Можни соучесници на Анис Амри во визирот на истрагата | Свет | DW | 04.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Можни соучесници на Анис Амри во визирот на истрагата

Истрагата за нападот во Берлин очигледно напредува- во визирот се две контакт-лица на осомничениот атентатор. И балистичкиот извештај од Италија нуди нови сознанија

Истрагата, две недели по нападот врз еден божиќен панаѓур во Берлин, дојде до нови сознанија во врска со осомничениот атентатор Анис Амри и негови евентуални поддржувачи. Според италијанската полиција, споредбата покажала дека оружјето со кое Амри пред неговата смрт пукал врз двајца полицајци во Милано, е истото со кое при атентатот во Берлин е убиен полскиот возач на камион.

Германското сојузно обвинителство вчера изврши претрес во Берлин, земајќи во визирот две лица за кои се претпоставува дека биле во контакт со Амри. 24-годишниот Тунижанец е осомничен дека на 19. декември управувал со товарниот камион и свесно со него влетал во божиќниот панаѓур на Брајтшајдплац во Берлин, буквално покосувајќи невини луѓе. Притоа загинаа 12 лица, меѓу кои и полскиот возач на украдениот камион, застрелан од Амри во возачката кабина, а околу 50 беа повредени, дел од нив уште се во тешка состојба. Дополнително откриеното видео, во кое Анис Амри се колне на верност кон терористичката организација Исламска држава, сојузното обвинителство го смета за автентично.

Italien Tatort-Untersuchung nach der Erschiessung von Anis Amri in Mailand (Reuters)

По бегството на Амри од Германија, преку Холандија и Франција, тој беше убиен во Милано

Вчера припадници на германската сојузна полиција и на сојузната криминалистичка служба извршиле претрес на просториите на бегалски дом, каде бил сместен 26-годишен Тунижанец, за кој постојат индиции дека знаел за убиствените намери на Амри, а можеби и му помогнал во нивното реализирање. Сојузното обвинитество располага со информации според кои познанството на Тунижанецот со Амри датира најдоцна од крајот на 2015. година, а со него бил во контакт  во релативно блиско време непосредно пред нападот. Тој официјално се смета за осомничен, но првично не било познато неговото престојувалиште. Лицето било привремено уапсено во врска со друг случај.

Втор претрес е извршен кај поранешен состанар на Амри, кого германското сојузно обвинителство го води како сведок. И тој контактирал со Амри во периодот околу извршувањето на нападот.

По балистичкиот извештај од Италија, истрагата сега е насочена и кон оружјето користено во Италија и во Германија и неговата евентуална употреба во други прилики. Германската полиција врши проверки и дали Амри побегнал во Италија или таму го чекале негови соучесници или поддржувачи, за што досега нема никакви докази. Тунижанецот стигнал првично во Италија во својство на бегалец во 2001. година, а поради различни кривични дела подолго време поминал и во затвор.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама