1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Ratko Mladic Porträt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Младиќ - за едни херој, за други воен злосторник

Самир Хусеиновиќ
20 ноември 2017

Со изрекувањето првостепена пресуда за Ратко Младиќ оваа недела, Хашкиот трибунал може да ја разреши „дилемата“ на поделената јавност во БиХ- дали бившиот командант на војската на Република Српска е херој или злосторник.

https://www.dw.com/mk/%D0%BC%D0%BB%D0%B0%D0%B4%D0%B8%D1%9C-%D0%B7%D0%B0-%D0%B5%D0%B4%D0%BD%D0%B8-%D1%85%D0%B5%D1%80%D0%BE%D1%98-%D0%B7%D0%B0-%D0%B4%D1%80%D1%83%D0%B3%D0%B8-%D0%B2%D0%BE%D0%B5%D0%BD-%D0%B7%D0%BB%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%80%D0%BD%D0%B8%D0%BA/a-41451201

Некогашниот командант на Армијата на Република Српска, Ратко Младиќ, на 11. јули во Сребреница пред камерите буквално ги најави злосторствата над цивилите во т.н. „сигурна зона“ на ОН. „Еве нѐ во српска Сребреница. Во пресрет на уште еден голем српски празник, на српскиот народ му го подаруваме овој град. Конечно, дојде моментот да им се одмаздиме на Турците на овој простор,“ рече Младиќ. Во Поточари кај Сребреница, тој лично се ангажираше во присилната депортација на цивили. „Не плашете се, само полека. Прво нека одат жените и децата. Ќе дојдат 30 автобуси и ќе ве пренесеме кон Кладањ.“ 

Во обвинението се наведува дека Младиќ командувал со силите на „босанските Срби“ кои го тероризираа Сараево,  при што и самиот бирал цели за артилерискиот оган: „Да се удри на Велешиќи и на Пофалиќи. Таму нема многу српски жители“, забележано е во еден тонски запис. Бившиот командант на ВРС се товари и за тоа што во текот на интервенцијата на НАТО во 1995. година за заложници зел стотина припадници на силите на Унпрофор. Обвинителството го смета за одговорен и за злосторства во Босанска Краина каде, по примерот на праксата од некои поранешни војни, била оформена мрежа од концентрациони логори за цивили низ кои поминале десетици илјади луѓе.

Balkan - Konflikt zwischen Kosovo und Serbien - Gedenkfriedhof
Сребреница - раните уште не се заздравениФотографија: Getty Images/AFP/E. Barukcic

Нови докази и аргументи на одбраната

Во овој предмет се очекува утврдување на индивидуалната вина на Младиќ и неговата командна одговорност за злосторствата кои му се ставаат на товар, иако тој како член на злосторничкиот потфат е споменат во неколку пресуди, вклучувајќи ја и неправосилната пресуда за Радован Караџиќ. Новинарката од БХРадио 1, Мирела Хуковиќ-Хоџиќ потсетува дека за злосторствата за кои се товари  Ратко Младиќ, хашките судии, за мнозинството точки од обвинението веќе се имаат изјаснето преку пресуди во поранешни предмети. „Жртвите се надеваат дека овојпат, етничкото чистење во неколку босанско-херцеговски општини во 1992. година, би можело да се оцени како геноцид. Во ниедно судење досега Обвинителството тоа не успеа да го докаже. Во случајот на Младиќ, обвинението за геноцид во Приједор во 1992. година е поткрепено со докази за приједорската масовна гробница, Томашица. Во поранешните предмети тие докази не беа разгледувани, зашто беа откриени подоцна“, вели Хуковиќ-Хоџиќ за Дојче веле.

Одбраната го бранеше Младиќ од обвиненијата загеноцид во Сребреница  со негово алиби. Ќе биде интересно да се види како тоа ќе го третира Судскиот совет, вели Хуковиќ-Хоџиќ . „Имено, одбраната тврдеше дека Младиќ од 14. јули вечерта па до 17. јули бил на преговори во Белград, но Обвинителството смета дека тоа не го амнестира од одговорност за масовните убиства извршени во тој период.“

Mann blickt Fahndungsplakate Radovan Karadzic und General Ratko Mladic in Sarajevo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Политички тензии во регионот?

Во поглед на здравствената состојба на обвинетиот, Судскиот совет на Хашкиот трибунал ги отфрли сите барања на одбраната за неговата процесна способност. Мирела Хуковиќ-Хоџиќ вели дека на Младиќ може да му се изрече пресуда и во случај тој да не се појави на нејзиното изрекување. „Такви случаи имаше и порано. Иако првостепена, оваа пресуда испраќа порака дека правдата е бавна, но достижна. Младиќ 16 години се криеше од Трибуналот, а беше уапсен кога најголем дел од жртвите загуби надеж дека тој било кога ќе се соочи со тешките обвинувања“, вели Хуковиќ-Хоџиќ. Таа стравува од тоа што пресудата против Младиќ може да ги подигне политичките тензии во БиХ и во регионот, да ја засили реториката и да ја покаже поделеноста на општеството во БиХ, каде некои во Младиќ гледаат херој, а за некои тој е воен злосторник.

Извршниот директор на Хелсишкиот комитет за човекови права Бранко Тодоровиќ, смета дека првостепената пресуда против Ратко Младиќ веројатно нема да предизвика други реакции во регионот од оние веќе видените при изрекувањето на поранешни хашки пресуди. „Властите во Република Српска и српските националистички кругови во регионот по кој знае кој пат ќе ја повторат приказната за Хашкиот прибунал како нелегитимен, пристрасен, правно невтемелен, антисрпски и слично, сѐ со цел за добивање наклоност за изборите во 2018. година. Медиумите под контрола на власта во РС веднаш ќе почнат со потсетување на судски процеси против бошњачки и хрватски лица, во согласност со распространетото мислење во тој ентитет дека за воени злосторства се казнуваат само Срби“, вели Тодоровиќ  за ДВ.

Пропуштени шанси за соочување со злосторствата

Тодоровиќ смета дека и Хашкиот трибунал и други меѓународни организации требаше да направат многу повеќе за приближување на хашките судења кон локалните заедници, посебно кон средините во кои се извршени злосторствата. Затоа, вели тој, за многумина во БиХ овие судења изгледаа далечни, нестварни, како нешто „ни на небо ни на земја“. „И тоа е една од причините поради кои целосно изостана соочување на јавноста со страшните злосторства поради кои извршителите или налогодавачите одговараат пред Хашкиот трибунал“, истакнува Тодоровиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Енергетската криза во фокусот на македонската политика

Мицкоски: И јавните претпријатија на регулираниот пазар

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница