Наследството на патријархот Иринеј | Информации и анализи за Балкан | DW | 20.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Наследството на патријархот Иринеј

Патријархот на Српската православна црква почина во Белград како последица на заразувањето со коронавирусот. Зад него останува довршениот Храм на Свети Сава и противречно политичко наследтво.

„Како поглавар на нашата помесна Црква сметам дека какво било воведување новини во вековната пракса поврзана со начинот на причестување би било погрешно“, изјави Иринеј во август 2020 година за весникот „Политика“.

Тој така се спротивстави на бришењето на лажичката по причестувањето на секој верник. Овој вид обреден традиционализам, и тоа по секоја цена, го вброи во најконзервативниот дел од црквата која ја предводеше во време на пандемијата - и кој стана нејзина жртва.

Чачак, Белград, Призрен, Острог, Ниш

Во куќата на Здравко и Милијана Гавриловиќ во селото Видов, кај Чачак, во 1930 година е родено момче кое го крстиле Мирослав. По основното училиште во родното село, учел во гимназијата во Чачак, а потоа завршил Богословија во Призрен и Богословски факултет во Белград. Служел воен рок, а потоа во 1959 година од тогашниот партијарх Герман во манастирот Раковица примил монашки чин и името Иринеј. Истата година во црквата Ружица на Калемегдан е ракоположен за еромонах.

Вработен е како професор во Призренската богословија. Заминува на постдипломски студии во Атина, а во 1969 година ја презема должноста управник на Монашкото училиште во Острог. Потоа се враќа во Призрен како ректор на Призренската богословија.

Нареден подем во кариерата е должноста викарски епископ на српскиот патријарх, а една година подоцна - 1975 година, станува нишки Епископ. Во јануари 2010 година, 35 години подоцна, е избран за пеќки Архиепископ, Митрополит белградско- карловачки и српски патријарх. Како еден од тројцата кандидати, кои еден монах ги извлекол од шешир, Иринеј во почетокот бил во сенка на својот претходник, омилениот патријарх Павле.

Добри и лоши протести

Ќе се покаже оти Иринеј е човек кој има смисла за политика и бизнис и дека ги штити луѓето од својот табор, дури и да биле вмешани во матни работи. Но, и оти нема ни сила, ни волја јавно да расчисти со криминалните појави меѓу свештенството, како што е сексуалното злоставување на деца.

Најизразена црта по која ќе го паметат современиците е апсолутната доверба во актуелната власт. Примери за овој став има многу.

 
На 24 март 2019 година, на 20-годишнината од почетокот на НАТО-бомбардирањето на Србија, патријархот во Ниш, меѓу останатото, рече дека „она што денес го гледаме на улиците не е добро“, додавајќи оти „тоа им дава сила на нашите непријатели“. Тогаш на улиците на Белград со месеци десетици илјади луѓе бараа осуда за насилството врз критичките новинари и неистомисленици, и бараа слободни медиуми и фер избори.

Повеќе:

-Владиката Иринеј е нов поглавар на СПЦ

-Што може да очекува македонската црква од патријархот на СПЦ, Иринеј?

-По Соборот: СПЦ нема храброст

Иринејовото речиси буквално повторување на пропагандната теза на власта дека протестите против неа се насочени против Србија, поистоветувањето на актуелниот режим и неговата судбина со судбината на државата и на народот, предизвика тогашната опозиција од Сојузот за Србија да одговори во отворено писмо, во кое на Иринеј му замеруваа поради „директното мешање во дневнополитичките прашања и отвореното заземање на страната на власта“.

Неполна година подоцна, Иринеј ги нарече црногорските протести против власта на Мило Ѓукановиќ „повик за надминување на поделбите“.  Тој така покажа дека за него, правичноста на протестот зависи од името на автократот против кого луѓето излегуваат на улиците.

„Зачувување на единството на српскиот народ“

Јавноста во Србија најмногу ја подели признанието кое Српската православна црква му го додели на српскиот претседател Александар Вучиќ за „активна љубов кон Црквата, ангажманот за зачувување на единството на српскиот народ и неуморната борба за интегритетот на Србија и зачувување на Косово и Метохија во нејзините граници“. Многу високи свештеници на Српската православна црква не се појавија на доделувањето на Орденот Свети Сава на српскиот претседател.

За разлика од покојниот црногорско-приморски митрополит Амфилохије, кој исто така почина од последиците на коронавирусот на крајот на октомври 2020 година, Иринеј не веруваше дека Александар Вучиќ ќе го признае Косово под притисок на Западот.

Тивката поддршка на Иринеј за Вучиќ постои уште од почетокот на доминацијата на Српската напредна партија во Србија, но таа стана поотворена, попомпезна и погласна во последните неколку години. Во 2018 година, Иринеј беше недвосмислен во Бања Лука: „Му благодариме на Бога што ни даде човек кој се бори како лав за српскиот народ, а особено за маченичкото и страдалничко Косово и Метохија“. Вучиќ, од своја страна, се оддолжи, велејќи дека критичарите за блискоста на Иринеј со владејачката партија сакаат да бидат „поважни од Господ и од Србија“.

Такво реторичко вметнување на Бог како сојузник во потполно секуларен спор за тоа колку цврста прегратка на црквената и световната власт српската црква може да поднесе со неоштетено достоинство, верниците кои не се склони кон Вучиќ би можеле да го протолкуваат како дрско богохулство.

Иринеј се залагаше за малку поинаков план за преговори за Косово: „Јас секогаш велев дека првиот услов за решавање на проблемите на Косово треба да биде безбедно враќање на 250.000 Срби, протерани од 1999 до 2004 година. Меѓународната заедница прво треба да помогне за тоа прашање, а дури потоа да организира разговори на други теми “.

Зад Иринеј останува завршениот Храм на Врачар и споменот на човекот кој на престолот на Свети Сава одлично се согласуваше со световните господари на животот на православните верници.