Мудроста на животот на која нѐ учат старите предмети | Панорама | DW | 27.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Мудроста на животот на која нѐ учат старите предмети

Ќе можеме ли еден ден, пред да биде предоцна за нашата цивилизација, да почнеме да се учиме на една нова еколошка мудрост во употребата и во трошењето на предметите? Пишува Кица Колбе.

Одамна со нашето секојдневие владее жедта за секогаш нови употребни предмети. Тоа важи особено за богатите индустриски општества, во кои  моторот на прогресот е потрошувачкиот менталитет. Сите  сме денес, помалку или повеќе, заразени од  тој менталитет. Особено со можноста за онлајн-нарачки ние дури не мораме да го напуштиме домот за да можеме да отидеме на купување. Не мораме да одиме од една до друга продавница, како што порано излегувавме во чаршијата, трагајќи по предметот што сакаме да го купиме. Денес  само за неколку часа може на екранот на лаптопот или во мобилниот да прегледаме толкаво мноштво од  производи, за кои порано ќе ни требаа денови да ги најдеме во соодветните продавници. Чинот на купувањето стана апстрактен. Tој не е повеќе социјално доживување како што некогаш беше одењето низ продавници, шетањето  низ нив, често без јасна желба да се купи нешто. А денес жедта по  нови предмети станува се‘ посилна, затоа што рекламата ни сугерира дека со секој нов предмет ќе станеме уште посреќни. Никој повеќе не си го поставува сериозно прашањето на Ерих Фром: да се има или да се биде?

Не само што дикатот на модата  ги обликува нашите естетски вкусови кои, на крајот, ја губат личната нота затоа што се во принцип униформирани, туку и нашите секојдневни  потреби се  обликувани од индустријата  која ги произведува предметите со кои се служиме. Во секоја нова сезона модната индустрија ни го сугерира чувство дека немаме доволно облека, а  при секоја посета на   огромните стоковни куќи многу лесно забораваме дека вазната или свеќникот што сме помислиле дека мора да  ги купиме   веќе ги поседуваме во различни варијанти.  Дури и тие што веруваат дека се самосвесни и самокритични, често не  се имуни пред искушенијата на конзумот, иако истовремено  се загрижени за опстанокот на животната околина. Сите нас не‘ вознемируваат климатските промени и  уништувањето на  природата со безмислосното трошење на  ресурсите, но истовремено не сме подготвени да се ограничиме самите себеси во желбата да ги поседуваме предметите. Тротоарите не само во Келн и Берлин, туку и во Скопје секој ден се блокирани од двете страни на улицата од  бескрајна редица од  паркирани автомобили. 

Веќе не паметиме како беше да се живее со предметите кои се употребуваат додека не се скршат. Или се пренесуваат од генерација на генерација, затоа што тие не се само употребни предмети, туку завет и сведоштва од мајка на ќерка, од баба на внука. И покрај мојот восхит за убав модерен дизајн, секогаш одново  ме трогнуваат старите предмети. Германците имаат обичај, одвреме-навреме, еден куп стари парчиња мебел да  остават на тротоарот пред влезот на домовите, за да го соберат утредента од градската служба за собирање на ѓубрето.  Додека да се спушти мракот,  секој минувач може да побара во купот од старини нешто што може да му послужи. Кога поминувам крај такви купишта  мебел секогаш се прашувам која е нивната приказна? Колку децении некој седел врз старите столици со резба, колку   семејни прослави на Божиќ и Велигден запаметиле масите од тешко ореово дрво? И дали сега завршиле во купот врз тротоарот затоа што нивните стопани починале? А тоа што го сочинувало нивниот живот, употребните предмети, кои тие некогаш  ги избирале со многу внимание и радост, сега стануваат смет и отпад. Тогаш ми станува  болно јасно дека ништо не е толку минливо како еден човечки живот! А тоа што трае и раскажува за нас најчесто се нашите домови и предметите што ги  оставаме зад себе. Зошто тогаш ги сметаме за отпад?

Друга колумна од авторката: „Непопустливите“ - приказната на жените во политиката на „Бонската република“

Се прашувам, ќе можеме ли еден ден, пред да биде предоцна за нашата цивилизација, од ова сознание да почнеме да се учиме на една нова еколошка мудрост во употребата и во трошењето на предметите? Наместо  секоја нова сезона да купуваме нови чевли, да ги носиме старите на чевлар. Да создадеме визија за нова индустрија која ќе ги адаптира старите предмети, ќе го рециклира дрвото од стариот мебел,  давајќи му нов лик. За да  можеме да станеме творечки  во еколошкото визионерство, треба да се потсетиме на тоа колку малку се менуваше изгледот на  домовите во кои пораснавме. Никогаш нема да ја заборавам радоста  на првиот ден кога ќе пристигнев дома, во Скопје, на посета кај мајка ми. И  во секој агол од куќата, во секој предмет  го допирав и гледав времето кога  и јас живеев таму. Во станот на  моите родители како ништо да не се менуваше.Истиот благ и скромен ред, истата мерка, истиот дикат  во се‘, владееше со нивното однесување. Мајка ја познаваше мудроста во употребата на предметите долго време, се‘ дури не се истрошеа докрај. Таа ништо не фрлаше затоа што е старо, затоа што умееше од старото да направи ново. А затоа што за заминатите враќањето дома е секогаш копнеж за враќање во изминатото време, при секој престој кај мајка ми  се чувствував како да сум се вратила во времето на младоста во Скопје. А тоа не беше така само кај мајка ми во Скопје, туку во осумдесеттите и кај роднините во фамилијата на мажот ми во Германија,  кои беа  од генерацијата на моите родители.Таква беше една  од тетките на мажот ми, во чиј дом на празниците мирисаше на чистота и штирак, а во тоа ја препознавав миризмата на празниците во моето детство во Скопје, затоа што и мајка ми ги штиркаше чаршафите. Обете ја познаваа оскудицата и  неволјата од времето  војната, во која беа изгубиле се‘. Затоа секој предмет за нив беше скапоцен.

Гледај видео 02:18

Пластичен отпад- проблем за животната средина и за луѓето

Германските весници деновиве се‘ почесто  се прашуваат како ќе биде возможно  да се преобрази актуелното општество  од потрошувачко во еколошки заштитувачко. Како да се научиме одново на потребата да ги ограничуваме нашите потреби, за да  не ја нарушиме трајно еколошката хармонија  за идните генерации? Таква преобразба  ни претстои токму нам, на генерациите родени по војната. Доколку не почнеме веднаш да развиваме еден друг вид творечка фантазија која ќе може од старото да прави ново, која ќе создава предмети што ќе можат да имаат долг животен век, тогаш толку потребната еколошка преобрзба  на општеството ќе  остане утопија. Тоа што треба да почне да се преобразува сме најнапред самите ние и нашите лични навики.Треба  да се соочиме со себеси во  однос на сите наши конзумирачки навики, од модата до начинот на исхраната. Иднината на сето човештво зависи пред се‘ од промената во однесувањето  на луѓето во  индустриските општества. Меѓутоа  „превреднувањето на сите вредности”, кои досега  доминираа со прогресот,  мора да  се случува на глобално ниво. Пластиката која ги  претвори морињата и океаните во депонии  потекнува  не само од богатите, туку и од  сиромашните земји во светот. Можеби треба да започнеме со тоа што ќе се потсетиме дека како деца одевме  во продавница со торбуле од платно. Да се потсетиме на   торбите   плетени од конец, чија форма личеше на мрежа. Или на грубата хартија на ќесите во кои купувавме шеќер,  ориз и брашно. Да се сетиме на миризмата на скромноста, на мудроста на живеењето со секогаш истите предмети. Таа мудрост на скромноста и мерката во се‘ беше светот во кој посраснав во Македонија. Тој свет исчезна со генерацијата на нашите родители.Треба да се потсетиме на него, за да може да им  раскажеме на нашите деца и внуци дека  може да се живее и на поинаков начин, различен од постојаното конзумирање на секогаш нови предмети.