Можам ли и по вакцинирањето да ги заразам другите? | Панорама | DW | 15.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Можам ли и по вакцинирањето да ги заразам другите?

Оној кој ќе се вакцинира и верува дека потоа може да се однесува како пред коронавирусот, се лаже. И потоа ќе важат строги правила, за да не се заразат другите. Но, многу нешта и натаму се нејасни.

Вакцинацијата може да го ублажи текот на болеста или во најдобар случај целосно да ја спречи. Но, многу нешта уште не се доволно испитани. И натаму недостигаат сѐопфатни студии за тоа колку долго штитат вакцините и во колкава мерка придонесуваат за намалување или запирање на ширењето на вирусот. Нејасно е и тоа дали оној кој е вакциниран и натаму може да заразува други.

Според досегашните сознанија, јасно е дека на оној кој е двапати вакциниран, серумот на компаниите Бионтек /Фајзер  и Модерна му пружа заштита од коронавирусот и до 95 проценти. Во спроведеното истражување учествувале 36.621 лице. Меѓу нив имало 170 потврдени случаи на Ковид-19 и само осум лица кои претходно добиле вакцина. Големо мнозинство од 162 позитивно тестирани припаѓале на плацебо-група. Врз основа на тоа е пресметана ефикасност од 95 %.

Кај мнозинството луѓе одобрените вакцини против коронавирус биле многу ефикасни, тоа се однесува на сите старосни и полови групи. Кај луѓето кои не се вакцинирани, веројатноста да заболат од Ковид-19 е девет пати повисока отколку кај оние кои се вакцинирани.

Гледај видео 02:17

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

Старите правила и по вакцинацијата

Според оценката на Институтот Роберт Кох, уште не е потврдено дали и во колкава мера вакцинираните лицапренесуваат коронавирус. „Податоците кои ни се достапни не овозможуваат конечна проценка на ефикасноста на Ковид-19-мРНА вакцините во смисол на спречување или намалување на преносот на вирусот.“ Додека не постојат податоци за тоа колку вакцината спречува пренос на вирусот, и по примената вакцина би требало да продолжи придржувањето кон препорачаните заштитни мерки. Тоа се држење дистанца, хигиена и носење заштитна маска.

Имунитет

Во идеален случај, корона-вакцината штити од тоа да не дојде до зараза. Т.н. „стерилизирачки имунитет“ уште не е доволно докажан кога станува збор за корона-вакцините, наведуваат од Сојузниот центар за здравствена едукација (БЗгА). „За Такви тврдења и натаму нема поткрепа од податоци, но во наредните месеци би требало да има достапни резултати.“ Стерилизирачкиот имунитет помага вирусот да не се шири веќе кај оние кои се вакцинирани, што е важен аспект за стекнување имунитет на стадо.

За да се утврди дали вакцините придонесуваат кон создавање стерилизирачки имунитет, во студии би требало да бидат вклучени и луѓе со асимтоматски инфекции.

Coronavirus - Impfzentrum in Potsdam

Некои прашања околу вакцините и натаму се нејасни

Кај стерилизирачкиот имунитет вирусот веќе се напаѓа пред тој да стигне воопшто во телото. Значи, вакцината спречува да дојде воопшто до зараза. Оние кои се вакцинирани не можат да го пренесат вирусот, зашто и го немаат во телото. Не е јасно дали мРНА-вакцините се во состојба да развијат ист вид имунитет. На речиси сите прашања од тој вид одговорот е „можеби“ или „веројатно“, дури и кога станува збор за тоа дали вакцинираните лица можат и натаму да шират зараза, и ако да, во колкав обем.

Ситуацијата е поинаква кога е во прашање т.н. „функционален имунитет“. Тој имунолошки одговор не ја спречува инфекцијата, но го штити вакцинираното лице од избивање на вирусот и од тежок тек на болеста.

Но ако вакцината не спречува натамошно ширење на вирусот, туку само го неутрализира или ублажува, тогаш барем дел од вакцинираните луѓе теоретски и натаму би можел да ја шири заразата. Но, тука сепак треба да се сочекаат резултатите од истражувањата.

Познати вакцини

Стопроцентна заштита по примена вакцина нема, иако некои се близу таа цел. Вакцините против мали сипаници, заушки и рубеола имаат ефикасност од 93 до 99 проценти. Тоа е вредност од која вакцините против грип се прилично далеку. Според податоците на Институтот Роберт Кох, ефикасноста на вакцината против грип во сезоната 2019/2020 била меѓу 31 и 73 проценти, во зависност од тоа за кој сој грип станувало збор.

Многу полоши се вредностите од сезоната 2017/2018, тогаш ефикасноста на вакцината против грип била само околу 15 проценти.

За разлика од РНА (РНК) – вакцината против коронавирус, тогаш се даваат т.н. мртви и живи вакцини. Кај мртвите вакцини не се предизвикува грип и вирусите од вакцината не можат да се пренесат на други лица. За разлика од живите вакцини, кои содржат ослабени вируси. Во период од една до две недели по примената вакцина, вирусот во овој случај може да се пренесе врз други. Првенствено на луѓе со ослабен имунитет, а тука спаѓаат лица кои кратко претходно имале трансплантација на коскена срж и кои се во изолација.

Сѐ или ништо

Многумина од нас донесуваат суд поаѓајќи од тоа дали е вакцината ефикасна или не. Но, кај вакцините нема таква црно-бела ситуција, постојат многу градации, не само кога е Ковид-19 во прашање. Нејасно е дали и кога треба да се даде која вакцина.

Меѓутоа, јасно е дека вакцините кои сега се даваат, кај секого поединечно можат да ја ублажат тежината на болеста. Сепак, тие не се билет за враќање во безгрижен живот каков што постоеше пред пандемијата.

 

Реклама