Моја Европа: Малку поинаквите социјалдемократи од Букурешт | Свет | DW | 02.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Моја Европа: Малку поинаквите социјалдемократи од Букурешт

Романските социјалдемократи се феномен - големиот број политички скандали не им можат ништо.

Како колегите од цел свет, така и романските политички лидери секое утро добиваат извештај за најзначајните работи кои за нив ги објавил светскиот печат. Толку поразителни работи колку што тие имаат добиено, за себе можат да прочитаат уште само Доналд Трамп и венецуелскиот автократ Мадуро.

Но, вестите не допираат до нив. Претседателот на владеачката Социјалдемократска партија на Романија (ПСД), Ливиу Драгнеа, на општото незадоволство одговара со покерски израз на лицето. Поради тоа што лично е осуден за изборен фалсификат и за поттикнување злоупотреба на службената положба, изгледите да стане премиер му се уништени. Но, не и моќта. Не го вознемирува тоа што сите дома и во странство премиерката која тој ја избра и ја постави, Вјорика Данчила, ја сметаат за негова марионета, исто како што не го вознемируваат ни нападите од претседателот Клаус Јоханис. По импозантната изборна победа на неговата Социјалдемократска партија, Драгнеа успешно ја тргна храбрата претседателка на антикорупциската комисија.

Моќта на бароните

Оттогаш неговата партија се труди да ги спаси од правдата своите корумпирани локални функционери преку интервенции, спорни амнестии и назначувања на судии. Една банда се крие од полицијата.

Драгнеа не троши многу енергија во обид некако да ги сокрие своите намери. А, и зошто би го правел тоа? Кога се работи за корупија, неговата партија одамна го има загубено образот. Адријан Настасе, поранешен партиски лидер и премиер, заврши во затвор. Секој знае дека „бароните“, како што радо се нарекува социјалдемократското партиско племтство во провинцијата, го држат истокот и југот на земјата цврсто под своја контрола. Ниту повеќенеделните протести на стотици илјади Романци пред две години, ниту опомените од Брисел не влијаеја на Драгнеа и неговата партија, па ни растечкиот број на членови кои ја напуштаат партијата.

Згора на ова, најголем проблем е што Драгнеа и партијата имаат успех. Ниту една земја во регионот не се оправи толку брзо и толку темелно од финансиската криза пред десет години како Романија. Платите растат, невработеноста е ниска, благодарение и на постојаната емиграција. Се создаде средна класа. Улиците се подобри, исто и трамвајот. Школскиот систем, па дури и здравството повторно фатија чекор.

Поминаа, но не се заборавија времињата кога со строгиот режим на штедење од 2010 година беа отпуштени десетици илјади административци, кога данокот на додадена вредност преку ноќ ги крена цените за 5 проценти, кога десетици болници беа затворени, а голем број доктори ја напуштаа земјата. Со неолиберални радикални рецепти како во времето на поранешниот претседател Трајан Басеску во Романија веќе не може да се придобијат симпатии, а камоли избори. Романските социјалдемократи воопшто не владеат социјалистички. Синдикатите молкум беа обезвластени.

Други колумни од авторот:

Источна Европа се самоукинува

Моја Европа: Босанскиот леден мир

Многу членови, добри изборни резултати, строга организација

Партијата реагира со цврста рака, а и интерно-партиски се владее на ист начин: кој не е лојален, лета! Со хиерархиската структура романската социјалдемократија се разликува од сестринските партии во Европа, но исто и со нејзиниот успех. Со повеќе од половина милион членови, партијата е најголема меѓу т.н. земји во транзиција. Нејзиниот изборен резултат, 46 проценти, не го достигнал никој во Европа.

Ппритоа, романските социјалдемократи не се движат во правец на десен популизам, како словачките колеги. Во нивните редови, покрај бароните, има и многу ангажирани луѓе кои навистина имаат големи планови за земјата. Во парламентарната група седат многу веродостојни поборници за човекови права и интереси на малцинствата. Само што програми и концепти едноставно не се фах на партијата. Таа е машина за моќ. Убедувања, вредности, ставови и слично не се нејзина работа, таа не е создадена за плуралистички систем. Може да се позиционира лево, може и десно. Клавијатурите на национализмот ги владее исто толку добро колку и Фидес на Орбан во соседна Унгарија, само таа нема потреба да игра толку нагласено на таа карта. Ако се покаже корисно, партијата нема проблем да мобилизира гласови контра унгарското малцинство во земјата, или претседателот со германско потекло, или пак наводно арогантните „бриселски бирократи".

ПСД: За имитација несоодветна

Мешавината од самодоволност и индиферентноста може да се објасни со историјата. И КП, од која произлезе, не беше ни лево ни десно ориентирана. Таа едноставно беше на власт. „Фронтот за национален спас" кој владееше со Романија по падот на режимот на Чаушеску, сѐ уште се гледаше себеси како некој вид авангарда која во себе би требало да ги обедини сите спротивности. Никому не му пречеше кога водечките луѓе од стариот режим по 1990 година одеднаш се покажаа дури и како фашисти. Барем беа добри како коалициски партнер. Конечно, партијата никогаш не се соочи со комунизмот, кој во Романија имаше десничарско, националистичко и социјалконзервативно лице, а не утописко.

Рецептот за успехот на ПСД не е применлив надвор од Романија. Партијата не извлекува никакви поуки, особено не поуки кои стигнуваат од сѐ послабите сестрински партии во западна Европа, кои сѐ повеќе губат идентитет. Но, ако не сакаат да претпрат штети од успехот на романските коелги, европските социјалдеморкати би морале да се соочат со проблемот. На СПД (од Германија, н.з.) уште во минатото не ѝ беше лесно да објасни зошто со децении отфрла соработка со Партијата на Левицата и нејзиниот претходник - ПДС, а истовремено нема проблем со тоа да седи во иста пратеничка група во Европскиот парламент со другарите од Романија или Бугарија, кои не знаат за срам и каење.

Ангела Меркел можеби може себеси да си допушти еден Виктор Орбан, но Андреа Налес сигурно не може да си го дозволи Ливиу Драгнеа.

DW.COM

Реклама