Многујазичноста на ЕУ и бугарското непризнавање на македонскиот јазик | Северна Македонија | DW | 04.07.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Многујазичноста на ЕУ и бугарското непризнавање на македонскиот јазик

Кога би се прифатила формулацијата на Бугарија за македонскиот јазик, ЕУ би вклучила во своите акти рецидив од стариот империјалистички јазичен стремеж, повампирен денес во руската агресија врз Украина. Пишува Кица Колбе

Колку прифаќањето на апсурдното барање на Бугарија, во пристапните преговори со РСМакедонија  да го „патентира” во ЕУ-актите своето право на  македонскиот јазик како „дијалект на бугарскиот”,  директно би противречело на темелите врз кои почива ЕУ, станува јасно кога ќе се постави во контекст на  водечкиот императив на европското здружување -  „еднаквост во мноштво“ како разноликост на култури, религии и јазици. Кога би се прифатила формулацијата на Бугарија за македонскиот јазик, тогаш ЕУ би вклучила во своите акти рецидив од стариот  империјалистички јазичен стремеж,  повампирен денес во руската агресија  која  ја уништува Украина. Русија сака да ја „освои”  својата „света земја”  за која таа смета дека историски и‘ припаѓала затоа  што пред десет века на денешната украинска државна територија била некогашната „Киевска Рус”.

Со право ЕУ одговори на желбата на Украина за кандидатски статус, давајќи му сигнал на Путин дека ЕУ не толерира такво мислење. На истиот Самит,  ЕУ го занемари тој принцип кога го прифати условувањето од Бугарија за почетокот на преговорите со Македонија, дозволувајќи „бугарско објаснување” за тоа  „што е и чиј е” македонскиот јазик. А државата што  пројавува право на јазик на друг народ, всушност, пројавува  право  да го поседува ( или барем да го контролира) и народот  кој говори на тој јазик. Зашто, кому му припаѓа секој јазик? На неговите говорители! На македонски јазик говорат само Македонците. Тоа значи, прифаќањето на изјавата на Бугарија би имплицирала  дека Бугарија преку своето „генеалошко” право на  македонскиот јазик  како „дијалект на бугарскиот” го „патентира”  и своето право врз Македонците. Тоа директно противречи на  идејата на ЕУ.  Парадоксално, тогаш ЕУ на една страна, со кандидатскиот статус на Украина и Молдавија демонстративно ја одби Путиновата теорија на „рускиот свет” и на „руските свети земји”,   додека  попуштајќи  на бугарските барања за јазикот и историјата на  Македонците  дозволи  да влезе во нејзините акти изјава  кога говори за теоријата на  „бугарскиот свет”  и бугарските „свети земји”, која е јасно инспирирана од Путиновиот империјализам и историски ревизионизам.

-Други колумни од авторката: Животопис со книги - шифрите во нашите лични библиотеки

 ЕУ, всушност, се роди од желбата конечно во Европа да се надмине   идеологијата на „крв и почва“ (Blut und Boden) која кулминираше во Аушвиц, но и во колонијалната јазична  филозофија на поранешните „Големи европски сили”. Затоа Германија не се противеше на приемот на Австрија во ЕУ, иако Третиот Рајх ја  окупираше Австрија  (како што Бугарија ја окупираше Македонија) сметајќи дека тоа е германска земја и германски јазик, бидејќи Австријците зборуваат германски. Германија ја научи лекцијата од Втората светска војна и од надминувањето на нацизмот и не го негира австрискиот идентитет, (кој исто  беше легализиран по 1945), но на Бугарија очигледно таа лекција уште и‘ претстои. Идејата на Европа како обединување во мирољубив сојуз, настана токму од сознанието дека треба да се прекине   погубниот империјалистички стремеж на старите европски држави за освојување и владеење со помалите и помладите и да се промовира принципот на еднаквоста на државите и културите. ЕУ одамна ја живее многујазичноста, бидејќи јазикот на секоја членка е еднаков во сите аспекти и права со јазиците на останатите земји-членки. Тоа го гарантира картата на темелните права на европското здружување. Многујазичноста е основниот принцип на ЕУ, кој е зацртан во документот  за начинот на  нејзиното функционирање, во членовите 20 и 24, во Картата на темелните права  (членот 22) и во  прописот бр. 1-58 на Советот за регулирање на прашањето за јазикот. Сето тоа го изразува  фундаменталното кредо на ЕУ  - „обединети во разноликото мноштво”. Овие принципи на ЕУ имаат за цел да ја заштитат јазичната разноликост  ( што значи, самобитност на секој јазик) како најзначајното богатство  на Европа и на нејзините народи. Да се негира јазикот на еден народ е примитивен акт што противречи на самата идеја на писменоста и просветата, на културата и цивилизацијата воопшто. Јазикот и јазиците се жива материја, тие се длабоко поврзани со животот на една заедница, со неговиот дух и творештво. Срцето на јазикот на еден народ е неговата литература. Тој што го означува македонскиот јазик како свој „дијалект”  го навредува и достоинството на македонската литература и на јазично македонско творештво воопшто.

Deutschland Mazedonische Literatur auf der Frankfurter Buchmesse

Да се негира јазикот на еден народ е примитивен акт што противречи на самата идеја на писменоста и просветата, на културата и цивилизацијата воопшто

За да се зајакне демократското образование и да се избегне  индоктринација на учениците  преку националистичките историски наративи, во Германија неодамна се размислуваше за  реформа на  наставата по историја, која  во една замисла требаше да започнува со Француската револуција, затоа што идејата на модерна Европа како ЕУ  е резултат токму на таа револуција. Тоа значи дека денес да се расправа за тоа која националност имал Самоил или Карло Велики и од тоа да се извлекува заклучок за денешната национална свест на еден соседен народ, директно противречи на   духот на ЕУ и води во историски анахронизам. А тоа  Бугарија не само што го практикува, туку со внесувањето на историските прашања  во пристапниот процес, се воведува рецидивот на историскиот ревизионизам   во актите на ЕУ. Денешните Французи и Германци имаат право да го доживуваат Карло Велики во сопствениот културален и идентитетски контекст – како припадник на француската и на германската култура. Затоа што тој е значаен за двете историски и државни традиции. Такво толкување на Самуил би било „бласфемија” за бугарските историчари, но некој треба да ги потсети политичарите во Брисел дека Бугарите треба да ја научат и таа лекција – да споделуваат историја и личности. Но, споделена или преплетена историја не  е заедничка историја, затоа тогаш таа не е далеку од  сфаќањето „идентична”  ( што значи, непостоечка) во речникот на Путин.

-Други колумни од авторката: Името од Скопје на камена плоча во Бухенвалд

Руските и бугарските историчари уште го сфаќаат националниот идентитет како „крв и почва”, за разлика од  идентитетот како културално паметење, како што го разбира европскиот Запад. Јан Асман, прочуениот германски историчар, египтолог, кој заедно со сопругата Алајда Асман  е познат  како втемелувач на теоријата на културалното паметење, запрашан пред неколку години  што треба да направи Европа за да остане ѕвезда-водителка во  меѓународната заедница, одговори  дека  Европа одамна ја  изгубила таа улога, но таа денес требала да репрезентира нешто, што  само нејзе ја одликува. На прво место, Bildung -  не само како писменост и ученост, туку и како познавање на културата, на сопствената и на светската. Bildung е културално паметење, затоа што само општеството кое се сеќава може да се обновува, да се преобразува и да напредува. Вториот суштествен  аспект на Европа, смета Асман, се   јазиците. Европа требало да  стане континентот на многујазичноста. Европејците требало да говорат  најмалку шест јазика. Наместо да се инспирира од  ваквите визии во ЕУ, бугарската политика избра да го следи Путиновиот ревизионизам, кој е деструктивен не само за Украина, туку и за  самата Русија. Крајно време е да  им  го покажат на своите граѓани лицето на ЕУ кое го олицетворуваат луѓето со неверојатно образование како Јан Асман, кои зрачат со достоинство и со восхит за туѓата култура, со љубопитност за соговорникот и со  паметење и познавање на најубавите традиции на античката култура. Ние сме Европејци само кога го поседуваме тој дух, кој во восхит за дострелите на човештвото, ја прифаќа и почитува секоја култура и секој јазик. Македонците можеби се најкревкиот и најмалиот народ, но  тие сега имаат можност да покажат големина и да ги потсетат функционерите во Брисел дека, доколку и понатаму од опортунизам ја препуштаат Македонија на   бугарската анахрона политика,  тогаш   ќе бидат на најдобриот пат да  ги изневерат своите  императиви.

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Поврзана содржина