Мурто си отиде... | Македонија | DW | 18.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мурто си отиде...

Резултатите се една од најдобрите потврди за високиот степен на авторитарност кај македонскиот електорат. Се покажува дека сериозен дел од гласачите се лојални, иако суштински незадоволни, сѐ додека партијата е моќна.

Локалните избори дојдоа и заминаа, и со нивниот епилог пројде и опасноста дека ќе се рехабилитира авторитарната и тоталитарна елита која го имаше заробено нашето општество последната деценија. Тој воз дојде, „оде у кукуруз”, и отиде. Сега предизвикот е, како новиот машиновозач да го убедиме дека е подобро, наместо да седне на веќе разработена композиција и комотно да вози, дека треба да потроши голем дел од својот мачно стекнат политички капитал да го растури и возот, и локомотивата, а богами по сѐ изгледа и шините, па притоа да направи нови во кои неговата улога ќе биде сведена на кондуктер?

Резултатите на локалните избори во моментов се претставуваат како големо изненадување за сите засегнати страни, од кои некои се пријатно, а некои непријатно изненадени. Сепак, иако висината на разликата помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ е нешто поголема одошто се предвидуваше, самиот тренд не е изненадувачки.  Постојат повеќе причини за овој резултат.

Разбиена мантра

ВМРО ДПМНЕ изгуби безмалку една четвртина од своите гласачи во последните година дена. Со тој рапиден одлив се менуваат некои закономерности за кои бевме убедени дека се константни.  Прво, се разби мантрата за хомогеноста на гласачкото јадро на десницата. Се покажува дека тие гласачи не се баш така сплотени, фиксни, и идеолошки поврзани со десната доктрина, туку дека и тоа како постојат околности во кои тие би му „свртеле грб на пастирот”.

Првата, и според мене најважна околност, е отстранувањето на притисокот, дел психолошки, дел реален, кој доаѓа со власта. По сѐ изгледа голем дел од гласачите кои сега не гласаа за Груевски, претходно гласале за него зашто морале, а не зашто така сакале. Што е своевидна емпириска потврда на синдромот на заробена држава. Потоа, „реформаторите” на ВМРО ДПМНЕ се една од вторите посериозни причини зошто партијата го имаше овој слаб резултат. Иако тие постојано јавно истакнуваа дека се дел од партијата, сепак не криеја дека со сегашното раководство и нивните политики не се согласуваат. Нивната јавна, па и теренска, кампања, и тоа како влијаеше на конечниот резултат. Бројките имплицираат токму потврда на таа приказна: изгубените гласови не отидоа на конто на некоја друга партија (имајќи предвид дека СДСМ имаше релативно сличен резултат како на последните избори), туку беа директна порака до партиското раководство, па ако сакате и кон лидерот, дека гласачите се незадоволни со кадровските и програмските решенија. Тоа е сериозна потврда на наративот на „реформаторите”. Самата кампања на ВМРО-ДПМНЕ дополнително му одзема гласови. Таа беше некоординирана, конфузна, полна со контрадикторни пораки. Слоганот „новата ера...” на сите им покажа дека партијата де факто признава дека нешто не е во ред со досегашната ера (како што сите велевме), но притоа не понуди ниту една убедлива причина зошто се нови; напротив, во класичен свој манир, рекламираа промени, а сите забележуваа дека тоа е само фасада зад која се кријат старите, сега веќе видно уплашени, мињони.

Авторитарност на електоратот

На крајот, мислам дека овие резултати се една од најдобрите потврди за високиот степен на авторитарност кај македонскиот електорат, синдром кој не треба премногу да нѐ радува. Се покажува дека сериозен дел од гласачите се лојални, иако суштински незадоволни, сѐ додека партијата е моќна. Проблемот е што ако ги погледнеме бројките, ќе забележиме дека речиси целата критичка, односно условно „неопределена” јавност, е исто така авторитарна, клиентелистички определена. На пример, сега ВМРО-ДПМНЕ е паднат речиси на долната граница на своето партиско јадро, односно гласачи кои ја поддржуваат партијата без оглед на околностите. Тоа значи дека скоро сите гласачи кои му ја обезбедувале разликата во последните неколку циклуси избори, тој сега ги нема. Тие, по правило, се оние условно неопределени гласачи, или т.н. критички транзиторни симпатизери, кои се јазичето на вагата кое, вон партиските јадра, го определува победникот.  Бројките, за жал, покажуваат дека токму тие гласачи, кои го претставуваат најкритичкиот, најслободен елемент на десната страна на политичкиот спектар, му ја откажаа љубовта на Груевски, дури откако ја изгуби централната власт. Тоа значи дека тие гласачи реално знаеле што поддржуваат и можеле да го дигнат својот глас уште далеку порано, кога беше јасно дека политиките на Груевски се погрешни; но не, сите тие гласачи, кои ние ги квалификуваме како „критички симпатизери” всушност без никаков проблем го поддржуваа режимот сѐ додека беше устоличен, за промптно да му сврти грб дури откако се размонтира, а и тоа наспроти нивните најдобри напори.

Скриена опасност

Овој феномен на гласачката мапа на Македонија ќе треба дополнително да се истражи, најмногу зашто претставува скриена опасност во овој критичен период на рехабилитацијата на нашата кревка демократија.  Доколку се покаже дека навистина и оној електорат кој го сметаме за критички, е всушност авторитарен, клиентелистички, тогаш се појавува сериозна опасност дека таквата корупција на гласачките вредносни системи ќе направи да биде невозможно државата суштински да се ослободи од “заробеност”.  Ако притисокот за таквото поведение сега се премести bottom-up, односно почне да доаѓа од самиот електорат, кој сака цврст лидер наместо космополит менаџер, или претпочита да биде блиску со власта и по цена на демократијата, или предност ѝ дава на моќта наместо на правдата, само прашање на време е кога било која власт, па дури и онаа со најдобри почетни намери, ќе посегне по полесниот начин на владеење.

DW.COM

Реклама