НАТО бара дополнителни војници на Косово
2 август 2011Германската војска во следните неколку денови ќе испрати дополнителни 550 војници на Косово, објави денеска Бундесверот.
Ситуацијата во северниот дел на Косово и понатаму е тензична, се наведува во информацијата на Бундесверот, во која се додава дека командантот на КФОР, германскиот генералмајор Ерхард Билер побарал ангажирање на дополнителни сили, како помош за силите на теренот. Надлежниот главен штаб на НАТО во Наполи вчера издаде наредба за ангажман на овој баталјон, кој моментално, како што се наведува, го формираат Германци и Австријци. Официјална Виена ќе испрати 150 припадници на австриската војска во Косово.
Тачи порачува дека нема да попушти
Косовскиот премиер Хашим Тачи денеска порача дека меѓународните институции „го злоупотребиле трпението“ на Косово, со тоа што овозможиле северот на земјата да не биде под контрола на владата во Приштина. „Нема отстапување и нема компромис со никого околу безбедноста на државата“, изјави Тачи во интервју за Асошијетед прес.
Тој пред една недела им нареди на специјалните полициски единици да ги заземат административните премини Брњак и Јариње, при што дојде до конфликт со локалните Срби. „Промената на тамошната состојба е несопирлива“, рече Тачи.
За границите не се преговара
Највисокото косовско раководство вчера попладне ги посети специјалните полициски сили во близина на приштинскиот аеродром. Притоа беше
нагласено дека контролата врз границите е суверено право на Косово.
„За такво нешто не се преговара“, порача косовската претседателка Атифете
Јахјага, додавајќи дека мисиите на КФОР и ЕУЛЕКС мора да го одржуваат мирот
и стабилност ана целата територија на Косово.
Мирно но тензично во северно Косово
Претходно косовскиот совет на безбедност донесе седум заклучоци, меѓу кои е
и подигнувањето на мерките на безбедност на највисоко можно ниво, со цел
воспоставување на редот и законите ширум државата.
Командата на КФОР синоќа соопшти дека состојбата на граничните премини на северот на Косово е мирна, но напрегната.
Автор: ГЧ/СН/миа/макфакс
Редактор: Жана Ацеска