1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
BdT | Deutschland | Wetter in Niedersachsen
Фотографија: Moritz Frankenberg/dpa/picture alliance

Мозочна магла како последица на коронавирусот?

Гудрун Хајзе
21 јули 2022

Мозочната магла е група на симптоми кои прават да се чувствувате како да не можете да размислувате јасно. Тешко се концентрирате, ви недостига волја. Често е последица на инфекцијата со коронавирус.

https://www.dw.com/mk/%D0%BC%D0%BE%D0%B7%D0%BE%D1%87%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%B3%D0%BB%D0%B0-%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D1%81%D0%BB%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%86%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%BA%D0%BE%D1%80%D0%BE%D0%BD%D0%B0%D0%B2%D0%B8%D1%80%D1%83%D1%81%D0%BE%D1%82/a-62540250

На оние коишто го имаат овој симптом, им е тешко дури и да ја опишат таканаречената мозочна магла, односно состојба на намалена концентрација и послаба меморија. Симптомите сè уште се нејасни, нема јасни знаци и затоа често нема дијагноза. Исто така, почесто се случува луѓето кои страдаат од мозочна магла да не го сфаќаат тоа сериозно кога ги опишуваат своите симптоми на лекар, бидејќи сè е малку нејасно и матно. Како магла. 

Многу од засегнатите имаат чувство дека веќе не функционираат како порано и дека имаат чести прекини на менталните активности. Покрај проблемите со концентрацијата, нарушувањата во пронаоѓањето зборови и заборавот, може да се појават и други симптомикако општа ментална исцрпеност. 

Овие симптоми не ги погодуваат само постарите лица.  Тие можат да ги погодат и младите луѓе, на пример по инфекцијата со коронавирус. Како резултат на тоа, овие нејасни симптоми во моментов сѐ повеќе се во фокус на истражувањата. Затоа што, иако некои од симптомите се познати долго време, самиот феномен не е соодветно опишан. 

Зголемување на бројот на пациенти 

Многу одделенија за неврологија во болниците и невролошките ординации бележат зголемување на бројот на пациенти со мозочна магла од почетокот на пандемијата на Ковид-19.

Луѓето кои го развиваат таканаречениот синдром на замор, односно тешка исцрпеност по напор (т.н. слабост по напор), исто така често се чувствуваат магловито и се многу помалку отпорни отколку пред да се заразат со коронавирусот. Многумина имаат проблеми со меморијата или со решавање на едноставни секојдневни проблеми. Мозочната магла е сериозна состојба која може сериозно да ја наруши функцијата на мозокот. 

Symbolbild Laptop Frau Home Office Erschöpfung Stress Zoom Meeting Fatigue
Мозочната магла е состојба на намалена концентрација и послаба меморијаФотографија: ROBIN UTRECHT/picture alliance

Надежта е лек за срцеви заболувања 

Мозочната магла е тешко да се опише, дијагностицира и, што е најважно, да се лекува. Но, понекогаш случајноста помага. Пред неколку години, берлинската старт-ап компанија „Berlin Cures“ го разви лекот BC 007 за третман на тешки срцеви заболувања. Во моментов е во фаза 2 студија. Но, исто така може успешно да помогне во лекувањето на долгорочниот Ковид, а со тоа и на мозочната магла. 

Веќе има успешни примери на лекување. Бетина Хобергер користела BC 007 во очната клиника на Универзитетската болница Ерланген кај пациент со глауком. Тимот успеа да открие специфични авто-антитела во крвта и циркулаторни нарушувања во окото. Наменет за лекување на тешки срцеви заболувања, BC 007 може да ја подобри и циркулацијата на крвта во окото - тоа беше првичната идеја. Но, лекот очигледно може да направи уште повеќе. 

„Преку истражување на глаукомот, бевме запознаени со ограничениот проток на крв во окото и имавме идеја да го користиме BC 007 како терапија за глауком. бидејќи и тие имаат ограничен проток на крв“, вели Бетина Хобергер, опишувајќи ја позадината на откритието. BC 007 треба да ги неутрализира авто-антителата и да ја подобри циркулацијата на крвта во телото на пациентот.

Првите резултати ги надминаа очекувањата на сите што учествуваа. „Не очекувавме дека лекот ќе има таков ефект. Нашиот прв пациент имаше глауком и долготраен Ковид, а потоа имавме уште тројца пациенти кои имаа само долготраен Ковид. Потоа ми рекоа дека чувствувале подобрувања во однос на мозочна магла и способност за размислување“, вели Хобергер. 

Целта не е да се лекуваат само поединечни пациенти. Има илјадници луѓе во светот кои страдаат од мозочна магла. „Ако BC 007 функционира, треба да биде достапен за сите заболени“, се надева Хобергер. 

Постои надеж дека пост-Ковид исто така може да се лекува со овој лек. Компанијата „Berlin Cures“ планира голема меѓународна студија. Целта е да се постигне забрзано одобрување на BC 007 за третман на долгорочен ковид. 

Многу причини за мозочна магла 

Мозочната магла не се развива само како резултат на долготраен Ковид. Мозочната магла често е показател за различни мозочни дисфункции. Соодветно на тоа, опциите за третман и прогнозите се многу индивидуализирани, а исто така многу комплицирани, а истражувачите честопати навлегуваат во магла во буквална смисла.

Психолошкиот стрес може да биде предизвикувач, но истото може да биде и депресија, недостаток на сон, стрес или анксиозност. Но, постојат и физички предизвикувачи како што се болестите кои влијаат на нервите. Тие вклучуваат автоимуна болест мултиплекс склероза или Алцхајмерова болест. Овие пациенти имаат една заедничка работа: високо ниво на страдање. Сфаќаат дека нивниот мозок не работи 100% како што треба и како што работел порано. 

Hirnaufnahme Uniklinik Leipzig Alzheimer Forschung
Промените се видливи и на снимките на мозокотФотографија: picture-alliance/ dpa

Поставувањето дијагноза е многу тешко 

За пациентите со мозочна магла дури и опишувањето на симптомите е макотрпен процес. На лекарите, пак, им е тешко да ги класифицираат овие симптоми. За да го постигнат тоа, тие ги проверуваат мозочните функции на пациентите, капацитетот на меморијата, мускулната сила и вештините на координација. 

Очните тестови се исто така дел од таков сеопфатен преглед. Истражувачите и лекарите моментално претпоставуваат дека мозочната магла е реверзибилна и исчезнува сама по себе. Но, може да потрае неколку месеци, во некои случаи и подолго. 

Истражувањата за тоа дали има структурно оштетување на мозокот во мозочната магла, или дали воспалението на мозокот може да игра улога, сè уште не е потврдено. Со цел да се дознае, пациентите често се скенираат со помош на магнетна резонанца. 

Клучна соработка на пациентите 

Медицинските експерти ги советуваат оние кои страдаат од мозочна магла да бидат што е можно поактивни и свесни и да ги слушаат сигналите на своето тело. Здравата исхрана, вежбањето и добар сон се важни. Друга препорака е да се пие малку или воопшто да не се пие алкохол, бидејќи оваа супстанција може да влијае на функцијата на мозокот и способноста за размислување.

Различни лекови кои ги земаат луѓе со мозочна магла, исто така, треба да се проверат за несакани ефекти. И конечно, на телото и на мозокот му требаат доволно течност, бидејќи таа е важна за сите функции во нашето тело. 

„На луѓето чии животи се погодени од мозочна магла и кои не сакаат ништо повеќе освен да се вратат во претходната состојба, сега можеме да им кажеме: има надеж, луѓето работат на тоа“, вели Хобергер. „Лекот нема да биде достапен утре, но има трошка надеж. Затоа не се откажувајте“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница