Националистите создаваат меѓународен сојуз | Свет | DW | 09.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Националистите создаваат меѓународен сојуз

АфД планира со Лега на италијанскиот министер за внатрешни работи Салвини и други десничарски партии да формира заедничка пратеничка група во идниот Европски парламент. Нивна цел е – националистичка политика во Европа.

 „Наша цел е реформирање на Европа“, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи, популистот од Лега, Матео Салвини на прес-конференцијата во еден монденски хотел во Милано (на насловната фотографија). „За многумина Европа е кошмар, а не сон“. Со тоа Салвини го започна од многумина очекуваниот обид за обединување на европските десничарски партии за европските парламентарни избори во заедничка пратеничка група.

Покрај него беше претседателот и засега единствениот европски пратеник од Алтернатива за Германија, Јерг Мојтен. Освен тоа, тука беа и претставници на Данската народна партија и малата партија Финци.

Новата пратеничка група ќе се вика Европска алијанса на луѓето и нациите, изјави Мојтен, а за неа важни ќе бидат конзервативизмот и патриотизмот. „Кај нас не се добредојдени социјалисти, комунисти, екофашисти и екстремисти, и тоа како од левиот така и од десниот спектар“, дополни тој.

Средбата во Милано под мотото „Народите се креваат за Европа на здравиот човечки разум“ беше најавена како голема манифестација. На укажувањето на малиот број учесници, Салвини реагираше раздразнето: „Прес-конференција со 15 учесници од 15 партии ионака не би била можна“.

Австриската владина Слободарска партија и француската Национална коалиција (порано Национален фронт), не учествуваа на средбата, заедно со партијата Лега на Салвини тие засега ја сочинуваат пратеничката група „Европа на нациите и слободата“.

Европа на „здравиот човечки разум“

Залагањето на Салвини за промена на ЕУ наидува на поддршка кај многу десничарски партии во Европа, чија цел е ограничување на доселувањето и враќање на политичките компетенции на националните влади. Но, во други точки, како слободна трговија или распределба на европските буџетски средства, постојат разлики во мислењата.

Тоа што важни европски популисти не учествуваа на средбата во Милано, се чини е знак на разноумието во десниот спектар. Присутните побрзаа да ги минимизираат разликите: „Она што нѐ обединува е посилно од она што нѐ дели“, изјави Андерс Вистисен од Данската народна партија.

Марин Ле Пен, шефицата на француската Национална коалиција, и Салвини минатиот петок се сретнаа во Париз и ја потврдија својата соработка преку Твитер. Ле Пен напиша дека е „подготвена на победа“ заедно со Салвини. Тој пак напиша дека сака да ја прошири алијансата на оние „кои сакаат во Европа да го доведат здравиот човечки разум".

Игра со бројки

Деснопопулистичките партии веќе сега се дел од владите во Италија, Унгарија, Полска и Австрија и можат, според анкетите на јавното мислење, да освојат зголемен број гласови на европските избори. Но, на европско рамниште тие уште не најдоа заеднички јазик, а тоа е проблемот кој Салвини сака да го реши со својата платформа. Во моментов овие партии се наоѓаат разделени во три пратенички групи во Европскиот парламент: во Европа на слободата и директната демократија во која е Јерг Мојтен како претставник на АфД; Европските конзервативци и реформатори и Европа на нациите и слободата, составена од Лега, Австриската слободарска партија и Националното коалиционо движење од Франција.

Italien Lega Nord & AfD | gemeinsamer Wahlkampfauftakt Europawahl | Meuthen & Salvini & Vistisen (Reuters/A. Garofalo)

Јерг Мојтен, Матео Салвини и Андерс Виситсен во Милано

Европа на нациите и слободата во моментов брои 37 пратеници и е најмалата пратеничка група во Европскиот парламент. Според актуелните анкети, Лега би можела да освои 28 седишта, наспроти пет од минатите избори во 2014 година. А АфД, сега само со еден пратеник откако некои од пратениците на АфД ја напуштија партијата, може да освои 13 мандати. Но, за да ја спроведат својата агенда, популистите ќе мора да ги убедат и другите да им се приклучат. 

Поддржувачите на Салвини веруваат дека тој е вистинскиот за оваа задача. „Решавачко е да не сме сами, да соработуваме“, изјави во март за Дојче веле Максимилијан Крах, кој е на трето место на кандидатската листа на АфД за Европскиот парламент: „верувам дека Салвини може да ги обедини различните национално-конзервативни движења“.

Повеќе:

Женомрасци и ксенофоби не се заштитници на семејството

Радикалната десница- втора најсилна партија во Германија

Што е смешно во бедата на бегалците?

За да успее во намерите да придвижи нешто во Брисел, на Салвини му е потребна поголема поддршка, за што тој и самиот е свесен. Тој се обидува да ги придобие унгарскиот премиер Виктор Орбан и претседателот на полската владејачка партиија Право и правда, Јарослав Качински. Но, засега ниту унгарската Фидес ниту полската партија Право и правда не покажуваат намера да се приклучат кон пратеничката група на Салвини, иако членството на Фидес во пратеничката група -Европската  народна партија, во претходниот месец беше привремено суспендирано.

Во врска со умерениот одѕив на миланската средба на Салвини, Данецот Вистисен за Дојче веле изјави дека се надева оти основањето на оваа платформа ќе охрабри и други групи да ѝ се приклучат. Во нивна насока, тој порача: „Ако не сакате да ни се придружите, нашите противници ќе победат“.

Ако на Салвини му успее да ги придобие Фидес и ПиС за соработка, новата пратеничка група во Европскиот парламент би можела во основа да се промени. Досега останува она „ако“...

„Не сакаме да ја поделиме Европа, сакаме заедничка соработка“, истакна Салвини во Милано.

 

DW.COM

Реклама