Муштериите се’ поизбирливи | Економија | DW | 19.07.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Муштериите се’ поизбирливи

Бројот на муштериите кај кои постои развиена социјална и еколошка свест за работата на претпријатијата расте. Фирмите мора да се прилагодат на овој тренд за да останат конкурентни.

„Roadmap to Zero“ - „План до нулта точка“ - вака гласи концептот, кој Аdidas заедно со C&A, G-Star, H&M, Li-Ning, Nike и Puma го потпишаа како реакција на една кампања на Гринпис. До 2020 година овие производители на облека и спортска опрема ќе се погрижат при производството на нивните артикли да не се испуштаат хемикалии во природата. Во моментов хемикалиите кои се испуштаат при производството на облека во фабриките во различни земји загадуваат голем број реки и тие стигнуваат во водата за пиење.

Производителот на спортска облека Аdidas честопати беше споменуван во медиумите во негативен контекст, поради наводни лоши работни услови кај доставувачите или детска работа. Претпријатието сега вложува многу да го поправи лошиот имиџ. Уште од 2001 година Аdidas годишно го објавува својот план за одржливост, во кој фирмата информира за своите цели и успеси при социјалниот ангажман и заштитата на животната средина.

Концептот вроди со успех: на различни листи за рангирање, кои предвид ја земаат одржливоста на претпријатијата, овој производител на спортска облека се вбројува меѓу 40 најдобро рангирани земји во светот. Притоа, борбата против исфрлањето штетни хемикалии во земјите каде се произведуваат артиклите е само една од многуте точки, кои стојат на планот за одржливост на Аdidas. Покрај минимирање на влијанието врз животната средина, ова претпријатие работи и на подобрување на работните услови кај доставувачите и истите да може да ги контролира.

China Textilindustrie Näherinnen Flash-Galerie

Фабрика за облека во Кина

Франк Хенке во Аdidas е одговорен за програмата за одржливост. Тој има 65 соработници кои се занимаваат само со ова прашање. За Аdidas одржливоста не е петтото тркало на автомобилот, оти добивка не може да се постигне без одржлив развој, вели директорот за социјални теми и животна средина. „Уверени сме дека со ваквата програма можеме долгорочно да дадеме придонес за продолжување на работата на претпријатието“.

Хилдегард Келер-Керн е раководител во фирмата за советување Icon Added Value. Веќе пет години објавува годишни извештаи за тоа што муштериите бараат од претпријатијата. Притоа забележа дека има се’ повеќе критички муштерии, кои бараат одржлив развој од претпријатијата.

Фирмите мораат да одговорат на желбата на купувачите, смета Келер-Керн: „Тоа не може да се одмине. Фактот дека имаме глобални проблеми и дека тие не можат да се решат без претпријатијата, уште пред неколку години го сфатија муштериите и сега се отсликува во нивната одлука за купување“.

Ангажман?

Но како да се препознае дали едно претпријатие сериозно се ангажира или само си припишува еколошки карактеристики? Т.н. „Greenwashing“ односно „зелено перење“ им се припишува на пример на енергетските концерни. Тие испуштаат големи количества CO2, но се рекламираат дека се особено еколошки.

Токму кај глобалните производители на спортска опрема како Аdidas за поединечните муштерии е многу тешко да формираат независно мислење при купувањето. На пример, муштеријата има премалку информации за доставувачите, кои произведуваат во Азија или Латинска Америка. Исто така муштериите ретко имаат информации за лобирањето, вели Јирген Книрш од Гринпис. Тој е одговорен за темата одржлив конзум и во последно време имаше доста контакти со Аdidas.

Кампањата на Гринпис - Детокс, беше одлучувачка за ангажманот на претпријатијата за намалување на хемикалиите.

Не го купувај тоа!

Сепак, експертот на Гринпис смета дека севкупно постои придвижување: „Многу претпријатија сфатија дека живееме на ограничена планета и дека навистина многу зависи од тоа сировините или продуктите кои се преработуваат да се добијат на таков начин, да бидат социјално разумни и колку што е можно помалку да и‘ штетат на животната средна. Ако не се прави тоа, долгорочно се унишува бизнисот“.

Исто така и производителот на спортска опрема Patagonia се зафати со темата одржлив развој и стигна до невообичаен заклучок: "Don't buy this jacket!" Не купувај ја оваа јакна! Вака Patagonia ја рекламираше својата јакна со дополнување дека најмалку двапати треба да се размисли дали навистина е потребна јакната или не.