Мојата Европа: Светот не е црно-бел | Свет | DW | 05.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Мојата Европа: Светот не е црно-бел

Црно-белите претстави за светот пропагираат едноставни сценарија како решенија за проблемите и поттикнуваат пропаганда

Размислувањето во дихотомии е предстепен на идиотизам. На оној кој досега не дошол до такво сознание, сегашноста му нуди мноштво показен материјал. Да ја земеме на пример темата која во последно време се погрижи за огромна хистерија - т.н. бегалска криза. Реалноста на актуелната германска политика одамна е поставена наспроти тврдоглаво посакуваното мислење. За оној кој една година бил на пат низ светот, сегашната дискусија може лесно да се резимира - едни велат: ќе успееме, а други мислат: нема да успееме.

Актуелните јавни спорови звучат детски. Сите учесници се собрани за скок во височина, пречката е поставена на нова височина, а присутните жолчно дискутираат дали таа може да се прескокне. Си ги корнат меѓусебно косите поради навидум апсурдното тврдење од едната страна дека пречката може да се прескокне, што решително се отфрла од другата страна, со нејзиното навидум апсурдно отфрлање на тврдењето - височинската пречка е невозможно да се совлада, обидот може да води дури и до кршење на вратот.

Поедноставувањето останува поедноставување

Како последица на вакво грубо сфаќање на светот, за решенија се нудат прости сценарија. На пример, затворање на границите, би значело фактички нивна непроодност. Целосно се изостава од вид дали е тоа воопшто можно да се реализира, имајќи ја во вид светски егзистирачката „илегална“ миграција. Да се вратат назад бегалците, всушност значи да ги избркаш од својата земја. Не се размилува на каков начин да се организира присилното враќање на стотици илјади бегалци. Моментно во светот во бегство се 65 милиони луѓе, а овдешниот дискурс се води небаре станува збор за отворање или затворање на славината.

Или да ја земеме американската предизборна кампања. Разбирливото и нужно отфрлање на одвратниот Доналд Трамп доведе до тоа кандидатката Хилари Клинтон со еден потег (најомилената техника на дихотомичарите) да биде преобразена во светла фигура. Се демонизира критичкото известување или дури и разоткривањето на нејизните исклучително дубиозни политички и економски махинации, на пример најновите обелоденувања од страна на Викиликс. Во Џулијан Асанж се открива десничарски настроен човек и се конструира нова, високо оригинална оска на злото: Асанж - Трамп - Путин.

Така стигнуваме до уште еден феномен од видот Џекил-Хајд: Владимир Путин. За едните најголема закана по светскиот мир, за други исправен борец за доброто на понижената Русија. Оној кој го гледа светот според своите желби, го гледа само она што му одговара и ништо повеќе.

Идеализирање на светот

Слично како да си на детска нишалка. Седнуваш на едниот крај, нишалката се спушта надолу, ако не се мрдаш, служиш само како противтежа на другата страна, на оној кој исто така истрајува неподвижен. Можеш да се движиш само горе-долу, до бескрај. За оние на нишалката тоа е можеби забавно, за сите други тоа е дискурсивна вонредна состојба.

Дихотомиското размислување води кон обесхрабрувачки резултати и во историјата. Оној кој често доаѓа во непријатна ситуација да дискутира за речиси непреработената злосторничка историја на комунистичкото владеење, ќе констатира дека поаѓајќи од антифашистички импулс, на сталинистичката и постсталинистичката политика се гледа омекнувачки и во најголем дел минимизирачки.

Противниците на Хитлер мора да се величаат. А оној кој како студент со душа и тело и на цел глас протестирал во корист на масовниот убиец Мао Це-Тунг, милостиво се смешка над своите некогашни младешки заблуди и гласно предупредува од отуѓување на татковината. Зашто, едно е јасно, дихотомичарот никогаш не научува да размислува.

 

 

DW.COM

Реклама