1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: за смртта и грижата на совест

Станислав Штрасбургер
27 февруари 2021

Логиката што се крие зад локдаунот не заплеткува во комплексна мрежа од грижа на совест, потиснување на нештата и илузорни убедувања, смета Станислав Штрасбургер.

https://p.dw.com/p/3pxg6
Stanislaw Strasburger
Фотографија: Mathias Bothor

„Во состојба на бесмислено чекање човекот може да загуби и трпение и надеж, да биде резигниран на краток или долг рок, да му се смачи животот", прочитав во еден мејл на средината на јануари. Мојата 82-годишна пријателка и автор на тие зборови ми легна на срце. Анелија ја доживував секогаш како срдечна, мудра жена, секогаш подготвена да помогне на оние на кои тоа им е потребно, дива и жива душа, со кадрава коса која и го краси ликот.

Во мејлот ми опишува како се чувствува откако заради „малиот вирус со големо дејство присилно се наоѓа во посебно мирување со полициски час”и вели: „Каде што има почеток има и крај...слепи и еднонасочни улици и вртењето во круг придонесуваат многу за оној замор кој оневозможува будно да го прифатиме збогувањето со животот, да уживаме во замореноста од него, да си дозволиме да се чувствуваме така и да си заминеме помирени со себе...”

Што ли сака да ми каже со тоа? Лоши мисли ми пролетуваат низ глава. Како да реагирам, да ги побарам нејзините пријатели кои живеат во близина или да побарам професионална помош? Или да и се јавам и да се охрабрам за разговор? Исплашен сум за неа, но и за себе. Ако реагирам „погрешно” на пораката можеби ќе бидам се чувствувам одговорен за смртта на близок човек. Но, обратно погледнато, дали сум подготвен да ја прифатам одлуката која страхувам дека се крие во мејлот? Огромна одговорност буквално ме фрла на колена.

Symbolbild | Sterbehilfe
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Смислата на животот и услужните дејности

Како членови на богатите западни општества создадовме комплексни системи кои треба да ни помогнат да избегнеме од ваков вид на одговорнсот. Хенинг Шерф, поранешен градоначалник на Бремен, кој денес се залага за подобар однос спрема умирањето, уште во 2016 пишуваше за комерцијализацијата на последната животна отсечка во рамки на услужниот сектор, кој смртта ја поместува во табуизирана зона.

Други колумни од авторот:

-Моја Европа: Мобилноста на светот

-Моја Европа: Сеќавање- човекот наместо нацијата

-Моја Европа: Ве молиме, покажете малку емпатија!

Па така и нашите болници станувале смртни постели, а преоптоварените интернистички оддели платформи за згрижување на болни и луѓе на умирање, интегрирани во еден пазар со огромен профит. Таквиот систем пак исполнува само една општествена функција: да се направи смртта невидлива и избрише од перцепцијата, да не ослободи од вината и одговорноста. И уште нешто: нашите стратегии за потиснување на извесноста на смртта и растечкиот палиативен сектор како да се поврзани со убедувањето дека секогаш се умира од нешто. Смртта има причина. И со помош на соодветно дејство од човекот може да биде спречена. Но, колку има смисла смртта да се објаснува како редослед од причина и последица? И дали таа причина е нешто што може да се сузбива и со тоа смртта до недоглед да се одложува?

Рутината

Мејлот од Анелија стаса додека во Алгарве каде што престојувам бројот на Ковид-позитивни енормно расте. Реакциите во Европа пак веќе се рутински: владата во Лисабон ги заострува и онака ограничувачките мерки.

Но, и логиката што се крие зад локдаунот не заплеткува во комплексна мрежа од грижа на совест, потиснување на нештата и илузорни убедувања. Таквата логика е истовремено и претскажување и проклетство. Збир на правила кои наводно опфаќаат се, само ветуваат ослободување од товарот на одговорноста. Но, исто така не фрла во очај кога ќе сфатиме дека реалноста постојано си наоѓа начин да ги заобиколи правилата. Во постојаниот процес на „адаптација” правилата толку се комплицираат што на крај едвај некому му е јасно како треба „правилно” да се однесува. Наместо олеснување се случува дополнително оптоварување, фрустрацијата од неуспехот. Тоа не е за занемарување. Во индивидуализирани општества во кои правото на самоопределба ужива статус на посебно добро, користењето на локдаун го поткопува консензот кој е основа не само на таквата мерка, туку и на целиот општествено-политички поредок. Проблематичниот однос спрема смртта кој се крие зад сето тоа, тешко и да се отвора како тема. Притоа е илузија дека индивидуи и општества примарно ја исполнуваат задачата некого да заштитат од смртта. Ако не ја сфаќаме смртта како составен дел од живеењето, туку како потфрлање, тогаш неуспехот секако е однапред извесен.

Брзо ќе ги потрошиме нашите ресурси. Будиме очекувања кои не може да бидат исполнети. Секоја смрт ќе го отвора прашањето за виновник. Како индивидуи и општества тоа ќе не „дотепа”. Повторно ќе станеме плен за оние кои ќе ни продаваат приказни за тоа како ќе не изведат од ќорсокакот и ќе не ослободат од страв и фрустрации.

Порака за сите нас

 Колку и да звучи банално: располагаме со ограничени ресурси и сите сме срмтни. Никој не е виновен за тоа. Онака како што учиме дека „само-убивањето” не е релевантно од аспект на кривичниот законик, значи не е убиство, така мора да се спријателиме и со фактот дека смртта си доаѓа „условена од староста”, дека е нешто природно, независно од тоа какви на инфекции може да се тестираме – и за инает на сите негувателски системи. 

Станислав Штрасбургер е писател и менаџер во културата. Неговиот последен роман „Трговец со приказни“ на германски јазик се појави во 2018 година (во 2009. на полски, а во 2014. на арапски јазик). Авторот е роден во Варшава и живее на релација Берлин – Варшава и различни медитерански градови. Исто така е член на Советот на здружението „Хуманисто Солидарио“. Овој текст е продолжение на неговиот фељтон на полски јазик за Радио Козмо.