Моја Европа: И странците може да бидат расисти | Свет | DW | 18.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Моја Европа: И странците може да бидат расисти

По читањето на насловот веројатно сте веќе изнервирани. Во право сум? За жал мора да ве разочарам. Повеќето од странците се сосема во ред.

Навистина, како што е познато, исклучоците го потврдуваат правилото. Така на пример еден бездомник Полјак, кој недалеку од местото каде што живеам  редовно се опива на една приградска железничка станица. Моето познавање на полскиот јазик е ограничено на пцовки и здравици, но тоа е доволно за да го разберам. Неодамна кога поминав крај него напат кон работа, тој штотуку навреди една жена, бидејќи носеше шамија. Таа се заврте, кратко ја затресе главата и продолжи суверено натаму. Знам дека не е убаво да се зборува лошо за бездомниците, но оттогаш тој повеќе не ми е особено симпатичен.

Можам многу добро да се замислам како како овој бездомник стои на Денот на полската независност заедно со 60.000 десничарски екстремисти во Варшава и вика „Цела Полска пее со нас, бегалци надвор", или како бара  „бела Европа на братските народи". И додека тој стои таму и демонстрираа против муслиманите и бегалците, кои ретко и да ги има во Полска, екстремно десничарските демонстранти со презир гледаат во него, бидејќи е бездомник. Само затоа што си дискриминиран не значи дека си подобра личност.

Малцинствата не се природни придонесувачи за поправедно општество

Национализмот, антисемитизмот и расизмот се широко распространети идеологии. Како кај милионери, така и кај бездомници, кај мештаните исто како и кај мигрантите. Расистот со костум и универзитетска диплома има само научено поелоквентно од бездомникот да ја изразува својата омраза. Широката перцепција дека сиромашните и помалку образованите луѓе се повеќе подложни на овие идеологии, емпириски не е одржлива. Тоа е само една од многуте предрасуди кон „оние долу". Но, дури и кај левицата широко распрастранетата претстава дека имигрантите и малцинствата се природни сојузници за отворено и праведно општество е наивна.

Некои германски Турци остро се спротивставуваат на подемот на десничарскиот популизам во Германија и со право се лути поради потфрлањето на правната држава во разрешувањето на убиствата на НСУ, но тие не изустуваат ниту еден критички збор за Ердоган и се претргаат од фалби за состојбите во Турција. Некои Романци и Бугари со право се лути поради тоа што се експлоатирани за ниски плати, но потоа се жалат на Ромите од нивните матични земји, кои исто така доаѓаат во Германија. Некои Руси се жалат дека се дискриминирани во Германија и во следната реченица се жестат поради гастарбајтерите од Централна Азија во Русија.

Да не се идеализираат луѓе со друго потекло

Оваа листа може да биде продолжена до недоглед, но ја разбравте поентата. Овие луѓе се многу слични. Тие сметаат дека е совршено во ред да се злоупотребуваат, загрозуваат и исклучуваат припадниците на малцинствата. Но, сѐ додека тие самите не се припадници на малцинството.

Луѓето да не оценуваат според нивното потекло не значи само тие да не се демонизираат, туку и да не се идеализираат. И двете нешта се расистички, дури и ако едното е можеби со добра намера. Во конкретни случаи тогаш треба да направи разлика. Ако 18-годишниот Сириец дојде во Германија и сѐ уште не научил дека Хитлер е лош, може да се обидете да му го објасните тоа. Ако еден 18-годишен Германец сé уште не го сфатил тоа по многугодишни лекции по историја, тоа ќе биде многу тешко.

Таа станува особено комплексно кога оние кои мразат странци бегаат во странство и се среќаваат со други кои мразат странци. Звучи ли ова сега премногу апстрактно ? Можам да го објаснам со пример. На демонстрации на екстремно десничарското идентитетско движење во Виена го слушам јазикот на моите родители. Многу Срби и Хрвати беа таму за да протестираат против „однародување", „исламизација" или што веќе си исфантазирале.

Срби, Хрвати и Полјаци маршираат против бегалци

Српските националисти и хрватските националисти всушност не се сакаат. Освен ако не се во Виена во моментот додека се извикуваат пароли со омраза против муслиманите и бегалците. Тогаш дури и ќе се сретнат на исто место, за да ја споделат својата омраза кон некои други. А токму луѓето од поранешна Југославија, првпат почнаа да дооаѓаат во Австрија како гастарбајтери во 1970-тите, а потоа повторно како бегалци во 1990-тите. Австриските националисти тогаш не ги сакаа таму. Но, бидејќи сѐ повеќе и повеќе луѓе од Сирија живеат во Австрија, старите бегалци од Балканот одеднаш се во ред. Се разбира, ова важи само за „белите" луѓе од Балканот, а не за Ромите.

Србите, Хрватите, Полјаците и другите луѓе од Централна и Источна Европа маршираат во Германија и во Австрија заедно со луѓето кои до неодамна сакаа да ги исфрлат од земјата. Од почетокот на војната во Сирија, ние бегалците од Балканот стоиме малку понатаму на „листата за отстрел“ и сега сме доволно добри да учествуваме во демонстрациите против бегалците. Ако тоа треба да биде интеграција, тогаш функционира супер. Европските националисти се одлично прекугранично вмрежени. Заедничките слики на непријателот се бегалците и муслиманите. Без разлика дали тие постојат во соодветната земја или не.

На ѕидот на културниот центар во мојот роден град еднаш пишуваше: „Сите ние сме странци, речиси насекаде“. Ми се допаѓа реченицава, само мора малку да се дополни: „И странците исто така може да бидат расисти, насекаде“.

Крсто  Лазаревиќ  е  роден  воБиХ и како  дете  со  родителите  побегнал  во  Германија.  Денес  живее  во  Берлин  и  пишува  за  неколку  медиуми  на  германски  јазик.

Реклама