1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наводно последен ултиматум на грабнувачите

27 јули 2007

Германскиот заложник што почина во Авганистан, вчера е обдуциран, но конечниот резултат ќе биде познат кон крајот на идната недела. Авганистанската влада прави напори за ослободување на вториот германски заложник.

https://p.dw.com/p/BMdx
Фотографија: AP

Преговорите се сложени, изјави претставник на владата во Кабул. Во случајот на 22-цата грабнати Јужни Корејци, Талибанците го продолжија улиматумот до денеска напладне.

На прашањето за точните причини за смртта на починатиот Германец во моментов не може конечно да се одговори, изјави портпаролот на германското министерство за надводешни работи Мартин Јегер. Телото е обдуцирано вчера во институтот за судска медицина во Келн. Инженерот во минатата среда беше грабнат заедно со неговиот колега и петмина Авганистанци, јужно од Кабул.

Во случајот на вториот германски заложник, меѓу владите во Берлин и Кабул постои контакт, изјави државниот секретар Гернот Ерлер за телевизија Н-24. На прашањето дали се водат преговори со криминалци или со Талибанците, Ерлер одговори дека е познато оти постои кампања на дезинформации од страна на Талибанците, но дека не може ништо да каже за тоа со кого се преговара.

И покрај отпорот на опозицијата и дел од Социјалдемократите, германската сојузна влада и натаму се залага за продолжување на сите три мандати во Авганистан. „Во моментов планираме три сепаратни мандати што се наоѓаат пред продолжување„, изјави заменикот портпарол на владата, Томас Штег. Решение за продолжувањето на мандатите на Бундесверот во мисијата ИСАФ, во операцијата „Бесконечна слобода„ и за мисијата на авионите Торнадо треба да биде доснесено наесен.

Рокот е продолжен?

Во меѓувреме, Талибанците го продолжија ултиматумот за грабнатите Јужно-корејци до денеска претпладне по средноевропско време. Талибанците во средата најавија нов ултиматум во случајот на Јужно-корејците што беше прекинат во ноќта кон четвртокот. По убиството на еден од заложниците, Талибанците се заканија со натамошни убиства, до колку не бидат исполнети нивните барања: ослободување на 8 соборци од авганистанските затвори. Во телефонско интервју, еден од заложниците побара итна помош. Станува збор за медицинска сестра која за телевизијата ЦБС изјави дека сите заложници се наоѓаат во многу тешки услови.