Многу повеќе од ″Goodbye″ | Свет | DW | 18.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Многу повеќе од "Goodbye"

Прошталната посета на Обама на Берлин беше планирана како средба на пријатели. Но, по изборот на Трамп за претседател, Обама се чини е во остварување на својата последна политичка мисија. Коментар на Сабине Кинкарц.

Барак Обама ја симпатизира Ангела Меркел. И повеќе: ја цени исклучително и тоа не го крие. Така беше и во текот на последната посета на американскиот претседател на Германија, во април годинава, а сега американскиот претседател во Берлин отиде дури и чекор подалеку, па рече дека на светската сцена во изминатите осум години не можел да си замисли покредибилен партнер. Канцеларката за него е сојузник и пријател. И, „Германците треба да ја ценат“.

Се разбира, Американците се познати по своите претерувања. Секогаш сѐ е одлично и прекрасно. Но, Барак Обама прво не е човек кој тежнее кон претерување, а второ треба да се потсети и дека „Њујорк Тајмс“ по изборот на Доналд Трамп ја прогласи Ангела Меркел за „последен бранител на слободниот Запад“.

Каде оди светот?

Во САД коцките се фрлени. Во Европа ќе бидат фрлени во 2017-та. Во Франција, Холандија и Германија се одржуваат избори. Во сите три земји десните популисти се во подем. Марин Ле Пен, Герд Вилдерс и Фрауке Петри слават поради победата на Трамп. Рускиот претседател Владимир Путин се радува со нив. Британците сакаат наредната година да го поднесат барањето за излез од ЕУ. Брегзит-застапникот Најџел Фараж веќе беше во посета на Доналд Трамп во Њујорк.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App

Сабине Кинкарц

Така ли ќе изгледа политичката иднина? Дали од 2017 година популистите ќе ја земат во свои раце судбината на светот? Барак Обама не сака да се помири со тоа. Пред американските избори тој предупредуваше од опасноста од избор на Трамп, а сега мора да биде прибран. Предавањето на власта мора да оди дисциплинирано и без проблеми - такви се правилата на игра во демократијата. Таа е силна, оценува претседателот. Со други зборови: САД преживеале и други работи.

Меркел како константа

Но, настрана од предавањето на власта и она што тој процес го наметнува, Барак Обама е во политичка мисија. Тој сака да го спаси она што сѐ уште може да се спаси, и притоа се потпира врз Ангела Меркел. Таа треба да помогне во тоа штетите во светот, кои се наѕираат, да останат во граници. Како „главен столб на меѓународната политика“ - и тоа е цитат на Обама - таа би била несоборлива константа. Оној кој знае како со Путин, би можел можеби да му се спротивстави и на Трамп.

Тоа мора да се има предвид, за славопојките на американскиот претседател на заминување на сметка на канцеларката да можат да се толкуваат вистински. Обама сака да ѝ даде поддршка на Меркел, да ја охрабри да се кандидира повторно за изборите во 2017-та. Истовремено, тој од германските граѓани бара повеќе да ја ценат Меркел. Обама знае дека канцеларката и шефица на ЦДУ во последната година загуби многу од поддршката. Обама вели дека не се меша во политиката на другите земји, но „кога би живеел овде, би гласал за нејзе“.

Ќе се кандидира ли?

А Ангела Меркел? Познато е дека канцеларката не е тип на човек кој видливо се радува на славопојки. За такво нешто таа е премногу трезвена. Најмногу што поднесува е пофалба и притоа само малку го мрда крајот на усните нагоре. Освен тоа, пофалбите на Обама се поврзани со тежок товар. Дали Ангела Меркел по 12 години на функцијата воопшто има сѐ уште сила да го брани слободниот Запад? Сила да им се спротивстави на „трамповите“, „ле пените“, „вилдерите“, „ердоганите“ и „путините“ во светот, па дури и да излезе како победник? Официјално Меркел не се изјаснила, дали ќе се кандидира и натаму е отворено. Многу време не ѝ преостана.

DW.COM

Реклама