Научна фантастика | Македонија | DW | 08.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Научна фантастика

Настаните во Македонија, особено пресудата за Груевски, притворите за Мијалков и Камчев, кои дипломат од НАТО ги нарече „научна фантастика“ имаат голема моќ да прераснат во вистинско прочистување од еден режим.

Настаните секогаш изгледаат поинаку кога се гледаат однадвор. Или барем се соголени од емотивната руба во која се облечени домашните актерите, па макар бил тоа и цел еден народ. Оваа недела неколкумина македонски новинари се обидоа на на високи функционери на НАТО да им ја пренесат фрустрацијата на поголемиот број овдешни граѓани за бегството на Никола Груевски, а одговорот што го добија во основа е отрезнувачки, иако изгледа дека е безмилосно соголен од барем минимална емпатија. Како што пренесе известувачот на „Независен весник“, дипломатот на НАТО ладнокрвно прокоментирал: „Груевски не е тема во НАТО, а и зошто би бил. Далеку од очите, далеку од срцето. Колку подалеку е Груевски, толку подобро за земјата, а особено за ВМРО-ДПМНЕ, која ќе се ослободи од баластот на нејзиното раководење, а за Македонија е важно само да помине договорот од Преспа и да влезе во алијансата“.

Делува убиствено прагматично. А веројатно така и е, без оглед што за бегството на Груевски овде треба да има одговорност. Друг дипломат во НАТО, кој претходно служел во Македонија, му дава разумна мерка на постојанато македонско незадоволство од тоа како работат владите, судиите, обвинителите... Тој ги нарекол „научна фантастика“ настаните што ги гледа во нашата земја – од пресудата за Груевски до притворите за Сашо Мијалков и Орце Камчев. Неговиот едноставен заклучок е дека навистина има голема промена во земјата.

Mazedonien Orce Kamcev im Sistina Krankenhaus in Skopje (Imago/Pixsell)

Орце Камчев

Додека не дојдоа двете шокантни сведочења оваа недела во процесот за крвавиот упад во Собранието на 27 април минатата година, ние како да не можевме да ја забележиме таа „научна фантастика“. Иако во притвор веќе беа двајцата актери кои го одбележаа режимот на Груевски – зад решетки е најбогатиот човек во Македонија (барем според „Форбс“) и најмоќната фигура во државава цели десет години. Кога се случи речиси незамисливото тоа веќе ни изгледаше нормално. Можеби и затоа што граѓаните беа фрустрирани што главата на таа хидра успеа да побегне. Но тоа бегство го имаше ефектот да почне забрзано да се распаѓа големата мрежа на интереси, хибридниот спој на претходниот режим со подземјето, вмровските инсталации во државните структури кои уште работат за партијата (или за некои моќни фигури во неа), системот на грабежот приводно заштитен со законите – цела една општествена каста која беше убедена дека многу брзо ќе дојде до реставрација.

Надеж во реставрација

На таква реставрација се надева сегашниот вмровски лидер, Христијан Мицкоски. Како да не забележува како гние тој систем што него го изроди и кој го инсталираше на неговата функција, Мицкоски од пред владата, објаснувајќи дека „декември е месец на слави“, колку што го држи гласот повика дека „овде сме затоа што сакаме да се бориме, во оваа битка да победиме. Ние сме генерацијата којашто мора повторно да победи и да ја освојува слободата“. Таква нестрпливост кај еден политичар се нема досега видено во Македонија. Мицкоски едноставно како да не политички опитен да знае дека до успех не се доаѓа со празни зборови како некаков „говорант опште праксе“. Но таа очајничка желба за реставрација не е поврзана само со неговата лична желба да стане премиер што е можно побрзо, туку таа реставрација ѝ е потребна на партијата за да може да се спречи натамошното нејзино драматично разголување.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Скопје без смог - тоа сега е незамисливо

-Озлогласените

-Бегство од слободата

Тоа соблекување во живо е она што ја ужаснува партијата, која од нејзиниот прв ден сакаше никој да не ја чепка нејзината аура на мистериозност во структурите и нејзината аура на таинственост во дејствувањето. Затоа, обидувајќи се да испрати контра-удар новиот вмровски труст на мозоци ќе го употреби синонимот на годините во кои ја држеа со челичен стисок Македонија – „сваровски судството“ – за да се обидат да најдат некаков пандан. Па сега Мицкоски зборува за „Кацарска судство“ и „Русковска обвинителство“, обвинувајќи ги двете дами дека суделе по нарачки. Ова отсуство на минимална инвентивност е запрепастувачко за новата вмровска номенклатура. Тоа драматично ја загубила длабочината на политичката пропаганда и суптилноста на нејзините пораки, туку се префлило на бесмислена патетика.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски, автор на колумната

Таа бесмислена патетика е поврзана и со нивниот нов слоган за „црнилата“ во Македонија што ги оставале новите власти. Убав е тој збор за експресија. Најмногу е познат по драмата на Коле Чашуле „Црнила“ и од неа се влечат бројни асоцијации за некакви состојби. За ВМРО-ДПМНЕ со години Коле Чашуле е еден од омразените ликови затоа што бил член на судскиот совет што го осуди на затвор Методија Андонов Ченто. Па затоа Мицкоски ќе одбегне да го спомене лично овој револуционер и голем писател кога во средата цитираше една сентенца од оваа драма. Уште поголема неволја за брзоплетото преземање на наслови од литературното наследство е што во „Црнила“ се опишува убиството на Ѓорче Петров, извршено од платениците на човекот во кого се колне ова ВМРО-ДПМНЕ последниве десет години – Тодор Александров. Парадокс до парадокс – се повикуваш на изразот на комунистичкиот револуционер да ја опишеш драмата што ја предизвикала партиската икона која убиваше сѐ живо што мислеше поинаку од него пред сто години – Тодор Александров.

Овој синоним за црнилата многу повеќе одговара за ситуацијата во која се наоѓа партијата по овие драматични сведочења во судот. Кругот за неа не е затворен. Него може да го затвори самото ВМРО-ДПМНЕ, доколку собере храброст да се извини и да се дистанцира од сето она што правеше 11 години. А потоа да им остави на судските инстанции да го завршат она што мора да се заврши. Во овој момент тоа за раководството на партијата изгледа дека е невозможно, тоа не може да се ослободи од наследството. А прашање е и дали сака, затоа што еден од потпретседателите, Александар Николоски беше речиси постојано во врвот на партијата (оние што повеќе паметат се сеќаваат дека тој во Собранието го предложи законот со кој на Никола Груевски му беше овозможено да има државно обезбедување за исто толку години колку што бил премиер), а другиот потпретседател, Владо Мисајловски, беше целосно исполнителен на желбите на Груевски додека беше министер за транспорт.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Христијан Мицкоски

Дилеми, ужас и црнила

Тоа се вмровските дилеми и ужасот кој ги обзема дека треба да се извинат во миговите кога се заблудени од реставрацијата. Настаните кои дипломатот од НАТО ги нарече „научна фантастика“ имаат голема моќ да прераснат во вистинско прочистување од еден режим. Како и секој режим тој не знаеше да ги види знаците и репресијата што ја спроведуваше. Отпорот против него почна со протестите на студентите од „Архи бригада“ на скопскиот плоштад кога беа брутално претепани. Потоа дојде полицискиот упад во А1, нејзиното освојување со специјални полициски единици, па криминалните избори во 2011 година, па „ладната проба“ од 24 декември 2012 година кога беа на клоци исфрлени пратениците на опозицијата од Собранието, па очајничкиот обид да се зачува власта во Општина Центар, па масовните студентски протести од 2014 година, па „бомбите“, па крвавата пресметка во Куманово – и тоа требаше да биде заокружено со државен удар на 27 април 2017 година.

И сега, кога дојдоа судењата за сите злодела, партијата се троши да зборува за „црнила“ денес. Веројатно за неа и навистина се црнила. Овој процес за 27 април, којшто изгледа дека обвинителството го води со умешност, како што добро изјави прекалениот судија Дане Илиев, веќе не може да заврши со никаква интервенција на политиката. Тој веќе отиде предалеку за да може да го запре политиката. Во овој момент судството ја победи политиката. Таа треба да му остави простор целосно и до крај да ја заврши неговата работа, затоа што траумите се преголеми.

И да има некои ограничувања на политиката овие процеси ќе продолжат со години. Во некоја рака тие наликуваат на расчистувањето во Аргентина со злосторствата што ги направи воената хуната која владееше од 1976 до 1983 година. Нејзиниот крај беше предизвикан од поразот во војната за Фокландите во 1982 година. Во „валканата војна“ на генералите со граѓаните 30.000 луѓе беа киднапирани, мачени и убиени од диктаторскиот режим. Демократијата што дојде по хунтата ги стави на обвинителна клупа генералите и други офицери што ја измачија и понижија нацијата. До правдата тешко се доаѓа, па некои од процесите за офицерите уште траат. Лани во декември, 34 години по падот на диктатурата, заврши еден од најголемите процеси во кој 29 озлогласени офицери беа осудени на доживотна казна затвор, меѓу другото затоа што од авиони фрлале живи дисиденти во море или во езера. Децениите поминуваат, но злоделата не се забораваат. Најпознатиот од неколкутемина генерали диктатори, Хорхе Видела, кој беше на чело на хунтата до 1981 година, две години по враќањето на демократијата, во 1985 година беше осуден на доживотен затвор. По само пет години во затвор во еден акт на национално помирување тогашниот претседател Карлос Менем го помилува и него, и другите воени офицери, и левичарските герилци. Но 16 години подоцна, во 2006 година еден судија донесе одлука дека актот на Менем бил неуставен, Видела повторно беше вратен на обвинителна клупа и во 2010 година уште еднаш осуден на доживотен затвор за кршење на човековите права поврзани со смрта на 31 затвореник во времето кога тој беше на чело на хунтата. Почина во затвор во 2013 година.

Аргентина до ден-денес не се справи со траумите од годините на диктатурата. Но тамошниот пример е поучен – злосторниците ќе бидат прогонувани со десетлетија. За нив веќе нема мир. Овдешниве корумпирани политичари, некогашни моќни луѓе и неуспешни пучисти можеби го имаат тоа на ум. Нивното соочување со правдата само што почна и тоа е навистина добра вест за Македонија. Сведочењата од оваа недела, без оглед кои се мотивите на обвинетите што тоа го направија, се извонреден чекор за македонската демократија, голема поткрепа за судството да почне да го враќа упропастениот углед и големо предупредување за сегашните политичари од власта – дека постојат граници до кои можат да одат во опскурниот проект за помирување.

 

DW.COM

Реклама