1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мубарак смее да го напушти затворот

ЕМФ/ртр/афп/дпа21 август 2013

Поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак смее да го напушти затворот, одлучи судот во Каиро. Мубарак може да остане дома додека траат останатите судски процеси против него.

https://p.dw.com/p/19U6k
Фотографија: picture alliance / Anadolu Agency

Соборениот египетски претседател Хосни Мубарак можеби ќе излезе од притвор во текот на утрешниот ден (22.08), соопшти неговиот адвокат Фарид ел-Диб. „Судот одлучи да го ослободи, можеби утре“, изјави адвокатот.

Според неименуван судски службеник, 85-годишниот Мубарак би можел за време на траењето на останатите судски процеси против него да живее дома. Во моментов, како што нагласи службеникот, се подготвуваат документите за отпуштање на Мубарак од затворот Тора, кај Каиро.

Одбинителството може да вложи жалба на одлуката за отпуштање од притвор на Мубарак, по што тој можеби би морал да се врати зад решетки.

Хосни Мубарак е обвинет за корупција. Тој и неговите двајца синови се обвинети дека проневериле пари за претседателските палати. Од кругови во правосудството се вели дека постапката што се води за проневера на јавни средства при градежни проекти е вратена до обвинителството, затоа што обвинението треба да се прошири на уште четворица соучесници.

Мубарак беше соборен од власт во 2011 година. Против него се води и постапка поради обвиненија за убиство на демонстранти за време на немирите во Египет, по кои тој беше соборен од власт. Мубарак во јуни 2012 година беше осуден на доживотен затвор поради употреба на насилство за време на масовните протести против неговото владеење. Ваквата пресуда, меѓутоа, поради грешки во постапката, подоцна беше укината. Во мај годинава судскиот процес почна одново. Мубарак ги демантира обвинувањата и се изјаснува за невин. Тој не може да остане во притвор додека не заврши овој судски процес, поради тоа што минаа повеќе од две години, што, според египетскиот закон, е максимална должина на престој во притвор до изрекување пресуда.