Насилството на десните екстремисти во Грција не запира | Свет | DW | 21.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Насилството на десните екстремисти во Грција не запира

Нападот врз новинарот на ДВ, Томас Јакоби, јасно покажа - десните екстремисти во Грција сѐ уште се латентна закана.

Griechenland Athen Demo Rechtsextreme (picture-alliance/abaca/P. Tzamaros)

Поддржувачи на Златна зора во Атина (28.01.2020)

Од поразот на изборите минатиот јули Златна зора веќе не е застапена во парламентот во Атина, нејзините извори на финансии пресушија и пари нема доволно дури ни за изнајмување на простор за канцеларии. Неонацистите во времето на кризата станаа трета по јачина политичка сила во Грција, но сега, како што се чини, се пред распаѓање, меѓу другото и поради тоа што „политичките тешкаши“ во партијата мора да одговараат пред суд поради „создавање злосторничка организација“. Кривичниот процес почна во 2014 година, откако еден партиски член во Пиреја со нож го прободе музичарот и активист Павлос Фисас.

Судот се занимава и со други, делумно ксенофобни, кривични дела. По повеќе одложувања пресудата се очекува во мај годинава. Казните кои се закануваат ќе значат натамошен удар за неонацистите, се мислеше до пред некој месец. А потоа се случи ова: во својот предлог за пресудата атинската обвинителка на крајот на 2019 година објаснува дека немало доволно докази за „злосторничка организација“. Тоа не значи дека обвинетите ќе бидат ослободени и ќе останат без казна. Но, според обвинителката, се работи само за одделни кривични дела кои не може да оправдаат оквалификување на партијата како злосторничка организација. Правните лаици се вџашени. Шефот на партијата Никос Михалолијакос се радува на наводната рехабилитација. И, веднаш календарот на Златна зора за 2020 година излегува од печат со најава: „Ние се враќаме и Земјата ќе трепери“. Во неделата (19 јануари) десните екстремисти се вратија со дела - стотици демонстрираа против бегалската политика на грчката влада. Тој ден во Атина германскиот новинар Томас Јакоби, кој работи за француски медиуми и за Дојче веле, беше нападнат и бртално претепан. Камбек на десните?

Повеќе: Новинар на Дојче веле претепан на собир на Златна зора во Атина

По извршителите сѐ уште се трага

Дека новинарот бил нападнат од десни екстремисти се чини сигурно. Дали биле тоа членови на Златна зора, не е утврдено, дотолку повеќе што полицијата не била во состојба да реагира веднаш и да ги уапси напаѓачите.

DW Journalist Thomas Jacobi nach der Prügelattacke in Athen (AFP/L. Gouliamaki)

Нападнатиот новинар Томас Јакоби

Јакоби за ДВ вели дека група млади луѓе го нападнала и му рекле дека го препознале како човек кој го направи документарниот филм за Златна зора. Станува збор за наградуваниот филм „Златна зора - лично прашање“, кој Јакоби го има снимано заедно со грчко-француската колешка Анжелик Курунис, во кој се расветлуваат злосторничките структури на партијата. Во моментов двајцата работат на продолжение на филмот.

Дали ретроградните се повторно во подем? Василики Георгијаду го истражува десниот екстремизам и објаснува: „Не може да се препознае повторно јакнење на Златна зора“, вели политикологот за ДВ. Но, додава таа, оваа партија е сѐ уште доминантна сила во рамки на десноекстремните движења. Според Георгијаду, има широк спектар десноекстремни ставови кои Златна зора не ги застапува. По правило, актерите во ова милје се конкуренти, но тоа не исклучува контакти меѓу нив, вели Георгијаду. Таа заедно со колегите Костас Руманијас и Ламбрини Рори ги документира и статистички ги класифицира активностите на десноекстремните групации во Грција. Заклучокот од истражувањата гласи: „Десноесктремното насилство доживеа свој врв во 2012 година, кога Златна зора првпат успеа да влезе во парламентот. Директно по почетокот на судскиот процес во 2014 година бројот на десноекстремни насилнички дела значително се намали, но во годините потоа повторно се бележи пораст, и тоа континуирано до 2018 година.“

Griechenland Goldene Morgenröte Athen (picture-alliance/NurPhoto/P.Tzamaros)

Календарот на Златна зора за 2020 година излезе од печат со најава: „Ние се враќаме и Земјата ќе трепери“

Насилство на грчките острови

Особено вознемирувачки е растечкиот број десноекстремни насилнички дела на повеќе острови на Егејско Море, на кои доаѓаат бегалци и мигранти. За точниот идентитет на изршителите може само да се шпекулира. Порано Златна зора отворено повикуваше на насилство и повремено дури документираше напади врз странци и ги објавуваше на интернет. Тоа веќе не е случај. „Во одделни случаи локалните медиуми јавуваат за наводни симпатизери на Златна зора како напаѓачи на бегалци“, вели Георгијаду. Но, партијата молчи за инцидентите. Експертката заклучува: „Или се активни нови групации во десниот спектар, или членовите на Златна зора сакаат да го сокријат својот вистински идентитет.“

Реклама