Мора ли сега Европа да изигрува светски полицаец? | Свет | DW | 12.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мора ли сега Европа да изигрува светски полицаец?

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека САД веќе нема да ја игра улогата на светски полицаец. Но никој не може да го замени Вашингтон, дури ни ЕУ, оценува Кристоф Хаселбах.

Зборот светски полицаец предизвикува негативни реакции, иако никој нема дилема дека такво нешто е потребно. Ова се должи веројатно на фактот што никогаш ниту една земја не се пријавила за ваквата улога, па за тоа да биде избрана со мнозинство. САД едноставно сама си ја наметна таквата функција на глобален редар, пред сѐ за да си ги заштити сопствените интереси.

Ако Американците по неколку децении навистина се повлечат од оваа самонаметната функција, се поставува прашањето - кој ќе ги наследи. Одговорот е очигледен: ако треба да биде светски полицаец, тогаш Обединетите нации треба да се грижат за редот. Но, колку тоа во минатото и да не функционираше, во иднина ќе функционира. Неединството и судирот на интереси на над 200 членки досега често беа пречка за донесување на колективни решенија. Во принцип, секогаш најмоќните држави го имаа последниот збор, и за добро и за лошо.

Затоа местото светски полицаец нема да остане празно, без разлика што тоа би било убава идеја. Секој настанат вакуум мора да се пополни кога ќе се појави. Ако САД се повлечат, ќе се појави дупка. Тоа се виде сега во Сирија: Русија, Турција и Иран сега ќе одлучуваат за повоениот поредок таму. Во Азија, пред сѐ Кина ќе го засили своето влијание. Европејците се жалеа на често арогантната, а понекогаш и наивната светска политичка улога на Американците. Но, помислата, во иднина да функционираат со Кина, Русија или Турција како полицајци не значи никакво подобрување.

Christoph Hasselbach (DW/M.Müller)

Кристоф Хаселбах

Во Германија недостасуваат предуслови

Но, што е со самите Европејци, нивната согласност и волја да воведат ред? Тие не сакаат да бидат светски полицајци. Но „да се преземе поголема одговорност" стана популарен слоган, особено во Германија, на која Американците од поодамна ѝ префрлаат дека сака да профитира, а да не презема доволно чекори. Сепак што точно значи „поголема одговорност" не им е баш јасно на сите.

Оној кој ќе сака дури и делумно да ја преземе досегашната улога на САД ќе мора, на пример, да одвои значително поголеми трошоци за војската, пари кои ќе недостасуваат на друго место. На пример, ќе мора да биде подготвен сопствените војници да ги испрати во борбени акции насекаде во светот и да прифати можни жртви. Мора да го прифати и тоа дека во многу делови од светот ќе биде перцепиран како непријател. Исто така, мора малку да биде убеден во глобалниот модел на својот сопствен ред и да се обиде да го спроведе. Во Германија, ниту една од овие политичко-општествени барања не се исполнети.

ЕУ како светски полицаец – пуста желба

Останува и идејата, Европската унија како целина да ја преземе задачата. Како сојуз на демократски држави со голема економска и воена тежина, и притоа со големи „дипломатски вештини", теоретски тоа би било изводливо. Но, само теоретски. Кога од ЕУ се бараше да биде регулатор, досега ускокнуваа одделни земји, пред сѐ поранешните големи сили Велика Британија и Франција. Велика Британија наскоро излегува од ЕУ. Франција и Германија се многу различни за да станат добра полициска двојка, како што се покажа на пример во однос на прашањето за воена интервенција во Либија или Сирија. Така што, идејата за ЕУ со 27 земји како светски полицаец е само пуста желба.

Наместо то,а ќе се појавуваат големи различни регионални центри на моќ, и во зависност од кризата, ќе се менуваат сојузниците. Американците веројатно нема да бидат доминатни, но сепак ќе играат важна улога. Европејците од своја страна во догледно време најверојатно нема да може да ги надминат моментот на регионална сила без конкретна воена интервенција. Токму поради тоа и бидејќи на крајот делат исти вредности – нешто што е заборавено во моментов – Европејците и Американците треба да продолжат да бараат тесна поврзаност и соработка за светски политички прашања. САД е многу повеќе од Доналд Трамп.

DW.COM

Реклама