Нагорно Карабах: Живот во воена состојба | Свет | DW | 27.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Нагорно Карабах: Живот во воена состојба

Десетици цивили на ерменска и на азербејџанска страна се убиени досега во војната околу Нагорно Карабах, а многумина избегаа од областа. Во прв ред страдаат цивили. Од Барда во Азербејџан, репортажа на Јулија Хан.

Огнот не поштеди речиси ништо од стариот живот на Илгар Фарзалијев. Сребрениот прибор за јадење во кујната, очилата, семејните фотографии. Изгорени спомени. На почетокот на октомври, ракета ја погоди неговата куќа, вели тој. Местото, каде  живеел 35 години, изгоре речиси до темел. Сега стои во просторијата што некогаш беше ходник и беспомошно гледа наоколу. „Целото наше семејство беше тука. Гледавме телевизија кога имаше експлозија во дворот", вели тој. „Истрчавме од куќата и ја повикавме противпожарната служба. Но, кога пристигнаа веќе беше доцна“, продолжува тој.

Илгар Фарзалијев живее во азербејџанскиот град Барда, околу 20 километри од фронтот во Нагорно Карабах. Тој е убеден дека Ерменија е одговорна за нападот врз неговиот дом. Соседната земја целно бомбардирала многу цивили во областа во последните неколку недели, вели тој. Ова негово тврдење, меѓутоа, не може да се провери од независни извори.

Aserbaidschan-Armenien | Konflikt in Berg-Karabach

Илгар Фарзалијев во неговиот разурнат дом во азербејџанска Барда

Од крајот на септември, Ерменија и Азербејџан повторно водат војна за Нагорно Карабах. Според меѓународното право, регионот му припаѓа на Азербејџан, но е под контрола на ерменските сепаратисти. Двете страни известуваат за воени успеси. Двете страни меѓусебно се обвинуваат дека го започнале конфликтоот и оти намерно напаѓаат станбени населби.

Два прекина на огнот, договорени со посредство на Русија, веќе пропаднаа. И третото примирје, договорено во Вашингтон, веќе беше прекршено. Бројот на убиени цивили по еден месец воени дејствија е повеќе од 100. Повеќе од 970 војници, според ерменските власти, веќе ги загубија своите животи. Азербејџан досега не објави податоци за загубите во редовите на своите вооружени сили.

Војна на слики

Војната околу Нагорно Карабах е и борба за толкување на конфликтот. Двете влади се обидуваат преку социјалните мрежи и телевизиски снимки да го свртат вниманието во сопствена полза. Во авторитарниот Азербејџан слободата на мислење е масовно ограничена, критикуваат од организациите за заштита на човекови права.

Повеќе:

-Прекршено и третото примирје во Нагорно Карабах

-Нагорно Карабах: Има ли војна која не е поради пари?

-Кој што сака во Нагорно-Карабах?

Во моментов таму важи воена состојба. Од 21 часот до 6 часот наутро во целата земја има полициски час. Интернетот постојано се успорува, на сила се строги прописи за цензура. Твитер, Фејсбук и Месинџер се блокирани. Пропагандата и воената реторика го одредуваат секојдневието. Странските новинари кои се во близина на линијата на фронтот не можат слободно да се движат. Тие го гледаат само она што го дозволува азербејџанската власт.

На пример, средното училиште број 6 во Барда. Децата, кои си играат со топка пред зградата, во моментот немаат одмор. Тие се бегалци. Од почетокот на борбите, пред еден месец, школските училници се пренаменија во неопходно сместување за над 100 семејства. Поголемиот дел доаѓа од соседниот град Тартар, кој се наоѓа директно на линијата на фронтот. Таму ерменските и азербејџанските трупи со недели меѓусебно разменуваат артилериски оган. Бројни жители од Тартар поради тоа ги напуштија своите домови и побараа безбедност на друго место. Некои пак се сѐ уште таму, во подруми.

Стар конфликт, нови борби

Тапите одеци од артилерискиот оган можат да се слушнат до училишното игралиште во Барда. Веднаш на влезот во училиштето децата полагаат црвени каранфили пред црно-белите фотографии. Тука е и споменикот на азербејџанскиот војник кој загинал во војната за Нагорно Карабах пред речиси 30 години.

Karte Armenien Aserbaidschan Berg-Karabach mit Barda DE

Карта на Ерменија, Азербејџан, спорниот регион Нагорно Карабах и градот Барда во Азербејџан

Тогаш, по распаѓањето на Советскиот Сојуз, Азербејџан ја загуби контролата на подрачјето. Во 1994 година Организацијата за безбедност и соработка, под претседавање на Франција, САД и Русија, постигна кревко примирје. Но, сепак не успеа да пронајде долгорочно решение за овој територијален конфликт. Сите тука, во училиштето во Барда, се убедени дека нивната војска води праведна борба. И Мусела Мусајева, заменик на директорот на училиштето. Таа не верува дека и ерменските цивили се напаѓаат, оти и таму има многу мртви и бегалци. „Јас сум убедена дека Ерменија ќе загуби. Тие би требало да се повлечат. Ние не се бориме за да заземеме ерменска територија, ние го сакаме она што ни припаѓа“, вели таа.

Вооружено насилство наместо дипломатија

Слично размислува и Забил Алијев. Тој веќе неколку недели е во училиштето, со споругата Нахида и трите внучиња. И тие доаѓаат од Тартар. Сега живеат тука, каде нормално се одржува настава. На училишните клупи има чаши и чинии. „Се грижам за девојчињата. Беа многу уплашени кога почнаа борбите“, вели Алијев додека ги гледа децата. „Од каде да знаат тие што се експлозии. Тие треба да одат на училиште, да имаат настава. Но, не мораа да учат како звучат бомби и ракети“, вели тој. Алијев не верува во примирје и во дипломатски преговори.

Aserbaidschan-Armenien | Konflikt in Berg-Karabach

Забил Алијев со сопругата и три внуки се скриени во училиштето во Барда

Азербејџанскиот претседател и натаму се потпира на напредокот на својата војска. „Никој не може да ја запре нашата одлучност“, изјави претседателот Илхам Алијев во разговорот со високорангираните генерали на вооружените сили. Непријателот ќе биде поттиснат додека не се врати Нагорно Карабах, вели тој.

Што значи војната за цивилите на двете страни, меѓу нив и за бегалците во училиштето во Барда, никој не може да каже. Дали ќе може да се вратат дома, или и тука наскоро ќе стане опасно?

 

Реклама