Можна исламистичка заднина на нападот врз автобусот на Борусија Дортмунд? | Свет | DW | 12.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Можна исламистичка заднина на нападот врз автобусот на Борусија Дортмунд?

По нападот врз автобусот на Борусија Дортмунд, безбедносните органи во Германија истражуваат дали тој има исламистичка заднина. Причина за тоа е едно писмо најдено во близина на местото на нападот.

По синоќешниот нападот со три експлозивни направи врз автобусот на германската фудбалска екипа Борусија Дортмунд, истрагата ја презеде Сојузното обвинителство во Карлсруе. Обвинителството го објави тоа во соопштение утрината и најави пресконференција за 14 часот во Карлсруе со информации за состојбата на истрагата.

Според наводите на германскиот весник Зидојче Цајтунг и на телевизиите ВДР и НДР, вклучувањето на највисокото обвинителство во земјата би можело да биде последица на најновите сознанија за можна исламистичка заднина на нападот врз автобусот на екипата од Дортмунд.

Според наводите на овие медиуми, писмото за преземање одговорност за нападот, кое полицијата во Дортмунд синоќа го пронајде во близина на местото на злосторството започнува со зборовите „Во името на Алах, милостивиот, милосрдниот“ и во него се воспоставува врска и со нападот со камион врз божикниот панаѓур во Берлин во декември минатата година. Натаму во писмото, како што јавуваат медиумите, стоело дека во прв ред спортистите и другите еминентни личности „во Германија и другите крстоносни нации стојат на смртната листа на Исламска држава“.

Гледај видео 01:22

Напад врз автобусот на Борусија Дортмунд

Како причина за нападот во непотпишаното писмо од една страница се наведува вклученоста на авионите од типот Торнадо на германскиот Бундесвер во наводното убивање на муслимани во калифатот на ИД.

Заканата ќе важи сѐ додека германските војници и авиони не се повлечат од антитерористичката алијанса која оперира во регионите со кои владее Исламска држава и додека не биде затворена американската воздухопловна база во германското место Рамштајн, пишувало во писмото. 

Во безбедносни кругови интензивно се укажува на тоа дека не е јасно дали нападот има исламистичка заднина и оти се потребни натамошни истраги. На писмото, според овие извори, немало симболи на терористичката милиција ИД.

Покрај тоа истражителите ја утврдуваат автентичноста на второ писмо за преземање одговорност за нападот од страна на антифашистичка група. Според информациите на новинската агенција ДПА, во писмото кое било објавено на интернет вчеравечер, групата Антифа-Диктус тврди дека автобусот го нападнала со самонаправени експлозивни направи. Како причина групата ја наведува политиката на фудбалскиот клуб Борусија Дортмунд, која не презема доволно мерки против расистите, нацистите и десничарските популисти во нејзините навивачки редови.

Во вчерашниот напад беше полесно повреден одбранбениот фудбалер на Борусија, Марк Бартра и уште еден полицаец. Автобусот беше нападнат додека ја превезуваше екипата кон стадионот во Дортмунд, каде што таа требаше да го одигра четвртфиналниот натпревар од Лигата на шампионите против францускиот Монако. Мечот потоа беше одложен и треба да се одигра денеска во 18:45 минути.

     

     

     

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама