Напади насочени не само кон Белгија туку кон цела Европа | Свет | DW | 22.03.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Напади насочени не само кон Белгија туку кон цела Европа

По серијата терористички напади во Брисел, европската јавност повторно е ужасната и во шок. Во изјавите на осуда бројни државници упатуваат дека Брисел бил нападнат како симбол на цела Европа.

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск изјави дека е длабоко потресен од нападите во Брисел и им изрази сочувство на семејствата на загинатите. Тој истакна дека овие напади означуваат ново дно на терористите во служба на омразата и насилството.

Шефицата на дипломатијата на Европската унија, Федерика Могерини борејќи се да ги запре солзите ја прекина накратко прес-конференцијата во Јордан, изјавувајќи во однос на нападите во Брисел дека „ова е тежок ден“.

Како грозоморни нападите ги окарактеризира и Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент, и рече дека неговите мисли се со Брисел. Тој ги повика граѓаните да „останат на безбедно и да ги следат упатствата на надлежните органи“.

Францускиот претседател Франсоа Оланд пак истакна дека терористите денеска го нападнале Брисел, но всушност целеле кон цела Европа.

Гледај видео 00:31

Моменти по експлозиите на Завентем

„Шокиран сум и загрижен поради случувањата во Брисел. Ќе сториме сѐ за да помогнеме“, напиша денес на својот Твитер премиерот на Велика Британија Дејвид Камерон.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, нападите во Белгија ги окарактеризира како „варварски злосторства“. Портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, изјави оти тероризмот не познава граници и дека мора да биде победен заеднички на меѓународно ниво.

„Секако дека сме во војна“

Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие ги осуди терористичките акти во Брисел како напади врз слободата и Европската унија. „Целите на нападите- меѓународен аеродром и метро станица во близина на институциите на ЕУ говорат дека овие терористички акти не се насочени само кон Белгија туку кон нашата слобода, мобилност кои се составен дел на ЕУ“, рече Де Мезие.

Сочуввство на Белгија ѝ изрази и германскиот сојузен претседател Јоахим Гаук.

Германскиот министер за правда, Хајко Мас, истотака на својот проофил на Твитер напиша дека се работи за „црн ден за Европа“. „Овие грозоморни настани нѐ погодија сите. Ние сме на страната на Брисел и Белгија“, напиша германскиот министер.

Некогашната претседателка на Централниот совет на Евреите во Германија, Шарлоте Кноблох бара, како реакција на нападите во Брисел, подобра соработка на меѓународно ниво. „Државите од слободниот свет мораат конечно да ги здружат силите и да тргнат консеквентно против паралелниот свет кој сѐ посилно се шири“, рече Кноблох и нагласи: „Секако дека сме во војна, во војна против теророт.“

Сите сме Брисел“

Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Гарсија-Маргаљо, за експлозиите во Брисел ја обвини терористичката организација „Исламска држава“. „Овој тероризам како рак се прошири на целиот свет. На овие групи не им е потребно многу за подготвување. Доволна е наредба и тие напаѓаат“, рече Гарсија-Маргало.

Грција реагираше емотивно на она што се случи во Брисел. „Главниот град на нашата (Европска) Унија е нападнат... жалиме за загинатите... сите ние сме Брисел“, објави кусо на Твитер грчкиот министер за надворешни работи Никос Коцијас. Тој напомена дека „демократијата ќе го победи тероризмот“.

Реклама