Мораме да дишеме - без оглед на загадениот воздух | Панорама | DW | 13.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Мораме да дишеме - без оглед на загадениот воздух

Смог-аларм: воздухот во цел свет е сѐ позагаден. Во Германија за град со најзагаден воздух се смета Штутгарт.

Многумина се радуваат на огнометите во новогодишната ноќ, но малкумина размислуваат околу загадувањето на воздухот што тие го предизвикуваат, иако накратко. На преминот кон Новата година во воздух се „истрелуваат“ околу 15 проценти од количеството на фината прашина која годишно ја „произведува“ сообраќајот. Во Германија посебно ревносни во истрелувањето петарди и ракети биле граѓаните во Лајпциг. Во еден часот таму биле измерени 1860 микрограми ситна прашина на кубен метар воздух, а дозволени се 50 микрограми, и тоа распоредени преку цел ден. И во Минхен и Нирнберг концентрациите краткорочно изнесувале над 1.000 микрограми на кубен метар воздух. Но, таму ветровите брзо го прочистуваат воздухот, што не е случај со Штутгарт, кој лежи во долина.

Штутгарт - престолнина на нечистиот воздух

Во зима над градот на Некар надвиснуваат облаци и студ. Затоа градоначалникот Фриц Кун размислува околу забрана на огнометот за следната новогодишна ноќ во Штутгарт, каде концентрацијата на ситна прашина на полноќ годинава пораснала на 172 микрограма на метар кубен воздух. А тоа значи аларм, при вакви вредности на граѓаните им е веќе препорачувано да се воздржат од употреба на камини и наместо приватни автомобили, да користат јавен сообраќај. Забрана за возење уште не е изречена. „Прописите на ЕУ дозволуваат пречекорување на дозволените гранични вредности вкупно 35 дена годишно“, истакнува Марион Вахман-Фибиг, раководител на Одделот за воздух во Сојузната еколошка служба. Мерната станица во Штутгарт лани регистрирала зголемено загадување на воздухот во 59 дена, а во 2015. година вредностите биле пречекорени во 72 дена.

BdW Global Ideas Bild der Woche KW 36/2016 Feinstaub Stuttgart (picture-alliance/dpa/D. Naupold)

Некартор, Штутгарт

Загадување во Полска, Кина

Во Полска, и без новогодишни огномети, оваа зима дозволените гранични вредности повеќекратно се надминати. Воздухот е загаден од честички од јаглен, зашто државата сѐ уште субвенционира термоелектрани, кои не одговараат на европските стандарди. Јаката зима ги принудува луѓето во Полска на интензивно загревање на домовите, иако и покрај тоа, според наводите на владата, од ноември досега од студ починале преку 65 лица.

Во Пекинг е прогласен највисок, црвен степен на смог-аларм. Поради загадениот воздух се затворени детските градинки и училиштата. За најчест виновник на прекумерната ситна прашина се посочува сообраќајот. Затоа во Мадрид и во Париз од сообраќајот беше исклучен секој втор автомобил. Во полскиот главен град Варшава беше воведено бесплатно користење на јавниот сообраќај. Во Пекинг кинеските власти посегнаа по забрани за користење автомобили според системот пар-непар.

Најчести загадувачи на воздухот, кои настануваат при согорувањето на фосилни горива во индустријата, приватните домаќинства и сообраќајот, се азотниот моноксид и азотниот диоксид. Освен тоа, воздухот се загадува и преку процесите во кои честички на ситната прашина од различна големина стапуваат во меѓусебна реакција. Тие се главен проблем за екологијата и за здравјето.

Агресивните микрочестички продираат во клетките

Многу токсични супстанции воопшто не се опфатени со мерењата, како ултраситните честички, кои не можат да бидат измерени поради малата тежина. Тие настануваат во процесите на согорување во електраните и во авиосообраќајот. Тие честички продираат длабоко во белите дробови на луѓето и во човечките клетки.

Вдишувањето на ситната прашина го загрозува човековото здравје. Загадениот воздух предизвикува заболувања на дишните патишта, води кон рак на белите дробови и прерана смрт. Европската агенција за екологија укажува дека половина милион Европејци под 65 години секоја година умираат предвремено поради хронични болести, при што загадениот воздух игра важна улога. Притоа, изостанува остра реакција кај граѓаните против загадувачите.

Ситната прашина - апстрактен проблем

Ситната прашина нема мирис, вкус и е невидлива. „Дискутиравме и со експерти, вклучително психолози, и дојдовме до заклучок дека не е можно заобиколување на проблемот, зашто мораме да дишеме“, истакнува Марион Вахман-Фибиг.

До намалување на емисијата на штетни честички може да води подобрената техника на возилата, како и намалено користење на горивата. Државите во ЕУ во декември се обврзаа на редуцирање на испуштањето на пет вида штетни материи, меѓу кои ситна прашина, азотен моноксид, азотен диоксид, органски соединенија како предстепен на озонот и амонијакот. Германија треба до 2030. година да ја намали емисијата на амонијак, создадена преку сточарството и ѓубрењето, за 29 проценти; Франција за 13 проценти и Австрија за 2 процента. ЕУ планира до 2030. година да го преполови бројот на прерани смртни случаи предизвикани од загадување на воздухот. 

DW.COM

Реклама