1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да им се помогне на презадолжените земји?

Томас Колман
26 февруари 2021

Економските последици од пандемијата на коронавирусот ја влошија ситуацијата во високозадолжените земји. Некои од нив повеќе не се ликвидни. Може ли одржливо простување на долгот да им помогне на овие држави?

https://p.dw.com/p/3pxyM
G20 Gipfel Saudi Arabien | Gruppenfoto digital
Фотографија: Präsidentschaft G20 Saudi Arabien Pressestelle

Во решавањето на проблемите се вклучија Светската Банка, Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ) но и Г20 – групата на најразвиените индустриски земји и земјите во забрзан развој. Целта е што е можно поефикасно да им се помогне на тешко задолжените земји во време на пандемијата на коронавирусот. Овојпат се вклучени и Кинезите, но всушност никој не знае колкави се кредитите кои Кина им ги дава на сиромашните земји во Африка и на други места. И веќе не е прашање како сиромашните земји да го санираат својот буџет и тешката финансиска состојба, туку и дали може да ги поднесат овие долгови.

Над 100 земји се презадолжени

Католичката организација за помош Мисереор и иницијативата erlassjahr.de во својот извештај за состојбата со долговите во 2020 година наведуваат дека 124 од 155 сиромашни земји и земји во развој се задолжени до критична точка. Вкупниот долг на сите овие земји кои се анализираат во извештајот е 7,81 билиони американски долари.

Kupferbergbau in Sambia
Фотографија: Reuters/S. Henry

Уште во ноември, Замбија престана да уплаќа рати за своите државни обврзници во американски долари. Но, како е можно еден толку важен производител на суровини како Замбија, еден од десетте најголеми производители на бакар во светот, повеќе да не може да си ги отплаќа долговите? И тоа откако оваа држава пред десет години успеа да ги намали своите обврски и долгови од околу 200% од БДП на нешто помалку од 20%, како дел од последното скратување на долговите во рамки на иницијативата за намалување на долгови: ХИПЦ (Highly Indebted Poor Countries- Високо задолжени сиромашни земји) и МДРИ (Multilateral Debt Relief Initiative – Мултилатерална иницијатива за ослободување од долгови)? Денес, речиси десет години подоцна, соодносот на долгот во Замбија повторно се искачи на 120% од БДП. Но, дали е тоа последица само на долгогодишната ниска цена на бакарот?

Фактори на ризик

Меѓу факторите на ризик кои доведуваат до прекумерен долг, според erlassjahr.de и Мисереор се пред сѐ високите барања во однос на инфраструктурата и зависноста од неколку извозни суровини како и „лошото управување на земјите во некои држави на југот“ што ја засилува „тенденцијата кон неодржливо задолжување“.

Повеќе:

-ЕУ во 2021: Со огромни задолжувања против коронавирусот

-Г20: Глобална праведност во распределбата на вакцините

-Кој ќе го плати цехот по корона-кризата?

Економистката Дина Померанц од Универзитетот во Цирих, специјалист за развојна политика, ги истражува причините поради кои многу земји одат кон достигнување на своите финансиски лимити. Нејзината основна теза е дека ниту една модерна држава не може долгорочно да опстане без ефикасен даночен систем. Анализата на земјите кои не може да си ги платат долговите, ја открива врската меѓу високите даночни приходи и високото ниво на благосостојба.

„Кога им велам на луѓето дека ја истражувам состојбата во сиромашните земји, тие се фасцинирани од мојот социјален пристап и велат дека е тоа навистина убаво. Но кога ќе им кажам дека се занимавам со даночни прашања, превртуваат со очи и ме прашуваат: Зошто? Луѓето се гладни, им треба образование, медицинска нега и сигурност. Зошто се грижите за даноците?,“ вели Дина Померанц, која студирала на Харвард и беше една од најмладите професорки по економија пред да се врати во својата татковина, Швајцарија.

Ефикасни даночни системи се гарант за стабилност – насекаде

За оваа економистка, врската меѓу даноците и развојот е очигледна. „За да може да се грижи за обврските поврзани со образованието, здравствената нега и инфраструктурата, државата мора да собира даноци,“ вели Дина. „Ниту една модерна држава не може долгорочно да опстои без ефикасен даночен систем, кој и е потребен за да одржи ред, закон и функционирање на државата“. 

Дина Померанц на онлајн семинарот на Центарот за проучување на африканските економии организиран од Универзитетот Оксфорд, потсети на тоа дека индустриските земји како САД, Велика Британија, Франција и Шведска уште од дваесеттите години на минатиот век оданочувале од 10% до 20% од својот БДП. Удел кој е сличен на уделот кај денешните сиромашни земји или земји во развој.

Праведен даночен систем исто така го зајакнува општеството и го води напред. Ако поедини групи или компании во земјите не плаќаат данок, а истовремено од даночните обврзници се бара да платат данок, тоа долгорочно прави огромна штета во општеството. Економистката од Цирих е длабоко уверена во ова.

Сега во екот на пандемијата овие сознанија тешко може да им помогнат на луѓето во презадолжените земји. Со цел да се справат со огромните трошоци и задачи во здравствениот и социјалниот сектор на овие земји им е потребна финансиска помош, и тоа што побргу. Но, долгорочно гледано, веројатно не постои начин државните финансии на хронично презадолжените земји да се стават на друга, поздрава основа – не само во Африка, туку и во Европа и останатиот дел од светот.