Можат ли иновациите да нѐ спасат од загадениот воздух? | Северна Македонија | DW | 17.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Можат ли иновациите да нѐ спасат од загадениот воздух?

Додека секој според средствата и можностите бара начин да ги ублажи симптомите, група креативни студенти од Машинскиот факултет во Скопје бара лек за болеста наречена енормно загаден воздух.

Започна уште една неподносливо загадена грејна сезона. Атмосферата на улиците наликува на постапокалиптичните филмови. Мирисот на чад продира во ноздрите и грлото. Од густата магла не се гледа ни прст пред око. Затворени врати и прозорци, домовите се напуштаат само ако е неопходно. Завиткани во шалови и маски, со наведнати погледи, минувачите брзаат да се засолнат на затворено. Протести, маршови и апели за чист воздух стануваат секојдневие. Македонија редовно осамнува на црните листи за највисок степен на загаденост на воздух, или најголема стапка на рак на бели дробови. Поројни дождови и силни ветришта се среќни околности за просечниот македонски граѓанин. Уплашените жители понекогаш се задоволуваат и со едно умерено загадено, врнежливо попладне. Граѓаните се оставени сами на себе. Се преземаат очајни мерки за спас на белите дробови. Маски и прочистувачи на воздух, се користат како фластери за раната која бара итна медицинска интервенција. Додека секој според средствата и можностите бара начин да ги ублажи симптомите, група креативни студенти од Машинскиот факултет во Скопје бара лек за болеста.

Студентска иновација за спас на белите дробови

Студентите Филип Попоски, Ина Крстевска, Марко Насески, Мартин Спасовски, Игор Џамбаски и Александар Јанковиќ инспирирани и револтирани од актуелната состојба на воздухот, ги споиле своите креативни идеи, нудејќи едно ново и иновативно решение - електричен велосипед со вградени филтри за прочистување на воздухот - ГЕТ, Градски Еко Транспорт.

Nord-Mazedonien Elektrofahrrad (Denica Cadikovska)

Филип Попоски со електровелосипедот кој прочистува воздух

За ГЕТ тие велат дека е систем од електрични велосипеди, станици за велосипедите и искрена желба за чист воздух. Со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој од каде преку проектот „О2 предизвик“ бил доделен грант од 1,6 милиони денари, првичната идеја добила и конкретна реализација. 

Електричниот велосипед ќе биде достапен за сите граѓани кои сакаат да придонесат во прочистување на воздухот. Идејата на студентите е тој да стане замена за јавниот градски транспорт. Велосипедите се отклучуваат и заклучуваат со помош на ГЕТ припејд картичка. По употреба, велосипедот може да се остави на која било локација, од која ќе го подигне следниот корисник. Во тркалата на велосипедот се вградени проактивни филтри, коишто при возење го прочистуваат воздухот.

Гледај видео 02:52

Електровелосипед кој прочистува воздух

Се бараат инвеститори

За успехот на младите креативни студенти говорат и меѓународните признанија на нивната иновација. Нивниот технолошки пронајдок им донесе два златни медали и диплома за најдобар пронајдок на саемот за иновации во Сеул, Јужна Кореја.

Филип Попоски од ГЕТ тимот вели дека нивната желба за чист воздух ги мотивирала да најдат техничко решение на проблемот.
„Ние сме свесни дека едно техничко решение не може да го реши целиот проблем, но сметаме дека ова е чекор во вистинската насока што барем малку ќе го подобри квалитетот на воздухот."

Nord-Mazedonien Elektrofahrrad (Denica Cadikovska)

Се бара инвеститор за електричниот велосипед

И покрај нивната искрена намера за подобар квалитет на живот, Попоски посочува дека не е лесно да се најдат инвеститори кои би ја реализирале оваа идеја во пракса. „Потребно ни е да најдеме некој да инвестира или да ги откупи правата на нашиот проект. Ако се вратиме на сржта, ние сме група студенти. Свесни сме дека за да се реализира овој проект се потребни големи инвестиции. Дефинитивно поголеми средства од она што ние како студенти може да си дозволиме.“

Попоски смета дека целта на развојот на технологијата е да наоѓа решенија на секојдневните проблеми кои ги мачат граѓаните. Студентите се надеваат дека наскоро ќе успеат да започнат со производство на овие велосипеди.

„Се надеваме дека овие велосипеди ќе станат секојдневие. Уште на првото интервју кое го имавме за ГЕТ велосипед кажавме дека наша цел со развивање на проектот е ако по 3-4 години ги видиме велосипедите на улиците. Нешто што ние сме направиле навистина да придонесува за подобро општество и подобар живот во нашата држава.“ 

Оваа сторија е изработена во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ која ја реализира Институтот за комуникациски студии.

DW.COM

Реклама