Наезда од електрични тротинети во Париз | Свет | DW | 24.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Наезда од електрични тротинети во Париз

Низ Париз во моментов се возат околу 20.000 електрични тротинети кои се изнајмуваат. Тротоарите станаа опасни за движење. Токму поради ова веќе никој не верува во предноста на тротинетите. Градот сега сака да воведе ред.

За Хуго Роелс сѐ започна едно попладне кон крајот на април На тој ден, додека овој 28-годишен економист си заминувал од работа во јужниот дел на Париз, еден американски турист со електричен тротинет му ја прегазил ногата. Човекот речиси ништо не забележа, само кусо се завртел, викнал „Извини!", и си продолжил. Во тој момет Роелс решил да им „објави војна“ на електричните тротинети.

„Тогаш си реков: Немам речиси никакви последици, но што ако вакво нешто им се случи на други луѓе, на пример хендикепирани или бремени жени? Овие тротинети може да бидат многу опасни и тоа не смее да се игнорира“, вели Роелс за ДВ.

Навистина, и покрај тоа што нема официјални статистики, француските медиуми се преполни со извештаи за повредени пешаци и луѓе што возат електрични тротинети. Неодамна еден човек загина откако возејќи се на електричен тротинет бил удрен од камион. Во април пак почина еден 81-годишен старец, откако беше удрен од ваков тротинет.

Повеќе:Тротинет револуција во Германија

Париските тротоари речиси непроодни

Во Париз многу лесно може да влезете во „вкрстен оган“ од тротинети. Бројот на електрични тротинети кои се изнајмуваат во градот само за една година се искачи од 0 на 20.000. Според прогнозите, кон крајот на годината тој број може да се дуплира.

Elektrische Leih-Tretroller in Paris (DW/L. Louis)

Хуго Роелс

Движењето по париските тротоари е отежнато – насекаде има препреки од бројни паркирани или паднати тротинети. Тие може да се изнајмат преку мобилна апликација. Половина час чини околу пет евра.

Токму затоа Роелс започна онлајн петиција насловена „Да ја запреме инвазијата на тротинети по париските улици“. Досега ја потпишаа над 1400 луѓе. „Тротинетите не само што се опасни, туку, според неодамна објавена американска студија на Бостон консалтинг груп, тие траат и само три месеци, поради што не се ниту еколошки, а предизвикуваат комплетен хаос во градот“, вели тој.

Градот има ограничени можности за делување

Градот Париз е свесен за проблемот. Но, Кристоф Најдовски, заменик градоначалник и претставник за транспорт, вели дека на властите во голема мера им се врзани рацете.

Elektrische Leih-Tretroller in Paris (DW/L. Louis)

Кристоф Најдовски

„Кога минатата година започна изнајмување на тротинети во градот, компаниите нѐ информираа, но не се обврзани од нас да бараат дозволи, бидејќи ова транспортно средство засега не е регулирано со закон“, вели тој за ДВ.

Дури за неколку месеци со законот за мобилност ќе се воведе правна рамка за регулирање на тротинетите. Локалните власти се обидуваат преку казни од основниот закон за сообраќај да го намалат хаосот. Возење на тротоар чини 135 евра, ако се паркира тротинет на тротоар на место кое пречи при движење казната е 35 евра. Последнава казна е на товар на компаниите кои ги изнајмуваат. Од 1 јули пак се воведува целосна забрана за паркирање на тротинети на тротоар. Тие ќе мора да бидат оставени на местата за паркирање на мотори и велосипеди. Исто така градот изготви и „Правилник за однесување“ кој не е обврзувачки, туку е на доброволна база. Според него, операторите треба да се погрижат тротинетите да се исправни, а корисниците да бидат запознаени со сообраќајните прописи. Тие исто така им советуваат на компаниите да ја намалат брзината на движење на тротинетите од 25 на 20 км на час.

„Французите секогаш се жалат на нешто ново“

Американската компанија „Лиме“, која прва воведе изнајмување тротинети на париските улици, веќе го потпиша овој правилник. Покрај тоа, започна и со маркетинг кампања со цел да ги охрабри возачите на тротинети да возат одговорно. „Точно, ситуацијата сега е малку хаотична, бидејќи одеднаш во градот се појавија многу тротинети“, вели Артур-Луис Жакер, директор на француската филијала на „Лиме“ за ДВ. „Но има огромен интерес за возење со тротинет. Едноставно е интересно и забавно."

И Карла Пинто се согласува со ова. 23-годишната студентка цела недела со тротинет се движи низ Париз. „Многу е порелаксирано отколку да се возите со метро, особено ако е убаво времето“, вели таа за ДВ. „Разбирливо е дека луѓето на почеток се жалат кога се воведува нешто ново. Тоа е нормално, особено во Франција."

Пинто вози и на тротоар, но најмногу до седум километри на час за да биде загрозен ниту еден пешак.

Elektrische Leih-Tretroller in Paris (DW/L. Louis)

Симон Гасми

18-годишниот Симон Гасми пак вози многу побрзо, дури до 20 километри нз час на улица. Нема страв од незгода. „Поголемиот дел од возачите на тротинет не ги почитуваат сообраќајните правила и, на пример, возат во обратен правец во еднонасочна улица“, вели тој за ДВ. „Пешаците не треба да се жалат од нас, тие исто така често одат по улица без да погледнат лево-десно", додава тој.

Составен дел од градскиот живот во Париз?

Најдовски се надева дека ситуацијата меѓу возачите на електричен тротинет и остатокот од граѓаните наскоро ќе се релаксира. Градот по тоа прашање планира веднаш по донесувањето на Законот за мобилност да распише тендер со кој само на три компании ќе им биде дозволено да работат со ограничен број на тротинети. Целосна забрана за тротинети нема да има. „Тротинетите се етаблираа како средство за превоз и мораме да се носиме со тој факт“, вели Најдовски. „Освен тоа, трендот може да биде и позитивен ако луѓето се држат до одредени правила, а особено ако тротинетите ги користат како алтернатива за јавниот превоз што би го растоварил."

Но, Роелс не сака да чуе за таквиот аспект. „Едноставно, не мислам дека тротинетите на изнајмување се добра идеја, премногу тешко се контролираат“, вели тој. Наместо тоа, се залага повторно да се актуелизира системот за изнајмување на велосипеди Велиб, кој откако пред неполна година го преземала друга компанија, се соочува со бројни организациски и технички проблеми. „Ако градот повторно го преземе системот во свои раце, ќе може да се заживее. Тогаш нема да мора да се резервираат дополнителни паркинг места за тротинети."

DW.COM

Реклама