„Нафри“: Внимание, се води полемика! | Свет | DW | 06.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Нафри“: Внимание, се води полемика!

Дали во Германија може да се говори за „Нафри“ и притоа меѓу редови да се имплицира колективна вина?

Драги Нафри,

добредојдовте во Германија. Ние сме многу гостољубива земја. Тоа го поткрепуваме со фактот дека во изминатите неколку години веќе прифативме милиони луѓе, кои тука се чувствуваат многу пријатно. Во летото 2015. година многумина од вас со раширени раце и со кадифени мечиња се дочекани на Главната железничка станица во Минхен. Се радуваме на вашето доаѓање и горди сме што ви се радуваме. Има, меѓутоа, неколку правила на однесување кои требаат да се следат за соживотот да биде поубав.

Имено, на младите момчиња кои потекнуваат од северна Африка, може да им се случи полицијата да ги квалификува како потенцијални силеџии. Полицијата на Твитер ќе ги нарече Нафри (северноафрикански интензивен сторител) дури и ако не извршила проверка на нивните документи и воопшто не знае дали се тие веќе казнувани. Мажите од северна Африка за некои Германци се во принцип потенцијални интензивни сторители. Немојте тоа да го сфаќате премногу лично, тоа е мала цена за животот во една од најбезбедните земји во светот.

„Racial Profiling" (Расно профилирање) во Германија во основа е забрането, што покрај останотото го пишува и во Членот 3 (3) на германскиот Устав. Во тој член се наведува: „Никој поради својот пол, потекло, раса, јазик, вера или политички ставови не смее да биде загрозен или фаворизиран“. Кога се работи за полициската контрола, многу Германци понекогаш забораваат, што пишува во Уставот. Поради тоа, немојте да им се лутите. Уставот е уште релативно млад и за многу Германци важи дури од 1990. година.

Во Германија владее слобода на медиумите и на мислењето. Ако сметате оти не е добро луѓето да се контролираат само поради бојата на кожата, тогаш тоа подобро задржете го за себе. Германското право всушност не дозволува луѓето да се селектираат поради бојата на кожата, но немојте на тоа да инсистирате. Доколку сепак тоа го направите, може да се случи најголемиот таблоид во Германија против вас да започне мала кампања. Доколку сметате дека тоа не е добро,  многу луѓе ќе укажат на тоа оти смее да се зборува она што постојано се зборува. Имено, многу Германци со задоволство велат: „па веројатно човек смее да каже“, иако ионака секогаш смеат да кажат што мислат.

Krsto Lazarevic (Chris Grodotzki)

Крсто Лазаревиќ

Доколку сметате дека контролите на лица врз основа на бојата на кожата се расистички, подобро тоа да го задржите за себе. Многу германски новинари сметаат дека тоа не е расизам. Можеби причина за тоа е што во германските редакции има малку луѓе кои се погодени од расизам.

Германците не сакаат да се критикува работата на полицијата. Затоа воздржете се од критика. Исто така и дефицитите кај безбедносните служби не би требало да се публикуваат. Ако нашите сограѓани ги убие десноекстремистички терорист, Службата за заштита на уставот, има тенденција сторителот да го бара меѓу мигрантите, бидејќи десното око полошо гледа.

Меѓутоа, не грижете се. Властите во Германија нема да бидат виновни, бидејќи на време ќе ги уништат сите документи, кои на виделина би можеле да изнесат уште поголеми скандали. Конзервативните партии во Германија по такви скандали дури ќе побараат и зголемување на надлежностите на тајните служби. Тоа звучи малку лудо, но сето тоа еднаш веќе се има случено.

Некои Германци мислат дека живеат во сиромашна земја („Сиромашна Германија“ е омилен поим) и затоа (иронично) ѝ се заблагодаруваат на канцеларката Ангела Меркел (Danke Merkel!). Доколку доаѓате од земја која е навистина сиромашна и во која има малку причини да му се заблагодарите на државниот поглавар, тогаш не размислувајте долго и ве молам да го сторите тоа и на тоа да гледате како на мала германска специфичност.

Ако се држите до овие правила, тоа вашиот престој во Германија ќе го направи попријатен. Се радуваме на убавиот соживот.

Со почит,

Крсто Лазаревиќ

 

 

Крсто Лазаревиќ е роден во Босна и Херцеговина и како дете со родителите пребегал во Германија. Денес живее во Берлин и пишува за неколку медиуми на германски јазик.

 

DW.COM

Реклама