Напорниот марш на Ѓорге Иванов | Северна Македонија | DW | 02.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Напорниот марш на Ѓорге Иванов

Сега, откако Иванов ги потроши сите „жртви“, што му остана да жртвува? Народот, се разбира. Народот како последна одбрана на сопствената мизерија, кукавичлук и политичка импотенција. Пишува Борис Георгиевски.

Некаде во март 2016 година на Северна Кореја и’ се закануваше нов „напорен марш“- термин кое тамошното водство со децении наназад го користи како „охрабрување“ за своите граѓани секогаш кога ќе се соочи со нов период на глад. Во последниот „напорен марш“ од 1994 до 1998 година околу 3,5 милиони Севернокорејци умреа од глад.

„Можеби ќе мораме да тргнеме на напорниот марш за време на кој повторно ќе мораме да џвакаме корени од растенија“, им порача неприкосновениот комунистички лидер Ким Јонг Ун.

На оние кои не ја разбраа пораката до крај, попластично им ја опиша весникот Родонг Син мун: „Дури и ако се откажеме од своите животи, треба да продолжиме да покажуваме лојалност кон лидерот до крајот на нашите животи“.

На другиот крај на светот, во Македонија, во март 2016 година еден друг „врховен лидер“, наголемо се подготвуваше да потпише амнестија за сите политичари и нивните пајташи обвинети за безброј кривични дела: од корупција до злоупотреба на службената положба, па се’ до лажирање избори.

Додуша неколку дена откако Ким Јонг Ун ги уверуваше своите граѓани дека молчешкум треба да умрат од глад, Ѓорге Иванов ги убедуваше своите дека нема намера да помилува никого.

Нејсе, приказната за аболицијата на Иванов и како таа заврши, ја знаете. За среќа, на Северна Кореја не и‘ се случи нов „напорен марш“. За несреќа, Македонија го има Ѓорге Иванов за претседател. А тој, како што гледаме, е подготвен да биде „лојален кон лидерот до крајот на својот живот“. Две години по Ким Јонг Ун, Иванов, како што слушнавме на Мечкин Камен, исто така му порача на „својот народ“ да се подготви за напорен марш.

„Како што Илинденците со својата жртва го подготвија патот за партизаните, и како што партизаните со својата жртва го отворија патот за нашата генерација во Република Македонија, така и нашата жртва е некогаш неопходна за да опстои тој дух на републиката“, рече Иванов во Крушево.

Не е спорно дека Иванов има талент да жртвува многу работи. Во изминатите 9 години, колку што е претседател на државата, тој покажа дека знае и може. Од првиот ден на функцијата ги жртвуваше сите атрибути кои требаше да го красат како „татко на нацијата“. Еден по еден, како износен чевел, ги отфрлаше од себе сите принципи на парламентарната демократија. Низ поголемиот дел од мандатот одеше на прсти, босоног, тивко и внимателно да не случајно разбуди некого во спалната соба на „фамилијата“. Ги жртвуваше правната држава и владеењето на правото, сите можни принципи на чесно и одговорно управување и угледот на државата за да спасува криминалци и да ја аболицира мафијата. Успеа да ја девалвира и да ја доведе претседателската функција до ниво на бурекџиски калфа. Па уште без тронка срам и перде се повикува на Борис Трајковски и на Киро Глигоров.
И сега, откако ги потроши сите „жртви“, што му остана да жртвува? Народот, се разбира. Народот како последна одбрана на сопствената мизерија, кукавичлук и политичка импотенција.

Не сум слушнал некој од илинденците или партизаните кои до изнемоштеност ги цитираше Иванов на 2 август да му порачале на својот народ да се жртвува. Дури и кога го мислеле тоа, првата жртва ја правеле самите. Застанувале на чело на колоната. Иванов нема ниту храброст ниту политички габарит да го стори тоа. Да имаше, и да беше сигурен во својот избор, ќе го кажеше јавно за сите да го слушнат. Иванов го отфрла договорот со Грција, но не кажува што потоа? Ќе треба ли „народот“ да јаде корења?

Иванов бара да се слушне волјата на „народот“, но не сака ниту да гукне за референдумот. Па што е референдумот, ако не изјаснување на истиот тој народ? Дали „народот“ е само оној кој е негов истомисленик? Кој го спречува да го поведе истиот тој „народ“ пред гласачките кутии и да го урне договорот со Грција? Да им го каже историското „не“ на „јужниот сосед“ и на „студените прагматици“ од ЕУ. Или смета дека народот треба да се изјасни така што ќе седи дома на 30 септември?

Во обид и тој да се смести во „редот на бесмртните“, Иванов од Мечкин Камен упорно се повикуваше на авторитети, па ги нареди покрај себе и Карев и Делчев и Груев и Петров и Прличев и Конески, подметнувајќи серија реторички прашања до публиката во стилот: Сте се запрашале ли што би кажале тие?

Па еве, јас мислам дека творците на Крушевскиот манифест и лидерите на Илинденското востание најпрво би го прекинале својот говор додека некој во публиката извикува „мртов шиптар, добар шиптар“, би им врзале по некоја шлаканица на тие фашисти, би се откажале од нивната поддршка и би им се извиниле на останатите кои морале да го слушаат тоа. Не сакам ни да помислам што ќе кажале да знаеле дека некој како Ѓорге Иванов некогаш ќе раководи со државата за која гинеле...

DW.COM

Реклама