Моја Европа: Популистичка мобилизација | Свет | DW | 25.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Моја Европа: Популистичка мобилизација

Популистите се во подем, а европските вредности се ставаат под знак прашалник. Демократите мора да се спротивстават, оценува Каталин Флореску. Романија даде пример како се прави тоа.

Верувавме дека сме безбедни, барем западниот дел на светот. Од пепелта на двете светски војни изникнаа институции кои требаше да делуваат како тврдина во одбраната од повторен колапс на цивилизацијата. Оние кои површно ги набљудуваа работите сметаа дека по распадот на комунизмот напредува и истокот на Европа. Демократија, човекови права, поделба на власта, секуларна држава, слобода на печат, ЕУ, заедница на народи - подоцна ООН.

Пазари наместо вредности

Денес сите овие придобивки се поткопани од популистите и ним верните маси. Во Америка Трамп се подбива со судиите и новинарите, два важни столба на слободарскиот поредок. Некои од европските десни популисти - кои веќе се на власт - го менуваат општеството и политичките системи на своите земји сѐ додека тие не ја добијат нивната авторитарна, антипросветителска гримаса. Други се веќе на стартна позиција и стремат кон власт за да може да го прават токму тоа. Тие толерираат и поттикнуваат антисемитизам, ксенофобија, носталгија по „Крв и почва“- идеологијата (идеологија фокусирана на етничката припадност, заснована на два фактора: потекло - крв и родна земја - почва, н.з.)

Ако се веруваше дека ЕУ е заедница на вредности, сега се согледува дека опортунистичкиот Исток мислел само на економско опоравување и пораст. Дури ни во западните земји не станува збор недвосмислено за вредности, туку за пазари. Актуелната несолидарност на источноевропските земји и долгата, удобна пасивност на северните држави во однос на Италија или Грција по прашањето на бегалците, кажуваат многу.

Романија како пример

Во ваква ситуација, мал зрак светлина е токму една периферна земја, за многумина непозната, за други пак поврзана само со негативни клишеа. Романија ни дава поука. Стотици илјади луѓе секоја вечер излегуваат на плоштадите и улиците и демонстрираат против коруптивната политика на владата. Таа сметаше дека со зголемување на пензиите и платите си ја купи наклонетоста на граѓаните. Народот одлучи поинаку.

Луѓето носат плакати на кои е напишано: „Во една правна држава крадците се во затвор!“, или „Ние сакаме правда, вие сакате корупција. Немаме ништо заедничко!“, или „Ништо нема да ви простиме!“ Од центарот на цивилното општество изникна движење на чесни граѓани, кое на парламентарните избори веднаш освои осум проценти од гласовите. И, мегаломанскиот национализам како во Унгарија, Полска или Русија, во Романија веќе не игра речиси никаква улога. Романија е пример како работите може и поинаку да се одвиваат.

Кислородот на омразата

На улиците и плоштадите на Западот ми недостигаат стотици илјади, милиони просветени луѓе кои секојдневно и со недели демонстрираат против глодањето на правната држава и заканата која ја претставува екстремната десница. Ми недостига оној длабок гнев кој те тера да дејствуваш, да се заложиш активно за другиот, за сограѓанинот, а со тоа и за себе.

Зашто, кога популистите ќе завршат со другите, ќе се зафатат и со тебе. Тие не познаваат пречки, дотолку повеќе што толпата од нив и очекува да не се притеснуваат. И тие на отапената маса народ мора постојано да ѝ сервираат нови закани и нови цели на омраза. Популист кој подзастанува е готов. На популизмот, исто како и при пожар, за да може да се шири му е неопходен кислород - кислородот на омразата. Прво е тоа омраза кон Арапите, потоа кон Евреите, кон хомосексуалците, кон неприлагодените, подоцна и кон тебе.

Наместо да создаваме просветена маса народ и со тоа да вршиме притисок, ние бревтаме над богатите трпези, се разгневуваме малку и на крајот го актуелизираме нашиот статус на Фејсбук.

Нема, отапена маса

Ние треба да сме пред парламентите на нашите земји, на улиците, и на плоштадите. Треба да ги живееме вредностите, а не само да зборуваме за нив. Треба да направиме разлика. Како што еднаш рече еден познат писател: нема ништо добро, освен ако не го создадеш. Има луѓе кои инстинктивно чувствуваат дека мора да дејствуваат. Нивниот внатрешен компас и самопочит сѐ уште се недопрени. Тие како мечките по долгиот зимски сон се растресуваат и одат онаму каде што се потребни за да им помогнат на бегалците. Тоа е важно, но така се бориш само против симптомите, а не и против причините за моралната криза на нашето време.

Ние сме една нема, отапена маса, ни риба ни девојка, ниту толпа ниту просветени. Ние веќе не ги разбираме ниту начелата како љубов кон ближниот, алтруизам, солидарност, а да не зборуваме за живот според ваквите начела. Се откажуваме од нашиот разум и смисла за правда пред портите на царството на безгрижениот живот. И, се откажуваме пред сѐ од нашата безусловна волја нешто да промениме. Сѐ додека молчиме, сме соучесници и компромитирани. Сѐ додека молчиме, остануваме должни не нудејќи доказ дека не припаѓаме на толпата. Зашто, држењето настрана е исто така став.

 

Писателот Каталин Дориан Флореску е роден во Романија, а од 1982 година живее во Швајцарија. За романот „Јакоб решава да сака" во 2011 година ја доби наградата на Швајцарските книжари.

 

DW.COM

Реклама