Моја Европа: Во ЕУ нема репарации | Свет | DW | 03.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Моја Европа: Во ЕУ нема репарации

Грците бараат од Германија обесштетување за уништувањата од Втората светска војна. Исто бара и Полска. Репарации не доаѓаат предвид, меѓу другото затоа што ЕУ е заедница на жртви и извршители, смета Норберт Мапес-Нидик.

Колку и да е погрешно полското барање за плаќање репарации, не е доволно само нивно отфрлање. Германија би требало да плати отштета за уништувањата и масовното убивање во Втората светска војна. Тоа е барање кое стигнува од Варшава, во нередовни интервали, од крајот на комунистичката ера. Но, откако во соседната земја на власт е десничарската партија Право и правда, барањето стигнува зачестено. 

Берлин одбива дискусија и тоа со постојано исти аргументи. Прашањето за репарации, политички и правно, одамна е заклучено, изјави Франк Валтер Штајнајер уште додека беше министер за надворешни работи. Правно прашањето можеби е решено, политички - дефинитивно не е. Тоа го покажува и најновото барање од полскиот претседател Анджеј Дуда.

Во секоја германска анализа се споменува дека десноконзервативната полска влада го користи прашањето за репарации за поттикнување антигермански чувства, во обид да го одврати вниманието од обвинувањата дека со својата т.н. реформа на правосудниот систем, ги крши европските принципи. Тој аргумент е точен, но не досега до суштината на проблемот.

И во Полска и во Германија во иста мера се осудуваат ужасите и злосторствата на Втората светска војна, но се вградуваат во различни обрасци на размислување. Во Германија, исто како и кај нејзините западни воени непријатели, непосредно по војната уште беше вообичаено националното толкување, но тоа одамна отстапи место на политичкото гледиште. Кога се зборува за нацисти и холокауст, никој веќе не укажува на германскиот национален карактер, а само мал број луѓе бара корени на злото уште во времето на пруската историја или во германскиот идеализам.  

Кој убивал Евреи?

Во Полска развојот се одвиваше во спротивна насока. Во комунистички времиња, едвај се зборуваше за „Германците“ како извршители. Меѓу другото и од обѕири кон братската социјалистичка Германска Демократска Република. Многу повеќе се говореше за вина на „најагресивните делови на монополистичкиот капитал“. Тоа мрачно толкување можеше да се однесува на кој било дел од светот и не познаваше националност. Притоа германската окупација на Полска имаше нагласено национално руво. На Полјаците, „словенската пониска раса“ , требало да им се всади во главата чувство на помала вредност, тие требало да станат народ на робови, без достоинство, без сопствена елита, само со елементарно образование, зашто биле Полјаци. Од 35 милиони жители, убиени биле 6 милиони. Тоа е поголем процент отколку во која било друга европска земја.

Од аспект на оваа емоционална заднина не треба да чуди што овие ужасни години во Полска денес се перцепираат низ национална призма. Секоја критика, секој приговор и посебно секоја поука од Германија, во Полска секогаш малку мириса на нацизам. Токму како и најновото свртување на улогите на извршители и жртви: токму јакнењето на авторитарните тендензии и национализмот во денешна Германија, така  се чувствува, во Унгарија и во Полска асоцира на нацистичките времиња. Со други зборови, од германски агол на гледање, антисемитите ги убивале Евреите. А од полска перспектива, тоа биле Германците. Оној кој сака да чуе само историски факти, ќе им даде за право на Полјаците.

Други колумни од авторот: 

Моја Европа: Орбан и Нетанјаху - мажјаци кои тераат по свое

Орбановото влијание во ЕУ

Барањето да не се сфаќа буквално?

Но, Берлин е во право кога смета дека барањето за репарации не може да се поставува во Европската унија. Таа заедница од самиот почеток намерно била неисториски сојуз на победници и губитници од Втората светска војна, жртви и извршители. Националните пресметки веднаш повторно би ја уништиле кревката конструкција.

Барањето за репарации, колку и да е разбирливо, води во заблуда. Но, кога во Германија се отфрлува, тогаш мора да се води сметка на каков начин тоа се прави. Многу повеќе важи следното барање: ако како мерило се земат целите и резултатите од германско-француското помирување, тогаш со ширењето кон Исток е поврзана и задачата животниот стандард во новите земји-членки да се прилагоди на просекот во старите членки.

Меѓутоа, уедначувањето стагнира со години. Ако тоа не се придвижи поенергично, проширувањето може да се претвори во дебакл. Утопиското барање за обесштетување од 690 милијарди евра, изнесено од надлежниот известувач во Сејмот, подгрева сомнежи во тоа дека тоа треба да се сфати буквално. Токму затоа, потребен е политички и морално чист одговор. Успехот на Полска е задача на заедницата: така мора да биде пораката. Идеи како онаа Полска и другите источноевропски земји за неисполнување на одлуките на заедницата да се казнат со ускратување средства од фондовите или на друг финансиски начин, само ги влошуваат работите.

Норберт Мапес-Нидик живее во австрискиот град Грац и е дописник за Југоисточна Европа на многу весници на германски јазик.

DW.COM

Реклама