Моја Европа: Светлото и сенките на Виктор Орбан | Свет | DW | 07.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Моја Европа: Светлото и сенките на Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Орбан се надева дека на изборите ќе освои уште еден мандат, четврти по ред. Сликата за него во медиумите честопати е еднострана, но тој има и постигнувања, оценува дописникот од Унгарија, Борис Калноки

На унгарскиот премиер Виктор Орбан не му пречи кога го нарекуваат „популист“. Еднаш го прашав зошто е тоа така. „Затоа што тоа сум“, одговори тој. „Популист“ за него значи „демократ“, некој кој разбира што ги придвижува, односно мачи луѓето и кој тоа го тематизира. Национал-конзервативец? Исто така „демократ“. Нација - тоа се избирачите. Обврска на секоја избрана влада е да ги стави нивните интереси пред сѐ останато.

Унгарија на прво место

Со ваквиот принцип „Унгарија на прво место“ Орбан ѝ остави печат на земјата подлабок од кој било друг политичар по падот на Железната завеса. Тој е на власт од 2010 година, а беше и претходно - од 1998 до 2002 година. Утре повторно ќе се гласа. Неговата партија Фидес, според истражувањата на јавното мислење, води далеку пред другите.

За да се сфати зошто е тоа така, мора да се вратиме во 2006 година. Тогаш беше објавена интерна аудио снимка од тогашниот социјалистички премиер Ференц Ѓурчани. На тонскиот документ можеше да се слушне дека тој постојано го лажел народот. Тогаш нешто се скрши. Се скрши вербата во извонредноста на демократијата и уверувањето дека благодарение на пресвртот сѐ ќе биде подобро. Масовните протести против Ѓурчани беа брутално задушени. Тогаш стоев пред вратата на мојата куќа во Будимпешта и вџашено посматрав како внуците на комунистите - социјалистите, со гумени куршуми пукаат врз внуците на револуцијата од 1956. - граѓанската опозиција која ја предводеше Орбан.

Boris Kalnoky (privat)

Борис Калноки

Во кризата стана голем

Потоа, во 2008/2009 година, дојде финансиската криза. Унгарија беше првата ЕУ-членка на која ѝ беше неопходен кредит од ММФ. Во атмосфера на општа беспомошност сите очи беа свртени кон Орбан, кој вети нов почеток: Унгарија би морала повторно да размислува со сопствена глава. Неговиот борбен восклик гласеше: „Слобода“!

Исто како во 1989 година, кога како млад студентски лидер побара повлекување на Русите. Тоа го катапултираше на политичката сцена. Во воздухот висеше расположение за пресврт, а Орбан претставуваше негово отелотворение.

Сега, меѓутоа, тој претставуваше отелотворение на чувството дека тој пресврт беше неуспешен, дека се неопходни нови патишта. На парламентарните избори во 2010 година постигна голема победа.

Повеќе: 

Парламентарни избори во Унгарија: Орбан по трет пат?

Опозицијата во Унгарија добива шанса против Орбан

Газење на медиумите

Тој беше на власт и во периодот 1998-2002 година, и тоа владеење беше добро. Наголемо инвестираше во образованието. Единствената суровина која ја има Унгарија е интелигенцијата на нејзината младина, ми рече тогаш. Го намали државното задолжување, го зајакна семејството. И, сепак загуби на наредните избори во 2002 година - против лажгото Ѓурчани. Тоа беше шок кој го промени. Тој дојде до заклучок дека за тоа се виновни медиумите кои тендираат кон лево. Затоа, по своето враќање на власт прво ги згазна медиумите, носејќи остар закон. Тоа ги огорчи новинарите. Таквата огорченост оттогаш ја обојува сликата за Орбан во медиумите.

Притоа, тој има и многу постигнувања. Наместо во текот на должничката криза да ги цеди граѓаните, тој ги притискаше мултинационалните концерни со вонредни даноци и ги намали даноците за граѓаните и средниот слој. Наплатата на данокот стана поефикасна. Државното задолжување се намали од 82 на 72 процента од брутодомашниот производ. Тој издаде наредба за принудно конвертирање на т.н. девизни кредити далеку под пазарната вредност. (Странските) банки крвавеа, но стотици илјади домаќинства беа спасени од стапицата на долгови. Економијата бележеше пораст, платите се зголемуваа, речиси и немаше невработени. Граничната ограда на Орбан ја држеше Унгарија надвор од бегалската криза.

Политика на силна држава

Светло и сенки: тој го уништи граѓанскиот дух, чиј предводник беше некогаш. „Граѓанинот“ како активен член на општеството кој носи одговорност и сака да постигне резултати - Орбан беше тој кој повторно го воведе ваквиот начин на размислување, иако по комунизмот воопшто веќе немаше граѓанство. Но, неговата политика на силна држава, која управува со сѐ, е спротивност на граѓанската самоодговорност. Државните договори не се распределуваат според принципот на граѓанско постигнување, туку им се делат на сојузниците.

Тој му стави крај на давењето на политички коректната мисла и со тоа стана просветител во маглата на празни фрази. Денес, пак, замаглува тој лично. Неговата анти-Сорос кампања, која дава слика за заговор за уништување на Европа, го замаглува погледот кон покомплексните вистини. Тој ја централизираше моќта, а центарот е самиот тој. Тоа ветува хаос тогаш кога ќе се повлече. Ако му се верува на неговото опкружување, Орбан има намера внимателно да почне да работи на наоѓање свој наследник и на обновување на партијата - во случај да победи на овие избори. Тоа би било неопоходно, затоа што загуби голем дел од младината, што значи ја загуби единствената суровина која ја има земјата. Тоа ги прави изборите повозбудливи отколку што се мисли. „Можеме да загубиме“, вели еден од неговите советници. „Но, тоа би било изненадување.“

Борис Калноки, роден 1961 година, е дописник од Унгарија за германсмкиот весник „Велт“ и други германски медиуми. Тој е автор на книгата „Земјата на предците“ (2011), во која е опишана неговата потрага по своите предци, меѓу другите царскиот и кралевски министер за надворешни работи Густав Калноки.

DW.COM

Реклама