Наргилето поопасно од цигарите | Панорама | DW | 08.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Наргилето поопасно од цигарите

Сѐ повеќе млади во Германија пушат наргиле. Многумина уживаат во повеќечасовното пафкање и дружење. Но лекарите укажуваат дека пушењето наргиле е всушност поопасно од пушење цигари.

Наргилето делува безопасно. За многумина овие ориентални направи за пушење во меѓувреме станаа поим за опуштен престој во некој бар и добро дружење. Особено кај младите во Германија оваа направа од „Илјада и една ноќ“ последните години стана многу популарна алтернатива на цигарите. Според извештај на здравственото осигурување ДАК, секој втор гимназијалец веќе пробал тутун од „воденото луле“, а 15 отсто од нив се редовни конзументи.

Помалку пушачи, повеќе конзументи на наргиле

Наргиле-баровите се множат како печурки по дожд и тој тренд досега им пречи на малкумина. Но експертите сега алармираат. „Пушењето наргиле е во најмала рака исто толку опасно како и пушењето цигари“, смета Свен Драјер од Лекарската комора на сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија. Од една страна е позитивен трендот по кој сѐ помалку млади се фаќаат за цигара. Најновите статистики на Сојузниот уред за здравствено образование покажуваат дека од 2001 година бројот на пушачи на возраст меѓу 12 и 17 години паднал од 27,5 на 7,4 проценти. Но, наместо цигари многумина посегнуваат по наргилето кое не е помалку опасно. Напротив.

„Пафтањето“ поопасно од цигарата

Нагилето со тутун предизвикува исти последици по здравјето како и цигарите, го намалува капацитетот на белите дробови и ја зголемува опасноста од рак. „Едно наргиле со тутун содржи десет до 20 пати поголемо количество никотин од цигарите“, вели Драјер. Секојдневното посегнување по наргиле е еднакво на десет испушени цигари. Наместо тутун, во наргилето може да се конзумираат и ароматични материи кои не содржат никотин. Но, за составот на овој материјал за пушење не се знае многу.

Shisha-Pfeife (picture-alliance/dpa/S.Strache)

Кај наргилето постои и опасност од труење со јаглерод моноксид кој се ослободува при горењето на јагленот кој се ложи.

Но без оглед дали се работи за тутун или за „ароматизирана материја“, Драјер го смета наргилето за извонредно опасно од една друга причина. „Кај наргилето постои и опасност од труење со јаглерод моноксид кој се ослободува при горењето на јагленот кој се ложи. Драјер во секојдневието се среќавал со пациенти кои по конзумацијата на наргиле поради труење со јаглерод моноксид биле лечени во хипербарична комора. „Се работи за преоптоварување на хемоглобинот со јаглерод моноксид. Кај непушачите процентот на овој хемоглобин е околу еден отсто. Кај пушачите 10, а кај пушачите на наргиле неретко достигнува и вредност од 20, што се смета за труење“, вели Драјер.

Пасивно пушење

Но, за да добиете труење не е нужно ни самите да пушите наргиле. Доволно е извесно време да се задржите во простор во кој се наоѓаат пушачи на наргиле. На ориентот, наргилето се пуши на отворено, додека на запад - главно во затворени простории. Пасивното пушење е доволно за труење, бидејќи јаглеродниот моноксид се шири низ целата просторија. Лекарската комора затоа неодамна побара во баровите во кои се пуши наргиле да се постават алармни уреди кои ќе реагираат на зголемени концентрации на јаглерод моноксид. Но лекарите се песимисти. „Шансите да се натераат сопствениците на барови да стават вакви уреди се минимални. „Едноставно не постои државна институција која би се чувствувала одговорна за спроведување и контрола на ваква забрана“, резигнирано заклучува Драјер.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама