Приведени 8 лица на протестите за „Монструм“
26 февруари 2021Осуммина приведени и седум повредени припадници на полицијата е епилогот од денешните протести за пресудата за случајот „Монструм“, кои во еден момент ескалираа кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. Се фрлаа камења и други предмети кон полицискиот кордон, којшто го спречи движењето на демонстантите кон Кривичниот суд. Полицијата, пак, возврати со шок-бомби. Нападната беше и новинарска екипа, за што реагираа новинарските здруженија. „Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи, затоа што насилството кон новинарите не е дозволив во демократски земји“, наведуваат од ЗНМ.
-повеќе на темата: Камења, шок-бомби и повредени на протестите за „Монструм“
Од МВР најавија дека ќе ги испитаат случаите на напади врз новинари. Тврдат дека полицијата ги презела сите неопходни чекори да се спречат сценарија од лица кои дошле да предизвикаат инциденти. Покрај осумтемина приведени, се прават и дополнителни проверки, па можно е бројот на приведени да се зголеми. Полицијата ги бара демонстрантите коишто создале нереди, фрлале со камења и вандалски се однесувале на протестот.
-повеќе на темата: „Монструм“: И на повтореното судење три доживотни казни за петкратното убиство
Полицискиот кордон кој беше распореден кај „Мавровка“ денеска напладне не дозволи протестниот марш, кој почна од Чаир, да заврши пред Кривичниот суд и Владата.
Протестите ги најавија роднините на првостепено осудените во случајот, кои се жалат дека тие се невини и осудени без докази. Со првостепената пресуда која Основниот кривичен суд во Скопје ја изрече на 23 февруари, на доживотен затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откако Обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во петкратното убиство.