НАТО уште не е зрел за пензија | Свет | DW | 04.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

НАТО уште не е зрел за пензија

По Студената војна, многумина го сметаа НАТО за веќе непотребен. Сепак, тој преживеа и денес повторно дејствува како бедем против Русија. Затоа и во иднина ќе биде потребен, коментира Бернд Ригерт.

Забавата по повод 70-годишниот роденден на НАТО повторно ја засени темата финансии. Кратковидниот спор на САД со бројните соузници околу висината на нивните издвојувања за војската го одвратува вниманието од значењето на најстарата и најсилна воена алијанса во новото доба. И преку Атлантикот, НАТО ја зголеми заштитата со своите европски членки, со помош на американскиот нуклеарен браник. Застрашувачкиот ефект кој тој го има и денес е незаобиколен гарант на стабилноста. Економски моќниот сојуз на западно ориентираните држави во текот на Студената војна постигна победа над советската диктатура и нејзините сателитски држави.  

Русија од стратешки партнер до противник

Притоа, не секоја од 29-те членки на НАТО беше отсекогаш демократска. Извесно време во Португалија, Шпанија, Грција и Турција владееше вистинска воена диктатура. Еднопартиските комунистички земји, кои ја напуштија советската сфера на влијание, станаа нови членки на НАТО. Сите тие, освен Турција под автократот Ердоган, се развија во демократски земји. Сѐ повеќе и повеќе Алијансата стануваше политичка заедница на вредности, а не само нужен сојуз. Затоа и натаму држави се обидуваат да станат дел од овој воен сојуз: Република Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Грузија и Украина. НАТО денес нуди заштита од Русија, која под палката на Путин стана поагресивна. Инаку, истиот тој Путин во 2001 година не исклучуваше можност од членство на Русија во НАТО, но потоа реши да тргне по друг пат. За жал, НАТО и Русија денес меѓусебно се гледаат како непријатели, а не како стратешки партнери, како во време на 50-годишнината од Алијансата.

НАТО нуди сигурност во сѐ покомплексниот свет, во кој јакнат Кина и Индија, а Блискиот Исток останува буре барут. Опасноста од тероризам е голема. Со својот ангажман, НАТО оствари успеси вон своите граници, како што е стабилизацијата на Балканот, но забележа и порази, како случајот со Авганистан, кој не е докрај довршен. Пред дваесет години НАТО се чувствуваше како светски полицаец. Тоа денес значајно се промени. Денес на врвот на агендата повторно се безбедноста на татковината и територијалната одбрана. Текот на дискусијата повторно го одредува Кремљ, а не Кабул.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт

НАТО е функционална мултинационална институција, но по 70 години има проблем токму со својата водечка сила. Претседателот на САД, Доналд Трамп повеќепати го доведе во прашање сојузот, кого првенствено го гледа како фирма за наплата на воените трошоци, кои за САД се неправедно високи. До разијдување уште не е дојдено. Но, САД нема ни да истапи од сојузот, зашто експертите, војската и надворешните политичари во Вашингтон, но не и Трамп, неговата ќерка и неговиот зет, знаат дека НАТО е важен и за Американците. Со него тие можат да ја шират својата моќ во Европа, на Блискиот Исток и Авганистан, сѐ до Азија.

И на светската сила ѝ треба поддршка

На единствената светска сила потребни ѝ се поддршка, база и вмреженост. Сепак, постои опасност себичниот претседател од Белата куќа, како и досега, да продолжи да се повлекува од меѓународни договори и обврски. Дали по Спогодбата за заштита на климата, разните институции на ОН, како што е Организацијата на ОН за помош на палестинските бегалци, потоа Светската трговска организација, Г20 и Г7, наскоро и Северноатлантскиот сојуз би можел да западне во криза? Трамп е насочен кон изолација и некој ќе мора да му објасни дека таков свет долгорочно не функционира. Што повеќе се повлекуваат САД, толку повеќе ќе мора Европа да се грижи за своја одбрана. Европскиот дел од НАТО притоа ќе мора многу да надополни, зашто со децении можеше да се потпира врз Американците, што и го правеше. Без САД, Европејците би биле воено глуви, слепи и парализирани. Тоа нема толку брзо да се промени.

Повеќе: 

НАТО во кризен модус

Проширувањето на НАТО и моралниот крах на Русија

И без „Доналд“ немаше да биде сѐ така убаво

Би било добро ако европските сојузници на НАТО, пред сѐ Германија, се придржуваат кон своите ветувања кога се во прашање издвојувањата за војската. Доколку Берлин не се придржува кон зададените цели, на Трамп му нуди само нов повод за неговите критики. Ако злокобната цел од два процента издвојувања за војската во согласност со економскиот учинок, за чија смисла не може да се расправа, не може да се оствари, за тоа мора да се дискутира внатре во Алијансата, и ако е потребно, целта треба да се смени. Незадоволството на Американците кон Германците, кои не се подготвени да плаќаат, е огромно. Секој ја раскажува својата приказна. А на една роденденска забава тоа всушност не би требало да се случува.

DW.COM

Реклама