Навални - сам против надмоќта | Свет | DW | 18.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Навални - сам против надмоќта

Сигурно бил свесен дека може да биде уапсен. Оттука, враќањето на Алексеј Навални во Москва беше екстремно храбар чекор. Сепак, тешко дека тоа ќе може да ја придвижи опозицијата во Русија, смета Јури Решето.

Прво добрата вест – добра од аспект на противниците на Путин: најгласниот критичар на Кремљ се врати. Во добра кондиција и полн елан.

Вистина е дека веднаш по пристигнувањето во Москва, Алексеј Навални беше уапсен. Но прво, засега се работи „само“ за истражен затвор, и второ - Навални има соборци кои ќе продолжат да се борат дури и ако тој подолго остане зад решетки.

Изабено оружје?

На пример, ќе се борат на изборите за руската Дума кои претстојат годинава. Со т.н. „паметно гласање” кое го протежира Навални, на владеачката партија „Единствена Русија” треба да и' бидат преземени што повеќе гласачи за да помине што е можно полошо на изборите.  

Rescheto Juri Kommentarbild App

Јури Решето

Замислата дури има изгледи и да функционира, како што се покажа со „паметното гласање“ на неколку регионални избори минатата година. Но, тоа нема во суштина да го промени политичкиот систем во Русија, ниту пак ќе ги засили опозициските партии, бидејќи во Русија фактички и нема опозиција.

Партиите за кои Навални повикува да се гласаат, се само безопасна псевдо опозиција. Групи на истомисленици покрај кои Кремљ без проблем си ги турка сите одлуки.

Затоа враќањето на Навални нема да смени ништо. И тоа е лошата вест – не само за противниците на Путин.

Најопасниот противник на Путин

Алексеј Навални е сам по себе „марка” - харизматичен, бестрашен, одлучен. Во меѓувреме се прослави и надвор од границите на својата земја. И многу повеќе од тоа: Навални стана најважниот руски опозициски политичар. Оној од кого Кремљ очигледно се плаши, што се гледа и по апсењето, тотално претераната реакција на неговото враќање во Москва.

Десетина полициски автобуси, стотици припадници на безбедносните сили, забранет пристап за медиумите: делот на аеродромот Внуково каде што првично требаше да слета Навални наликуваше на тврдина. Во исто време тоа беше демонстрација на сила на државата врз нејзиниот најнескротлив граѓанин.

Колку и да звучи сето ова драматично, истовремено му оди и во прилог на борбениот имиџ на Навални. Конечно веќе нема да биде нарекуван „безначајниот блогер“ или „берлинскиот пациент“, како што владиниот критичар го ословуваше портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков. Неговиот шеф Путин, пак, ниту еднаш не го изговори името на Навални.

Руското правосудство неколкупати имаше шанса да го стави Навални за подолго време зад решетки. Но, не го стори тоа, како што се тврди - по насока од Кремљ. Тоа било укажување „преголема чест“ на еден „безначаен блогер“, премногу внимание. Очигледно, тоа сега е променето. Навални стана премногу познат и очигледно премногу опасен и за Владимир Путин.

Храбар соло-борец

Но, само тој. Зад Навални не стои партија, тој не собира маса народ и засега останува само храбар соло-борец. Точно е дека неговите видеа за корумпирани службеници имаат по милиони прегледи. На неговиот повик од пред некоја година да се излезе на улица против државниот апарат, се одзваа голем број, главно млади луѓе. Но, протестите беа насилно задушени. Илјадници луѓе беа уапсени и оттогаш систематски ги заплашуваат. Дел од нив завршија и во затвор.

Кога неколку дена пред пристигнувањето на Навални група активисти на социјалните мрежи повика да се организира пречек на аеродромот за политичарот, поддржувачите на Навални во Москва и Санкт Петерсбург добија посета од полицијата. И другите опозиционери добија закани: секој што ќе се осмели да се појави на аеродром, се соочува со затворска казна. Кратко пред слетувањето на Навални имаше десетици апсења на аеродромот Внуково. Сето ова е доказ дека Кремљ е надмоќен противник.