ММФ: На Западниот Балкан му е потребен инфраструктурен бум | Економија | DW | 08.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

ММФ: На Западниот Балкан му е потребен инфраструктурен бум

Патната инфраструктура на Западниот Балкан е автопат кон повисоки примања, оценува Меѓународниот монетарен фонд во анализата објавена денеска. На регионот итно му требаат инвестиции во инфраструктурата.

Западнобалканските држави имаат неразвиени транспортни, енергетски и телекомуникациски мрежи во споредба со просекот во ЕУ. Надминувањето на инфраструктурниот јаз ќе му помогне на регионот да се приближи до западно-европскиот животен стандард. Но од каде ќе дојдат парите за тоа? Потребно е засилено финансирање од домашни и странски извори, а подоброто планирање и имплементација на проектите за јавни инвестиции е императив, се наведува во денеска објавената анализа на Меѓународниот монетарен фонд.

Во повеќето од клучните сектори наведени во анализата Македонија е некаде во рамките на просекот на Западниот Балкан. Се оценува дека државата засега не е загрозена од висок јавен долг, како што е случај со Црна Гора и Албанија, но заедно со Србија е земја на која ќе и бидат потребни околу 15 отсто од БДП за да ги сервисира дефицитот и јавниот долг следната година.

Ударот на глобалната финансиска криза

Во анализата се констатира дека од почетокот на глобалната финансиска криза е забавен растот на платите во земјите од Западниот Балкан во однос на нивото на ЕУ, а регионот бележи бавен економски напредок. За да се намали јазот во стандардот на живот, земјите од регионот мораат да најдат начин да го забрзаат економскиот раст.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje (DW/P. Stojanovski)

Македонија е на дното според инвестициите во инфраструктурата

Според ММФ, недостатокот на основна јавна инфраструктура во регионот е најголемата пречка за повисок економски раст. Подобрувања во секторите на транспортот, енергетиката и телекомуникациите ќе помогнат во подигнување на продуктивноста, подлабока интеграција во глобалната трговија, и зголемување на атрактивноста на регионот за странски инвестиции.
Проценката на експертите на ММФ е дека преку координиран регионален инфраструктурен напор, заедно со подобро менаџирање на актуелните проекти, долгорочниот раст на реалниот БДП може да се засили за 3 до 4 процентни поени.

Јавни проекти без политизација

Она што им недостасува на земјите од регионот се буџетски ресурси и силна институционална рамка. Дополнително повеќето земји веќе имаат високо ниво на јавен долг, а некои и висок буџетски дефицит.
Според ММФ, сепак постои излез од оваа ситуација, па во таа насока Фондот дава неколку предлози:

Засилување на капацитетите за планирање, селектирање и изведување на инфраструктурни проекти, со што ќе се обезбеди подобро користење на ресурсите кои се на располагање, но и ќе се зголеми можноста на регионот да апсорбира финансии од донатори.

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid (DW/K. Delimitov)

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид запна поради проблематичното проектирање.


Најважно, се наведува во анализата, инфраструктурните проекти не смеат да бидат жртви на политизација.
Притоа, државите треба да најдат начин да штедат на трошоци за да најдат ресурси за скапи проекти. Владите, предлага ММФ, треба да си го прошират просторот за маневрирање со проширување на даночната база, меѓудругото и со елиминирање на исклучоци и даночни олеснувања.
Во ММФ сметаат дека во развојот на инфраструктурата на Западниот Балкан поголема улога треба да игра надворешното финансирање, а домашните ресурси да служат за сервисирање на потребите на приватниот сектор. Земјите од регионот со висок јавен долг треба да се концентрираат на донации, мултилатерално и билатерално финансирање врз база на концесии.

Последната препорака од ММФ до земјите од Западниот Балкан е да не ја загрозуваат сопствената макроекономска стабилност со преамбициозни или слабо реализирани инфраструктурни проекти.

 

DW.COM

Реклама