Надворешна политика со црни фондови | Македонија | DW | 24.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Надворешна политика со црни фондови

Дали Атина со даночни пари поткупувала пратеници во „спорот за името“, прашува денеска весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во широка анализа за спорот Каменос-Коѕијас и за водењето политика со црни фондови.

„Мора да било гласно на седницата на грчката влада на 16 октомври 2018“, оценува во првата реченица од текстот со наслов „Надворешна политика со црни фондови“, весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), опишувајќи го денот кога тогашниот грчки министер за одбрана Панос Каменос влезе во тежок судир со тогашниот шеф на грчката дипломатијаНикос Коѕијас, по што си поднесе оставка.

„Што се случило? Ако се точни информациите во грчките медиуми, Каменос, кој зборува многу и гласно, извадил тешко оружје. Атинскиот венсик 'То Вима', повикувајќи се на извори во владата, извести дека Каменос рекол оти Коѕијас добил 50 милиони евра од американскиот голем инвеститор Џорџ Сорос со цел да поткупува парламентарци во Скопје и на тој начин да си го осигура своето животно дело - прифаќањето на т.н. Преспански договор за решение на 'спорот за името'“, наведува ФАЦ и во текстот претставува и друга верзија на случувањата, притоа цитирајќи друг грчки медиум:

„Весникот 'Елефтерос Типос' дознал дека Каменос на таа владина седница рекол оти Коѕијас за таа намена (за поткуп на пратеници, н.з.) инвестирал 45 милиони евра од 'тајните фондови' на Министерството за надворешни работи. На тоа Коѕијас одговорил: 'Какви 45 милиони? Имам 11 милиони (евра од тајни фондови) во Министерството за надворешни работи, а од тоа половина оди за црквата'.“

Во текстот на ФАЦ натаму се вели:

„Судирот околу наводната улога на Сорос при решавањето на 'спорот за името' ќе има судска завршница, затоа што Коѕијас во февруари поднесе тужба против Каменос за навреда, клевета, закани, подбуцнување на закани и ширење дезинформации. 'Тој се обиде да ме уцени. Сакаше да го повлечам Преспанскиот договор', вели Коѕијас.“

ФАЦ цитира и неколку пораки на мобилниот телефон кои Коѕијас наводно ги добил од Каменос, а во кои екс министерот за одбрана бара од Коѕијас да престане со „самоволието“ и „себеинсценирањето во медиумите“ или во спротивно тој ќе го „уништи“. Натаму во текстот се додава:

„Каменос вели дека тој може да ги докаже своите тврдења на суд и повеќепати ја повтори својата верзија за финансиска улога на Сорос при решавањето на 'спорот за името'. Освен тоа, вели тој, има 'обвинувања' дека пари од Министерството за надворешни работи тајно течеле кај медиуми во Скопје, со цел да се создава позитивна атмосфера за Преспанскиот договор. Тоа би морало да се истражи, смета Каменос.“

Schweiz Zyperngespräche in Genf (Reuters/P. Albouy)

Коѕијас поднесе тужба против Каменос за навреда, клевета, закани и ширење дезинформации

Оценувајќи дека спореден ефект на кавгата на Коѕијас и Каменос е свртување на вниманието на јавноста во Грција кон постоењето „црни фондови' во министерствата, авторот на текстот Михаел Мартенс, пишува дека „црните фондови не се грчки специјалитет“:

„Во секоја земја постојат 'специјални фондови за посебна намена'. Во Германија, на пример, тоа го има Министерството за надворешни работи. Таму постои 'фонд на државните секретари' од кој амбасадорите може да побараат средства. Тие варираат зависно од земјата и ситуацијата во неа. Средствата во Министерството доаѓаат преку Комисијата за буџет, а употребата на тие пари може дури да биде и преиспитана од страна на Службата за финансиска контрола. Пред да стапат на должност, амбасадорите можат во надлежната 'канцеларија' во Берлин да се распрашаат за горниот лимит на 'вонредни средства' предвидени за земјата каде што се испратени. Средствата ги добива амбасадорот лично, администрацијата во амбасадата ако треба исплаќа во кеш, а пишани траги се избегнуваат колку што е можно повеќе. За употребата на средствата амбасадорот во сефот има деловна книга, во која имаат увид само државниот секретар или Службата за финансиска контрола. Во време на целосна опседнатост со транспарентност, црните фондови не се на добар глас, но поранешен германски амбасадор категорично го брани нивното постоење: 'Надворешната политика мора да може да спроведува и 'тивки проекти'. Тоа е жежок костен, но е важно и исправно. Токму во кризни држави и конфликтни региони со тоа може да се постигнат многу добри работи. Еден пример за употребата на средства од црни фондови е германската политика кон Балканот во 1990-те, кога Министерството за надворешни работи систематски ѝ даваше поддршка на опозицијата против насилниот владетел Слободан Милошевиќ во Југославија. Притоа, работите делумно се одвивале како на шпионски филм, кога емисари со куфери полни со кеш патувале до тајни дестинации за предавање на парите. Тие имале курирски документ, кој требало да ги заштити од проблеми во случај на контрола при излегување од Германија. Меѓутоа, такви документи во странство не важат ништо - носачите на куфери освен многу пари, со себе носеле и голем ризик.“

Весникот наведува уште неколку примери за германска поддршка на српската опозиција, како и употреба на пари од грчки тајни фондови во времето кога КФОР влезе на Косово со цел да се „поттикне добро расположение“ кон грчките војници во регионите каде што биле распоредени. Во последниот дел од текстот стои:

„А, денес? Неспорно е дека голем дел од вонредните средства кои се појавуваат во буџетот на Министерството за надворешни работи во Атина, а кои имаат бројчен код кој е непрепознатлив за луѓе од страна, одат за екуменскиот патријархат во Истанбул... Коѕијас во разговор (за ФАЦ, н.з.) се разбира не изнесува детали за тајните фондови. Само вели дека се употребуваат пари 'за да се врши влијание врз работи во странство'. Голем дел оди 'за црквата', потврдува тој...“

Brüssel Treffen Verteidigungsminister - Panos Kammenos, Griechenland (picture-alliance/Wiktor Dabkowski)

Каменос ќе мора на суд да ги докажува своите тврдења за поткуп

ФАЦ цитира неименувани извори во Атина кои тврдат дека со средства од Министерството за надворешни работи во Атина му е „дадена поддршка на македонскиот весник и интернет страница 'Независен'“:

„Како сопственици во македонскиот регистар се наведени двајца Грци: новинарот Спиридон Сидерис и Никос Фрагкопулос, неговиот локален менаџер. Фрагкопулос на прашањето поставено по писмен пат за деловниот модел на 'Независен' одговара дека слушнал за 'шпекулациите' околу тајниот фонд, 'но јас немам никакви информации за тоа дека 'Независен' добил пари од грчкото министерство за надворешни работи'... Сидерис во Атина важи за новинар кој има одлични односи со Коѕијас. Тој не крие дека многу го цени Сидерис. 'Тоа е добар новинар. Особено добро ја познава ситуацијата на Балканот.' Меѓутоа, според Коѕијас, за проект во Македонија во ниту еден момент не биле дадени пари од Министерството за надворешни работи. Дали тврдењата на Каменос дека за решавање на 'спорот за името' се дадени пари за поткуп, па дури и дека биле наводно поткупувани пратеници, ќе се покажат како неточни? Коѕијас верува дека тој ќе излезе како победник. Каменос е тој што треба да ги докаже своите тврдења на суд, а тоа нема да може, затоа што ништо од тоа што го тврди не е точно, вели Коѕијас“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

DW.COM

Реклама