Многу работа, мала пензија: Германија дискутира за воведување минимална пензија | Економија | DW | 05.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Многу работа, мала пензија: Германија дискутира за воведување минимална пензија

4,2 милиони луѓе во Германија работат со полно работно време, а не заработуваат доволно за живот. И по 35 години работа тие се загрозени од сиромаштија на старост. Може ли да се помогне со воведување минимална пензија?

За богата земја како Германија звучи парадоксално: „погрешното“ работно место е еден од централните ризици за сиромаштија. Кој 35 години работел со минимална плата, тој, според Министерството за труд, добива 517 евра државна пензија месечно. Тоа е премалку за да се преживее во скапите големи градови како Минхен, Франкфурт или Штутгарт. За 4,2 милиони работници кои цел живот работеле во секторот на ниски примања токму така изгледа перспективата за старост. Тие од оваа пензија често мора да плаќаат станарина, да се хранат и да се снабдуваат со сѐ друго што им е неопходно. Дали е тоа праведно во земја во која приватното богатство минатата година достигна рекордни 5.977.000.000.000 евра?

Минимална пензија - сигурносна мрежа и знак на ценење на еден работен век

Актуелната влада на ЦДУ, ЦСУ и СПД во коалицискиот договор предвидува воведување минимална пензија за да се спречат вакви состојби. По 35 години работен стаж треба да се добива минимална пензија која ќе биде барем 10 проценти повисока од егзистенцијалниот минимум.

Министерот за труд Хубертус Хајл (СПД) сега наново ја разгоре дебатата околу минималната пензија. Тој презентираше предлог како треба да изгледа оваа сигурносна мрежа за вработените со долг стаж. Хајл сака секој кој работел доволно долго да добива пензија од најмалку 900 евра месечно. Притоа, би требало да отпадне проверката на неопходноста од помош од страна на државата за лицата кои не примаат доволно за да обезбедат егзистенцијален минимум. Тоа би заштедило пари за бирократија, вели мниистерот. Тој смета дека за финансирање на неговите планови се неопходни дополнителни средства од „средно висок едноцифрен износ во милијарди“.

Улрих Шнајдер, раководител на Сојуз на организациите и установите од социјалната и здравствената сфера, смета дека идејата за минимална пензија е „успешен почеток“. Во разговор за ДВ тој нагласува дека кај пензијата станува збор за признание на работниот век на човекот. „Таа не служи во прв ред за спречување на сиромаштијата, туку на сите мора да им даде чувство дека работата се исплати“, вели Шнајдер.

Помалку позитивни се реакциите од коалицискиот партнер. Конзервативците велат дека нема да поддржат „пензиска политика со канта за налевање“. И канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ) се јави за збор. Таа го потсети помалиот коалициски партнер СПД дека во коалицискиот договор минималната пензија е спомната, но дека не станува збор за безусловно плаќање без да се направи проверка на потребата од дополнителни средства за обезбедување егзистенцијален минимум.

Berlin Koalitionstreffen zu Rentenpaket | Hubertus Heil (picture-alliance/dpa/G. Fischer)

Кој работел напорно, треба да добие пензија од која ќе може да живее, смета министерот Хајл

„Минималната пензија е еден вид систем за поправка“

На Јоханес Гејер, експерт за пензиски прашања во Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) во Берлин, му се допаѓа предлогот на министерот за труд, но предупредува дека не треба да се имаат преголеми очекувања. Многу проблеми поврзани со праведноста ќе останат и по воведувањето на минимална пензија, смета тој.

Гејер во разговор за ДВ оценува дека најдобро средство за борба против сиромаштијата остануваат добрите плати во текот на работниот век. „Минималната пензија е еден вид систем за поправка, значи ако претходно сѐ минало лошо, на крајот ги поправаме малку последиците од кариерата во секторот со ниски плати.“

Реформите на пазарот на труд во 2000-те, кои се втиснати во колективната меморија на земјата под името Харц 4, според Гејер, не се почеток на нездравиот развој на состојбата во насока на сиромаштија на старост. „Податоците велат дека секторот на ниски плати бил пораснат уште пред воведувањето на Харц 4“, вели Гејер. Реформите на пазарот на труд Харц 4, со кои се намалени и структурно прилагодени социјалните услуги за оние кои заработуваат малку и за невработените, само го зголемиле и засилиле секторот на ниски примања.

Data visualization minimum wage in Europe vs poverty threshold

Само фер плати може да спречат сиромашни пензионери

Улрих Шнајдер затоа бара растечката старечка сиромаштија да не се решава само со пензиски концепти, туку и со концепти за пазарот на работа. Ако германската политика сака платата со полно работно време да води до пензија која ќе е доволна за егзистенција, тогаш минималната плата од сегашните 9 евра треба да се подигне на најмалку 12 или 13 евра за работен час. „Тоа би бил наредниот исправен чекор“, нагласува Шнајдер.

Сепак, претставникот на Сојузот на организациите и установите од социјалната и здравствената сфера, смета дека концептот на минимална пензија е апсолутно исправен и „во секое време“ финансиски можен. Шнајдер, меѓутоа, и покрај сѐ, е на мислење дека шансите за воведување минимална пензија во мандатот на актуелната коалиција се многу мали.

Министерот за труд Хајл, пак, сака неговата идеја да се преточи во закон уште пред летната пауза, а тој да стапи во сила од 1 јануари 2021 година. Во тоа, во моментов, би се кладел ретко кој во земјата.

DW.COM

Реклама