Мртва трка | Избори 2009 | DW | 30.03.2009
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Избори 2009

Мртва трка

Хазби Лика, актуелниот градоначалник на Тетово, и Сади Беџети, ректорот на државниот универзитет во Тетово, влегуваат во вториот круг на локалните избори на 5. април со речиси изедначени позиции.

default

На контото на Хазби Лика, на 22 – ри март имаше само стотина гласови повеќе. ДУИ и ДПА, како впрочем и сите албански партии, го сметаат Тетово како „бастион на албанштината“ и оттука е разбирливо што партиите на Мендух Тачи и на Али Ахмети ја бијат битката не само за градоначалничката фотелја во градот под Шара, туку и за својот престиж и рејтингот во очите на албанското бирачко тело во регионот и во целата земја.

Гласовите на Македонците ќе бидат пресудни за изборот на новиот градоначалник?

Хазби Лика е еден од најблиските соработници на Али Ахмети уште од конфликтот во 2001 – ва година, кога тој беше командант на 112 – тата бригада на ОНА. Лика, во 2003 година, беше избран за пратеник во македонскиот парламент, а во 2005 – та година ја вршеше функцијата заменик – министер за внатрешни работи. Сади Беџети е доктор по медицински науки, професор и ректор на државниот универзитет, без никакво претходно искуство во политиката.

Двајцата им ветуваат многу нешта на граѓаните на Тетово: од улици, преку базен до повеќе комунални инфраструктурни

Universität von Tetovo, Mazedonien

Ќе успее ли човек без политичко искуство да се избори за градоначалничката фотелја? На фотографијата е зградата на Државниот универзитет во Тетово, чиј ректор е Сади Беџети

објекти. Сепак, Хазби Лика е нешто повоздржан и предупредува: „Да не даваме премногу празни ветувања, оти општинските буџети се ограничени и тие не се толкави, за да можат да ги сервисираат сите потреби на граѓаните.“

Сади Беџети е поагресивен во својата кампања и тврди дека има повеќе способности да ги привлекува и да ги користи парите од европските фондови. Тој вети дека ќе изгради, дури, и старечки дом и народна кујна. Врз што Беџети го заснова оптимизмот дека токму тој ќе биде новиот градоначалник? Тој за Дојче веле одговара: „Никогаш не сум работел според партиски линии, не сум ги делел луѓето според нацијата и верата, туку сум гледал на нив како на луѓе и нелуѓе. Значи, работев за граѓаните. Конкретно, во моментов очекувам најмногу македонскиот блок да ми ги даде гласовите, а, исто така, и бирачите, кои гласаа досега за мене.“

Граѓаните на Тетово бараат учество на сите етникуми во одлучувањето во локалната власт

Самите граѓани на Тетово за досега решените комунални проблеми и за она што го очекуваат од новиот градоначалник, пак велат:

„Гревота е во Тетово, кое плива во вода, ние да немаме вода. Значи, некој не си ја работел својата работа. Водоснабдувањето ќе биде под итно обврска за новиот градоначалник.“

Tetovo Zentrum, Mazedonien

Граѓаните бараат вистински „татко“ на градот

„Прво треба да работи за градот, но новиот градоначалник треба да биде и џентлмен кон народот: да го сплоти и да ја врати довербата меѓу него. Тетово е мултиетнички град, тој не им припаѓа само на Албанците и Македонците. Тука има и Турци, Роми, има поголем број и Срби.“

„Градоначалникот, најпрво, треба да има поддршка од населението, од сите, а не само од еден. Ако ја нема поддршката од сите што живеат во Македонија, тој не може да работи ништо.“

„Македонците не биле досега застапени, а исто така и другите националности, туку тоа било препуштено во други раце и тие одлучувале како што му одговарало некому.“

„Градоначалникот треба да биде навистина татко на градот!“

Претстои да се види дали на 5 – ти април ДПА ќе ја истисне ДУИ од челната позиција во тетовската локална самоуправа, или, пак, „интегративците“ ќе успеат да го добијат и вториот мандат да раководат со оваа општина и град со повеќе од 100 илјади жители, како еден од најважните политички и економски центри во Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска