрватска и Србија. 

Овде не зборуваат сторителите, туку самите Синти и Роми и тоа е она што го прави овој проект посебен, нагласува за ДВ Фингс од Истражувачкиот центар за антициганизам од Универзитетот во Хајделберг. Текстовите се настанати за време на прогонот или кусо потоа, кога жртвите сведочеле за злосторствата сторени против малцинствата со цел извршителите да се изведат пред лицето на правдата. 

Аушвиц – Биркенау 1944: убиства на жени, деца и старци 

Како и децата на Маргарет Бамберг, повеќето затвореници умирале од глад, болести и насилство. Ноќта помеѓу 2 и 3 август 1944 година се случила „страшната кулминација“ на расистичкиот прогон против Синтите и Ромите, вели Фингс. 

СС трупите решиле да го ликвидираат логорот при што одведоа во смрт 4300 лица кои врескале и плачеле – ова е геноцид врз Синтите и Ромите познат како Порајмос (уништување). Во 2015-та, Европскиот парламент 2 август го прогласи за Европски ден на сеќавање на холокаустот врз Синтите и Ромите. 

Buchausschnitt | Auschwitz-Überlebende Zilli Schmidt

Најдрагоцениот спомен - фотографија на Гретел, ќерката на Зили Шмит

Таа вечер во 1944 година во гасната комора почина и ќерката на Зили Шмит – четиригодишната Гретел со бабата, дедото, тетка ѝ и нејзините шест деца. Како и другите затвореници кои биле способни да работат, и мајката на Гретел кусо претходно била транспортирана на друга локација. Кога сакала да излезе од возот назад кон нејзиното семејство, познатиот СС доктор Јозеф Менгеле удирајќи ѝ шлаканица ја вратил назад во вагонот. „Тој ми го спаси животот, но со тоа не ми направи никаква услуга.“

Од католички дом за деца во Аушвиц 

Децата на Франциска Курц, Ото, Соња, Алберт и Томас ѝ биле одземени и однесени во дом од каде потоа биле депортирани. 

Во 1946 година оваа мајка му пишува на раководителот на католички дом за деца. Полицијата ме извести вербално дека „сите мои 4 деца се во Аушвиц.“ Ги прашала: „Што сакате од моите сироти деца“. Кусиот одговор гласел – „Да ги уништиме.“ 

Била предупредена „да седи мирна“, во спротивно и најмалата ќерка Марија ќе ѝ била одземена и депортирана во концентрациониот логор. Ото, Соња, Томас и Алберт биле убиени во Аушвиц. Од 39 деца Синти депортирани од католичкиот дом преживеале само четири. Католичката црква не ги заштитила. 

Ова не е изолиран случај. Во мај 1943 година кога се заканува депортацијата во Аушвиц и принудната стерилизација, Оскар Розе му пишува на надбискупот во Бреслау. „Ако нашата католичка црква не нѐ заштити, тогаш сме изложени на мерка која и морално и правно му се потсмева на целото човештво.“ Нагласува дека се работи за „14.000 припадници на римо-католичката црква.“ 

Но за овој и слични вакви апели немаше слух. Од друга страна, Карола Фингс посочува дека во окупираната Југославија и Советскиот Сојуз имало примери каде „муслиманските соседи ги заштитувале Ромите да не бидат протерани.“ 

Геноцидот во Европа – многумина стрелани на лице место 

Онаму каде што националсоцијалистите стапнале во Европа, Синтите и Ромите биле прогонувани и морале да се борат за своите животи. Многумина биле убиени или во логори или стрелани. „Тоа варира од локалната политика на окупација и сојузниците на терен,“ вели Карола Фингс. 

-повеќе: 

Ромите се посебно на удар кога општествата се поларизираат

Ромите и Синтите бараат признавање - сојуз против антициганизмот

Подигнат споменик за геноцидот врз Ромите и Синтите

Во окупираната Полска, покрај логорите имало уште 180 места на кои е познато дека биле извршени масакри. Истото е случај и во Советскиот Сојуз и Југославија – „Поголемиот дел од жртвите не се убиени во логорите, туку се стрелани на лице место.“ 

Во окупираните Бохемија и Моравија, денешна Чешка, Синтите и Ромите биле затворени во логорите Лети и Ходонин откаде биле депортирано во Аушвиц. Во Хрватска пак Јасеновац бил познат „суров логор каде се убиени многумина.“

Хрватска: „Нѐ водеа во смрт“

Јосип Јока Николиќ е музичар кој од раѓањето до 1942 година живеел во местото Предавец. „Потоа во домот им упаднале жандармерија и членови на профашистичкото движење усташи лојално на НДХ и ги одведуваат неговата и други ромски семејства, наводно за да ги преселат на друго место. Сите се транспортирани, од најстаро до најмладо – неговата сопруга, осумгодишната ќерка, родителите, браќата и нивните семејства. Во запрежни коли се одведени во концентрациониот логор Јасеновац.

На Николиќ му било јасно: „Нѐ водеа во смрт“. Тој бил насилно одделен од жена му и детето, и одведен на егзегуција со останатите мажи. Успеал некако да избега и им се приклучил на партизаните. Целото негово семејство е убиено во Јасеновац. Николиќ во 1952 сведочел во казнената постапка против министерот за внатрешни работи од НДХ, но тој бил пребеган во САД. 

Србија: „Ми умре најмалото дете“ 

Милена Станковиќ раскажува дека кон крајот на октомври 1941 Германците ја опколиле населбата во Белград -  „двајца агенти и жандарми од српската служба за безбедност ни упаднаа дома.“ Нејзиниот сопруг и брат ѝ биле вработени во градскиот совет, нејзиниот посинок бил музичар, а другиот брат работник. Сите имале деца и сите со српско државјанство. Мажите биле одведени во логор во кој биле затворени над 1500 Роми. Неколку дена подоцна сите биле застрелани надвор од градот. Речиси еден месец по убиството на мажите, и Ромките заедно со нивните деца биле одведени од германските окупатори и српските власти и депортирани во камиони во концентрационен логор.  Страдале од екстремен студ и глад. „Моето најмало дете почина бидејќи повеќе немав млеко за да цица“, сведочи Наталија Мирковиќ. 

Оние којшто можеле да докажат дека имаат сопствен имот подоцна биле ослободени. „Некои зборуваа во име на своите соседи, други веројатно беа убиени со останатите еврејски затвореници. Шефот на германската воена администрација во Србија во август 1942 изјави дека Србија е единствената земја во која во еден удар се решени и „еврејското и ромското прашање.“

Infografik Roma Sinti Verfolgung 2. Weltkrieg DEU

Земјите каде нациститите вршеле прогон и убиства на Синти и Роми

Унгарија: „Со пушката ѝ го уби нероденото дете"

 Ангела Лакатос е во поодмината бременост, има веќе породилни болки кога во февруари 1945 година 30 до 40 жандарми ја протеруваат од ромската населба во Западна Унгарија. Кога ги замолува за помош еден од жандармите возвраќа: „Треба да изгинете.” 

120 Роми затвораат во една шупа. Молат за вода за пиење за децата, а наместо тоа добиваат ќотек. Прво ги носат мажите, потоа помладите жени. Една друга жена исто така во поодмината бременост не може веќе да оди. Еден жандарм ја тепа, другиот со куршуми ѝ го вади бебето од стомак. Лакатос и другите ги тераат кон една јама: „Таму ги видов мртви татко ми и браќата. И јас паднав во неа,” раскажува таа. 

Си ја навлекла марамата за да не гледа што ќе се случува, но веднаш почнале да летаат куршуми. Таа била погодена со осум од нив, во рака, нога и стомак. Телата на другите застрелани паднале врз неа и всушност послужиле како штит. Часови подоцна таа излегла од јамата. Преживеала тешко повредена, ја изгубила цела своја фамилија и нероденото дете. По крајот на војната сведочела против командантот Јозеф Пинтер потенцирајќи ја намерата во неговите постапки. Пинтер е потоа осуден за воени злосторства и во септември 1948 егзекутиран - еден од само неколку сторители осудени за убиство на Роми. 

Русија: „Не се фрлаа само живи деца во јамата"

„Злостор од кошмарите" го нарекува Лидија Никитична Крилова она што „германските окупатори им го направиле во селото Александровка на мирољубивите членови на ромската заедница". Во април 1942 германски офицер ги повикува еден по еден жителите од селото. Тие што не се Роми смееле да си одат дома. 

Ромските семејства ги тераат со камшик „како говеда", соблечени голи до кожа, сѐ до работ на една јама. Постарите деца ги стрелаат пред очите на своите мајки, а потоа им ги земаат бебињата и живи ги фрлаат во јамата.

„Не беа само деца живи фрлани внатре", раскажува една од преживеаните. Германците во јамата туркаат и една стара болна жена, чиишто ќерки исто така ги имаат заробено. Крилова и другите во последен момент се спасуваат од егзекуцијата. Подоцна сведочат при истрагата на советските власти околу злосторствата на нацистите. 

Ромите во Источна Европа се исклучени од репарации

Во многу земји до денес нема доволно развиена свест за тоа дека Синтите и Ромите се жртви на систематски геноцид, вели Карола Фингс. Дури европскиот пристап во целост ги доловува димензиите на насилството и злосторствата со смртни последици. 

Фингс е на чело на група која ги истражува настаните за Енциклопедија за националсоцијалистичкиот геноцид, проект поддржан од Министерството за надворешни работи со 1,2 милиони евра.

Во Германија геноцидот со децении се порекнуваше. Сторители од редовите на истражните органи спречуваа расчистување на злосторствата што беше дополнителна траума за преживеаните која се пренесува и на втората и третата генерација, објаснува Карола Фингс. 

Историчарката е член на Независната комисија за анти-циганизам. Покрај недвосмисленото признавање на геноцидот и просветлување од Комисијата за изнаоѓање на вистината, треба да има и финансиска компензација, смета Фингс и тоа не само во Германија. „Тоа се однесува и на оние кои живеат во други земји во Источна Европа кои по 1945 целосно биле изземени од репарациите."

Комисијата бара Германија, како во случајот со прогонуваните Евреи и нивните потомци, да преземе одговорност „Ромите да бидат признаени како посебно загрозена група".